• понеделник, 15 декември 2025

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

  13  мај 2025

 

 

Брисел - Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска во Брисел учествува на редовниот годишен Економски и финансиски дијалог меѓу ЕУ и регионалните партнери, на кој присуствуваат претставници на членките на Унијата и на земјите од Западниот Балкан, на Грузија, Молдавија, Турција и на Украина. 

Економскиот и финансиски дијалог е годишен состанок на ЕУ и партнерите посветен на прашања од сферата на економската политика. 

Скопје - Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска ќе учествува на панел дискусија во рамки на 14-от годишен Самит на Македонија 2025.

Јаневска ќе зборува на панелот на тема „Образование на иднината: градење лидери, мислители и иноватори“ на кој ќе зборуваат и Клариса Бехар Молар, директор во Adizes Executive Education и Арбен Јусуфи, извршен директор и коосновач на Леорон институтот.

Скопје - Во Собранието денеска седници ќе одржат комисиите за образование, наука и спорт, за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и Законодавно-правната комисија.

На дневен ред на Комисијата за образование, наука и спорт се Предлог-измените на законите за основно образование, средно образование и за високо образование, сите во прво читање. 

Скопје – Во организација на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи (КОЗРГ), денеска верските лидери во земјава ќе потпишат Декларација против насилен екстремизам.

Како што стои во соопштението на МЦМС, верските заедници се меѓу клучните чинители во превенцијата и спречувањето на насилниот екстремизам, бидејќи присуството и активностите со граѓаните кои положуваат доверба кон нив, можат да бидат од голема полза во зајакнувањето на заедниците како целина.

Скопје - Лидерот на Демократското движење и еден од лидерите на коалицијата „Влен“ Изет Меџити по излегувањето на Алијанса на Албанците на Арбен Таравари од владината коалиција напиша дека Влен продолжува по патот на промената.

Во објава на „Фејсбук“, Меџити напиша дека Таравари не ја напуштил Владата, туку ја предал. 

- Ти не донесе промена. Ти не се враќаш кон народот. Ти се враќаш кон црната листа. Ти не ја напушташ Владата. Ти ја предаде Владата, напиша Меџити.

Скопје - Од 07:30 часот во прекин е сообраќајот на патниот правец Берово-Виница кај селото Будинарци.

Причина за прекинот, како што соопшти Авто мото сојузот на Македонија, е сообраќајна незгода. 

Скопје - Во Основниот кривичен суд Скопје денеска треба да биде изречена пресудата за случајот со прегазувањето на Фросина Кулакова, откако на судењето што почна на 9 овој месец обвинетиот Васил Јованов призна вина за делото „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ за сообраќајката што се случи во јануари годинава на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.

Скопје - Регионалниот центар за управување со кризи соопшти дека ноќеска на булеварот „Видео Смилевски-Бато“ било запалено патничко возило. 

Противпожарната бригада на Град Скопје информираше дека интервенирале со тројца пожарникари и едно противпожарно возило. 

Материјалната штета се проценува на околу 9.000 денари. 

Скопје - Променливото време со повремени врнежи од дожд ги одржува земјоделските култури во активна состојба, со доволно влага во почвата, но претставува и своевиден ризик за појава на плевели, болести и штетници поради големата релативна влажност на воздухот, велат агрометеоролозите од УХМР.

Поради тоа препорачуваат производителите да посветат поголемо внимание на заштита на посевите.

Според агрометеоролозите, новите врнежи прогнозирани за оваа недела ќе придонесат за дополнување на вештачките акумулации.  

Скопје – Со интерактивната танцова претстава „Myselves“ на француската група „K-Danse“ вечерва во Македонскиот народен театар ќе биде затворено 21. издание на Танц Фест реализирано во соработка со Францускиот институт во Скопје.

Како што стои во соопштението на Францускиот институт во Скопје, танцовата претстава е дијалог меѓу танчерот и неговите повеќекратни идентитети, која ги вкрстува современиот танц и дигиталната уметност.

Скопје – Во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб денеска ќе биде отворена изложба на македонската графичарка Менче Спировска, насловена „Менче Спировска – Визуелна фасцинација со Загреб“. 

Како што информираат од македонскиот КИЦ во Загреб, изложбата се реализира во рамки на програмата по повод 145-годишнината од постоењето на Музејот на уметност и занаети – Загреб, каде ќе бидат претставени речиси непознати дела за хрватската јавност, создадени во 1950-тите години во Загреб.

Белград - Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, синоќа пристигна во официјална посета на Србија, пречекан од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, јави дописникот на МИА од Белград.
„Го пречекав претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, со кого ќе имам можност да разговараме за клучните прашања за односите меѓу Србија и Европската унија, како и за предизвиците со кои се соочуваме на тој пат“, напиша Вучиќ на својот Инстаграм профил.

Брисел - Со своите шест милијарди евра Инструментот за реформи и раст за Западниот Балкан е главен механизам за забрзување на економската конвергенција на земјите од регионот во ЕУ, уште пред нивното зачленување во блокот, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос во обраќањето на размена на мислења за Инструментот со членови на комитетите за надворешни работи (АФЕТ) и за буџет на Европскиот парламент.  

Москва - Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, и неговиот турски колега, Хакан Фидан, телефонски разговараа вчера за предлогот на рускиот претседател Владимир Путин за директни преговори меѓу Русија и Украина оваа недела во Турција, објави руското Министерство за надворешни работи.

Брисел - Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте од денеска до четврток ќе престојува во посета на Турција, во чии рамки ќе учествува и на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на Алијансата. 

Како што соопшти Прес-службата на НАТО, Руте денеска ќе отпатува за Анкара, каде ќе има средба со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган. 

Тел Авив – Израелската Влада одобри продолжување на преговорите во Доха за ослободување на заложниците, при тоа истакнувајќи оти Израел е посветен на рамковниот предлог на американскиот пратеник за Блиски Исток, Стив Виткоф.

Рамковниот предлог предвидува примирје околу 40 дена во замена за ослободување на преостанатите 25 живи израелски заложници, кои Хамас ги држи во Појасот Газа.

Њујорк - Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, синоќа го поздрави ослободувањето на последниот жив израелско-американски заложник од Газа.

„Генералниот секретар го поздравува ослободувањето на Едан Александар, американско-израелски државјанин кој беше заложник во Газа од 7 октомври 2023 година. Нему му олесна што Александар е слободен и се враќа кај своето семејство, изјави портпаролот на Гутереш, Стефан Дужарик.

Дамаск – Сирискиот лидер Ахмед ал Шара нема да присуствува на Самитот на Арапската лига во Багдад, поради тоа што тој се бореше и беше затворен во Ирак.

Самитот на Арапска лига ќе се одржи претстојниот викенд, а сириската делегација ќе ја предводи министерот за надворешни работи Асад ал Шибани.

Самитот на Арапска лига е посветен на обнова на Појасот Газа и палестинското прашање.

Вашингтон - Американското истражно биро (ФБИ) им наредило на своите агенти да го зголемат времето посветено на случаите поврзани со илегалните имигранти и да ги намалат истрагите за т.н криминал на „бели јаки“.

На повеќе состаноци, агентите биле известени дека ќе треба да посветат околу една третина од своето време за помош на администрацијата на Доналд Трамп во справувањето со илегалната имиграција. Им било речено дека истрагите поврзани со криминалот на „белите јаки“ ќе бидат намалени приоритетно барем до крајот на 2025 година, изјавија анонимни извори. Така наречениот криминал на „бели јаки“ е термин што го опишува криминалното однесување на луѓе со висок социјален и професионален статус, кои ги злоупотребуваат својата служба, авторитет или позиција во економски или институционален контекст.

Канбера - Австралискиот премиер Ентони Албанезе положи заклетва за втор мандат заедно со министрите, откако обезбеди убедлива победа на изборите.

Лабуристичката партија на Албанезе успеа да ја искористи реакцијата на гласачите против глобалната нестабилност, предизвикана од политиката на американскиот претседател Доналд Трамп, за да победи на изборите на 3 мај.

Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски го потпиша законот со кој се ратификува економскиот партнерски договор меѓу Украина и САД.

Статусот на законот, кој беше синоќа објавен на онлајн порталот на Врховната Рада, парламентот на Украина, е ажуриран, наведувајќи дека е вратен со потпис на Зеленски.

Вашингтон - Американскиот државен секретар Марко Рубио разговараше со европските партнери за „понатамошниот пат за прекин на огнот“ во Украина, соопшти Стејт департментот.

Тој имаше разговор со министрите за надворешни работи на Франција (Жан-Ноел Баро), на Германија (Јохан Вадефул) на Полска (Радослав Сикорски), на Велика Британија Дејвид Лами.

Тел Авив - Израелскиот министер за енергетика Ели Коен синоќа изјави дека планот на американскиот претседател Доналд Трамп за дислокација на Палестинците од Појасот Газа „останува на маса“.

Говорејќи за израелскиот јавен радиодифузер КАН, Коен рече дека таканаречениот план за „доброволна миграција“ предложен од Трамп се следи и понатаму.

Пекинг – Трговската размена помеѓу Кина и Јужна Америка, првпат минатата година се искачи на повеќе од 500 милијарди долари, изјави кинескиот претседател Си Џинпинг на Форумот Кина – ЦЕЛАЦ (The Community of Latin American and Caribbean States).

Си во говорот на Форумот во Пекинг со претставниците на Заедницата на земјите од Јужна Америка и Карибите наведе дека е големо задоволство да се соберат „старите и новите“ пријатели.

Тој наведе дека Кина го поддржува проширувањето на влијанието во државите од Јужна Америка и Карипскиот басен.

Вашингтон - Група од 59 белци (африканери) од Јужна Африка пристигнаа синоќа на аеродромот Дулс во близина на Вашингтон со чартер лет финансиран од владата на САД, откако добија бегалски статус од администрацијата на претседателот Доналд Трамп.

Африканери се нарекуваат потомците на холандски доселеници кои живеат во Јужна Африка. Групата замина од Јоханесбург во неделата навечер и во Вашингтон тие беа пречекани од американски официјални лица. Тие ќе добијат  храна и детски намирници, а Католичката епархија на Вирџинија ќе понуди помош при нивното сместување, дознава Ен-пи-ар.

Брисел – Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) денеска ќе гласа по извештаите за Црна Гора и Молдавија за 2023 и 2024 година на известувачите Марјан Шарец, односно Свен Миксер. 

На ова заседание, членовите на АФЕТ требаше да се изјаснат и по извештајот за земјава на известувачот Томас Вајц, но гласањето е одложено поради, како што образложија од кабинетот на австрискиот европратеник, поклопување на распоредите со другите политички партии.  

Мексико Сити – Вооружени лица убија кандидатката за градоначалник на владејачката партија во мексиканската држава Веракруз. Во инцидентот загинаа уште четири лица.

Есенија Лара Гутиерес од партијата Морено беше нападната на 11 мај во Тексистепек, при што се повредени три лица.

Тоа е второ убиство во Веракруз на кандидат за градоначалник пред локалните избори, што се закажани на 1 јуни.

Остани поврзан