„Предисторијата на Балканот“ - конференција од сферата на археологијата и културното наследство
- „Предисторија на Балканот“ е насловот на 9-та конференција на Центарот за истражување на предисторијата што ќе се одржи онлајн со учество на археолози од земјава, Европа и пошироко.
Скопје, 13 септември 2023 (МИА) - „Предисторија на Балканот“ е насловот на 9-та конференција на Центарот за истражување на предисторијата што ќе се одржи онлајн со учество на археолози од земјава, Европа и пошироко.
Конференцијата, која речиси една декада, традиоционално се одржува при крајот на годината, на едно место собира еминетни стручњаци од сферата на археологијата и културното наследство, кои ќе ги презентираат и дискутираат најновите сознанија добиени во рамки на тековните истражувања.
-Оваа година на конференцијата учествуваат околу четериесетина археолози од Велика Британија, Германија, Шпанија, Франција, Австрија, Соединетите Американски Држави, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Грција, Бугарија, Албанија и Македонија. Тие преку петнаесетина реферати, на овој онлајн настан ќе ги презентираат своите истражувања во рамки на предисториската археологија и ќе ги елаборираат резултатите поврзани со локалитетите на Балканот, како и околината во која тие се наоѓаат. Освен претставувањето на резултатите од теренските ископувања, учесниците на овогодишната конференција исто така ќе говорат за теориските поимања на хронологијата и општествата во неолитот, природното опкружување и рововите со кои се обградувале тогашните населби, керамиката и алатките што ги изработувале, сточарството и земјоделството, наколните живеалишта во бронзеното време, како и погребувањата во железното време, наведуваат организаторите.
Во рамки на конференцијата ќе биде промовиран и најновиот Зборник на трудови на Центарот за истражување на предисторијата, чиешто издавање е подржано од Министерството за култура. Во него се сумирани рефератите од минатогодишната конференција „Предисторијата на Балканот“, која се одржа во Охрид.
-Во таа насока, оваа конференција е редок научен настан во кого традиционално секоја година се претставува предисториското културно наследство на Балканот и се дискутираат формите и методите на негово проучување. Овој настан во голема мера придонесува кон зацврсување на комуникацијата меѓу балканските и европските археолози и отвора нови перспективи за меѓународни соработки. На тој начин, предисториското културно наследство станува попристапно до сите стручњаци во регионот и се добиваат можности за негово поодговорно истражување, како и за потемелно толкување, посочуваат од Центарот за истражување на предисторијата. вг/са/