Николоски:За четири години над четири милиони евра дотација за развој на Општина Василево
- И по следните парламентарни избори ние предвидуваме огромни средства да се слеваат директно во општините. Имено, планираме околу 250 милиони евра од капиталните расходи од Буџетот секоја година да доаѓаат во општините и тие да бидат распоредувани рамномерно според бројот жители во секоја општина и според економскиот перформанс. Тоа значи дека во рок од четири години некаде над четири милиони евра ќе влезат тука во општината само од Буџетот директно како дотација со што ќе може општината да се развива и да работи на нови проекти кои ќе бидат од корист на граѓаните.
Василево, 14 март 2024 (МИА) - И по следните парламентарни избори ние предвидуваме огромни средства да се слеваат директно во општините. Имено, планираме околу 250 милиони евра од капиталните расходи од Буџетот секоја година да доаѓаат во општините и тие да бидат распоредувани рамномерно според бројот жители во секоја општина и според економскиот перформанс. Тоа значи дека во рок од четири години некаде над четири милиони евра ќе влезат тука во општината само од Буџетот директно како дотација со што ќе може општината да се развива и да работи на нови проекти кои ќе бидат од корист на граѓаните.
Ова го изјави потпретседателот на ВМРО - ДПМНЕ, Александар Николоски денеска на предавањето во употреба на реконструираниот Дом на културата во Василево.
Николоски за време на посетата на општина Василево истакна дека имајќи предвид дека станува збор во земјоделски крај очигледна е исклучително лошата состојбата во земјоделието во изминатиов период, а политиките на владата демотивираат се повеќе земјоделци.
-Гледаме една катастрофа и само за 5 до 6 години се преполови обработливото земјиште во државата. Тоа е пред се резултат на лошите политики во делот на субвенционирање, се промени целосно начинот што демотивираше голем број земјоделци да работат. За жал голем дел од нив видов во Швајцарија при мојата посета кај нашата дијаспора, изјави Николоски.
Додаде дека тие земјоделци кои се од овие краиште наместо да си гледаат среќата во својот дом, иселени се во странство.
- Состојбата е катастрофална, иселувањето е масовно и тоа е нешто на кое интензивно ќе работиме после парламентарните избори, додаде Николоски.
Одговарајќи на новинарско прашање за набавката на 45 возила на службата за општи и заеднички работи, тој нагласи дека се работи за масовна пљачка и криминал на Владата во заминување, но и предупреди да внимаваат сите оние кои потпишуваат и се вплеткани во коруптивните шеми бидејќи ќе сносат одговорност.
-Се работи за едно расипништво, се работи за криминал. Не се само овие 45 возила кои што ги набавува Владата. Исто така да ја потсетам јавноста дека електрани на Македонија, ЕЛЕМ, во услови кога во Македонија струјата е екстремно скапа набави возила во вредност од милион и пол евра така што од една страна да им ги кревате сметките за струја на граѓаните за два пати некаде и до три пати а од друга страна за милион и пол евра да набавувате возила само говори за какви бандити се работи. Сакам да ги предупредам и оние таканаречени економски оператори или фирми кои што ги добиваат овие тендери пет пати да отворат очи пред да ги потпишат и десет пати да отворат очи пред да го дадат процентот кој што им го бараат раководителите од државните институции конкретно во случајот од ЕЛЕМ или од Владата, затоа што за се имаме сознанија и за се ќе има одговорност и нема да одговараат само носителите на јавни функции туку ќе одговараат и управителите и сопствениците на фирми кои што влегуваат во вакви коруптивни шеми, нагласи Николоски.рт/цр
Фото: МИА