• петок, 22 ноември 2024
МИА Радио флеш

3 октомври 2024

- Парламентарната делегација предводена од претседателот на Собранието Африм Гаши, денеска ја продолжува посетата на Анкара, Турција.

Во состав на делегацијата, како што информира собраниската прес-служба, се Бејџан Иљас, претседател на пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на Република Турција,  членовите на оваа група Никола Мицевски и Мерита Колчи Коџаџику, како и пратениците Оливер Спасовски и Беким Сали.

- Собранието денеска треба да го одржи продолжението на 16-тата седница на чиј дневен ред има уште три неразгледани точки.

Пратениците денеска треба да ги разгледаат Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација и  Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, двата по скратена постапка.

- Во Собранието денеска седници ќе одржат Комисијата за финансирање и буџет, Законодавно-правната комисија и Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.

На дневен ред на Комисијата за финансирање и буџет и Законодавно-правната комисија се две точки - Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација, по скратена постапка и Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, со европско знаме и по скратена постапка.

- Магистралниот пат Битола-Прилеп, кај клучката „Лагово“ е затворен за сообраќај. Како што соопшти АМСМ, сообраќајот е затворен поради сообраќајна незгода во 8:00 часот.

- Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Арбен Таравари денеска ќе ја посетат поликлиниката „Идадија“, каде е инсталиран нов апарат за магнетна резонанца.

Апаратот е набавен со финансиски средства од Здравствениот дом - Скопје во вкупна вредност од 83.455.500 ден. Како што се наведува во информацијата од владината прес-служба, апаратот е во функција од 17 јули годинава.

- Со Свечена академија во големата сала на Филхармонија во Скопје вечер Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” ќе одбележи 75 години од своето основање.

Според агендата на свечената академија, поздравни обраќања ќе имаат премиерот Христијан Мицкоски, деканот на Градежниот факултет Горан Марковски и ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Биљана Ангелова. 

- Пред 29 години на 3 октомври беше извршен атентат врз првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров, кој го преживеа со тешки повреди на главата. На местото на атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден телохранителот на Глигоров, Илчо Теовски. Како последица од повредите почина и случајниот минувач Христо Христоманов, а беа повредени и Климе Коробар и Јован Атанасовски.

Истрагата утврди дека атентатот бил добро подготвен и организиран. Остана непознато кој стоел зад атентатот, а истражната постапка која се води против непознат сторител се уште е отворена.

- Можност за отповикување од функцијата градоначалник и воведување комунална полиција се новините што треба да бидат содржани во новиот закон за локална самоуправа, што вчера ги најави министерот за локална самоуправа Златко Перински. 

Актуелниот Закон за локална самоуправа, кој е стар над 20 години, нема можност за отповикување од функцијата градоначалник поради што избраните градоначалници остануваат на функцијата до крајот на мандатот. Според Перински, треба да се интервенира во Законот преку широк консензус и да се слушнат и интернационални експерти. 

- Уставниот суд денеска ќе одржи јавна расправа по барањето на лидерот на „Левица“ Димитар Апасиев против поранешниот претседател на Собранието Талат Џафери. 

Во барањето, Апасиев наведува дека бил дискриминиран по политичка припадност и дека Џафери не постапил согласно Законот за референдум, одлучил сам по Предлог-барањето на Апасиев, наместо да го предаде на Законодавно-правната комисија и до претседателот на матичното работно тело. 

- Московскиот окружен арбитражен суд вчера ги замрзна средствата на американската „Банк оф Њујорк Мелон“, во сопственост на руската филијала на „Ситибанк“, како и на банката „ЈП Морган Чејс“, во сопственост на руската филијала на банката, во износ од близу 372 милиони долари.

Во одлуката на судот се вели дека мерката ја побарал заменик-јавниот обвинител „за заштита на интересите на Руската Федерација“ во врска со одземањето од страна на Централната банка на Украина на лиценцата на „Ем Ер Банк“ и плановите за нејзино затворање до 2025 година. Банката „Ем Ер“ е украинска филијала на најголемата руска банка „Сбербанк“.

-  Русија ја поддржува политиката на Кина во Азија, вклучително и критиките на Пекинг за напорите на САД за проширување на влијанието во Азиско-тихоокеанскиот регион и „намерните обиди“ на Вашингтон да ги поттикне тензиите околу Тајван, изјави шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.

Тој, во интервју за „Росијскаја газата“ по повод 75-годишнината од воспоставување на дипломатски односи помеѓу Москва и Пекинг, наведе дека Русија и Кина имаат слични ставови во „процената на ризиците поврзани со обидите на Западот да го прошири своето влијание во азиско-пацифичкиот регион“.

- Руска наведувана бомба доцна синоќа погоди петкатна станбена зграда во Харков, предизвикувајќи пожари и ранувајќи најмалку 10 лица, соопштија локалните власти.

Претседателот Володимир Зеленски рече дека тоа е последен во долгата низа напади врз градот и ја нагласи потребата за поголема помош од западните поддржувачи на Украина. -За да ги запре руските напади, Украина мора да добие доволна помош од светските партнери, рече тој.

- Европската комисија испрати барања до Јутјуб, Снепчет и ТикТок да и достават дополнителни информации за дизајнот и начинот на функционирање на нивните системи за давање препораки на корисниците. 

Барањето е испратено согласно Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДГА), кои ги обврзува онлајн платформите да преземат мерки за намалување ризиците кои произлегуваат од нивните системи за препораки, вклучително и оние кои може да влијаат на менталното здравје на корисниците и кои се поврзани со ширењето на штетни содржини. 

- Мексикански војници отворија оган врз камионет што се обидел да ја избегне контролата при што убија шест лица. Возилото превезувало 33 мигранти, соопшти мексиканското Министерство за одбрана.

Во инцидентот повредени се 10 мигранти во близина на градот Хуикстла, во близина на границата со Гватемала. Групата била составена од државјани на Египет, Непал, Куба, Индија и Пакистан, но мексиканската армија не ја наведе националноста на загинатите мигранти.

- Министерката за надворешни работи на Австралија, Пени Вонг изјави дека Владата резервирала 500 места во комерцијалните летови за австралиските државјани и нивните семејства на 5 октомври да го напуштат Либан.

Таа посочи дека резервирани се два лета од Бејрут за Кипар, потенцирајќи оти место во авионите ќе има само за австралиските државјани и нивните семејства.

- Специјалниот советник Џек Смит, кој го истражува случајот против Доналд Трамп за обид за незаконска промена на резултатите од изборите во 2020 година, во документот објавен денеска тврди дека републиканецот дејствувал во својство на кандидат и затоа не може да има корист од претседателскиот имунитет. 

Во обемниот документ од 165 страници, во голема мера преработен за да се зачува анонимноста на сведоците, а претставен минатата недела на судијката Тања Чуткан, обвинителот Смит има намера да ја докаже приватната природа на дејствијата за кои се гони поранешниот републикански претседател.

- Претседателот на САД Џо Бајден одобри испраќање на 1.000 војници да помогнат во санирање на последиците од ураганот Хелена во погодените региони.

Во соопштението на Белата куќа се наведува дека војниците ќе „поддржат дистрибуција на храна, вода и други животно важни ресурси“.
Распоредувањето на војската исто така ќе „обезбеди дополнителни човечки ресурси и логистички капацитети, овозможувајќи на ФЕМА и другите меѓуресорски партнери што побрзо да стигнат до најпогодените области“.

- Истоварот на стотици контејнери со кафе во пристаништата на источниот брег на САД е запрен поради штрајкот на работниците, што дополнително ја влошува веќе и така скромната понуда на кафе во земјата.

Локални медиуми известуваат дека работниците во 36 пристаништа објавиле штрајк поради недоволни плати и загриженост за губење на работни места поради планираната автоматизација.

-Најмалку 16 лица загинаа, а десетици се водат како исчезнати откако брод со речиси 300 патници потона во северна Нигерија, соопштија вчера локалните власти.

Патниците, од кои повеќето жени и деца, патувале во оддалеченото село за прославата на роденденот на пророкот Мухамед, познат како Мавлид Набави, кога се случила несреќата, изјави Абдулахи Баба Арах, шеф на државната агенција за помош во Нигер.

- Државниот секретар Ентони Блинкен имаше  разговор со новоименуваниот генерален секретар на НАТО Марк Руте, при што му честиташе за преземањето на функцијата, соопштија синоќа од американскиот Стејт департментот.

-Државниот секретар Блинкен и генералниот секретар Руте разговараа за непосредната и долгорочната поддршка на Украина од страна на САД и НАТО, вклучувајќи го спроведувањето на Програмата за безбедност и обука на НАТО за Украина, со цел да и се помогне да се одбрани денес и да спречи руска агресија во иднина, се наведува во соопштението.

- Министерот за надворешни работи на Либан, Абдала Бу Хабиб, откри дека лидерот на Хезболах, Хасан Насрала, прифатил 21-дневно примирје, предложено од САД и Франција, само неколку дена пред да биде убиен во силен израелски напад на Бејрут.

Во интервју за Си-Ен-Ен, Бу Хабиб потврди дека Либан бил подготвен за примирје, по консултации со Хезболах и дека биле известени САД и Франција.

- Европскиот парламент соопшти дека започнува проверката за судир на интереси на предложените нови еврокомесари. Проверувањето ќе го изврши парламентарната комисија за правни прашања и се очекува да заврши до 18 октомври.

ЕП посочува дека проверките се спроведуваат на затворени состаноци, а резултатите ќе бидат објавени по завршувањето на проверката за сите кандидати. Изјавите на кандидатите за нивните интереси ќе бидат објавени по крајот на проверката и пред почетокот на сослушувањата во парламентарните комисии. Кандидатите треба да наведат дали се наоѓаат во судир на интереси во однос на идните задолженија во Европската комисија.

 

Остани поврзан