• петок, 22 ноември 2024
На денешен ден
13 август 2022 (МИА)   1624.- Францускиот крал Луј Тринаесетти го поставил за прв министер кардиналот Арман Жан ди Плеси Ришелје. 1899.- Во Лентостаун, во близина на Лондон, е роден Алфред Џозеф Хичкок, британски филмски режисер. Светска слава доби со филмовите од криминалистичкиот жанр, страв и ужас. Најпознати филмови: „Триесет и девет скали“, „Тајниот агент“, „Човекот кој многу знаеше“, „Ребека“, „Аферата Парадин“, „Птици“, „Психо“ и други. Умрел во Лос Анџелес, на 29 април 1980 година. 1903.- Во месноста Мечкин Камен, близу до Крушево, македонскиот војвода Питу Гули го распоредил својот одред и со куршуми ги пречекувал јуришите на турската војска. Во епопејата на Мечкин Камен херојски загинале Питу Гули, двајцата негови знаменосци Ѓорѓи Димев и Нове Смугре и 40-тина македонски востаници. Питу Гули е роден во Крушево, во 1865 година. 1906.- Кај Влашките колиби на Кожуф, во борба против андардите, загинал Лука Иванов, македонски револуционер и војвода, учесник во Илинденското востание. Како војвода дејствувал во Воденско, Костурско, Ениџеварско, Кичевско и во Крушевско. Роден бил во Панаѓуриште, Бугарија, 1880 година. 1912.- Умрел Жил Масне, француски композитор. Компонирал 20 опери, главно со лирска тематика, од кои најпознати се „Мантон“, „Вертер“ и „Дон Кихот. Роден бил на 12 мај 1842 година. 1916.- Во Ресен е роден Радослав К. Петковски, македонски писател. Основна тема на неговите дела е животот на луѓето што се борат за основна егзистенција. Главни негови дела се збирките раскази „Рибарот Климе“ и „Рашанец“. Умрел во Охрид, на 26 октомври 1955 година. 1923.- Мустафа Кемал Паша, наречен Ататурк (татко на Турција) станал прв претседател на Турската Република. Учествувал во движењето на младотурците. Во Битола завршил виша воена школа, а во Цариград Генералштабна академија и бил еден од активните борци против султанската автократија. Како претседател на Турската Република спровел прогресивни реформи. Роден бил во Солун, во 1881 година, а умрел во 1938 година. 1936.- Во селото Велгошти, Охридско, е роден Живко Чинго, македонски раскажувач, романсиер и драматург. Неговите збирки раскази „Пасквелија“, „Нова Пасквелија“, романите „Сребрените снегови“, „Големата вода“, драмите „Образов“, „Ѕидот, водата“ и други, му овозможиле едно од врвните места во современата македонска проза и драмска литература. Умрел во Охрид, на 11 август 1987 година. 1951.- Кај селото Дорломбос на планината Беласица, со образложение на тогашната власт дека сакаат да бегаат преку граница, убиени се петте струмички студенти, членови на ВМРО, и тоа: Мирко Пецев, Борис Белев, Стево Топчев, Ѓорѓи Јарамов и Ѓорѓи Костуранов. Во 2016 година, инспириран од нивното геозоморно убиство, беше премиерно изведен македонскиот игран филм „Златната петорка“ на режисерот Горан Тренчевски. 1961.- Затворена била границата меѓу Источен и Западен Берлин кај Бранденбуршката капија, што било најава за изградба на Берлинскиот ѕид. 1995.- Во Софија умрел Симеон Гугуловски, македонски оперски уметник и солист на Операта при МНТ во Скопје. Роден бил во Солун, во 1941 година. 2001.- Во Скопје бил потпишан Охридскиот рамковен договор, политички документ за решавање на кризата во Република Македонија. Документот го потпишале претседателот на Република Македонија, Борис Трајковски и четворицата партиски лидери - на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ДПА, Арбен Џафери и на ПДП, Имер Имери. На потпишувањето на документот присуствувале и високи меѓународни претставници. 2003.- Либија се согласила да исплати 2,7 милијарди долари на семејствата на 270 луѓе кои загинале во експлозијата на бомба во авионот на компанијата „Пан Америкен“ над Локерби во Шкотска, во 1988 година.   ###

Остани поврзан