МИА Општински пул
- МИА Општински пул
10 декември 2025
Кочани - Гадоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов денеска изврши увид на состојбите во инфраструктурата во селото Тркање. Заедно со претставници од Секторот за градежно земјиште и со советничката од Тркање Милена Јанева, посетија неколку клучни локации во населеното место, информира локалната самоуправа.
При теренската посета, со претставници на Месната заедница Тркање, Грозданов разговараше за приоритетните проекти неопходни за подобрување на инфраструктурата и на условите за живеење во Тркање.
Според планирањата, се наведува во информацијата, наскоро ќе се отпочне со поставување канализација, а во програмите за развој, за наредната година се влезени и активности за бетонирање и асфалтирање на неколку улици.
Градоначалникот најави дека Општината ќе продолжи активно да работи на реализација на договорените активности
Битола - Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) со седиште во Битола, денеска упати потсетување до пелагониските земјоделци дека до 25 декември може да поднесат барања за финансиска поддршка во органското производство.
Во изјава за МИА, раководителот на ПЕ на МЗШВ во Битола, Стојан Христовски истакна дека со финансиската поддршка опфатени се повеќе мерки, како и дополнителни директни плаќања за подмерките на МЗШВ.
-Сакам да ги известам земјоделците дека може да ја искористат финансиската поддршка за преработка на органски производи и органски производи во преод од домашно сточарско и растително потекло.Тоа е поддршка од 10 насто од вредноста на произведените и продадени производи, до 150.000 денари по оператор и 30.000 денари по сертифициран органски производ од растително и сточарско производство, за не повеќе од 5 преработени производи. Поддршка има и за трговија или маркетинг на свежи и преработени органски производи и органски производи во преод од домашно потекло, како и посебни директни плаќања за стручна контрола и сертификација, односно 50 насто од трошоците за добиен сертификат издаден од овластено тело во 2025 година. Во финансиската поддршка вклучени се и посебни директни плаќања за анализа на производ кај земјоделски стопанства, изјави Христовски.
Демир Капија - Близу 30 пријави за дигитално насилство пријавиле девојки и жени од Вардарски регион за нецели три години, соопштија денеска од организацијата на жени „Женско лоби“ од Демир Капија.
- Според податоците добиени од Министерството за внатрешни работи-СВР Велес, во периодот од 1 јануари 2023 до 15 октомври 2025 година, поднесени се 28 пријави од жени и девојки – жители на териториите на општините Велес, Кавадарци, Неготино, Росоман, Градско и Демир Капија за случаи во кои биле жртви на дигитално насилство. Од нив, два случаи се однесуваат на уцена, 17 на злоупотреба на лични податоци, осум на загрозување на сигурноста и еден случај се однесува на ширење на ксенофобичен материјал. Жртвите се жени и девојки на возраст од 15 до 60 години, појасни за МИА, Менче Николова, претседателка на организацијата.
По сите пријави, СВР Велес и ОВР Кавадарци постапиле и доставиле соодветни поднесоци до Основното јавно обвинителство во Велес и Кавадарци.
Николова информираше за овие податоци, во рамките на денешната акција за подигнување на свеста за дигиталното насилство врз девојките и жените. Таа додаде дека акцијата ја реализираат заедно со други женски граѓански организации.
Куманово - Изложбата „Реминисценции“ новата ера на креативните дела од кумановскиот ликовен уметник Страхил Петровски ќе биде отворена на 30 декември во Галерија МЦ Њујорк. Делата се работени на големи индустриски хартии и цртежи со помали димензии работени во комбинирана техника во бои (белата, црвената и црна).
Според Сандра Деспотовиќ, кустос и историчар на уметноста кога се перципираат делата на Петровски се слуша прогресивен рок и се открива одраз на современиот свет закотвен во борбите со идентитетот и значењето. Страхил, преку фрагментација, што само по себе е потрага или нов почеток, деконструкција или игра – на среќа, првенствено се резултат на вештина и иновација. Уметноста на Петровски, која е боја во служба на поетски, недостижен или речиси недостижен, апстрактен и инсталационен карактер, зрачи со духот на конфликтот со можноста за значење во свет по незамислив ужас. Светот по ужасот се појавува како единствениот можен свет што успеваме да го создадеме и да го задржиме. Ние продолжуваме да пишуваме поезија и продолжуваме да сликаме. Во новите светови, во свет без стабилни идентитети, во свет на непостојани идентитети, каде е тоа што го бараме и каде го наоѓаме значењето и дали воопшто го наоѓаме?, пишува Деспотовиќ.
Кураторот наведува дека сегашните и претходните дела на Петровски прикажуваат свест за оваа изгубеност, затоа во фрагментацијата, тој бара единство. Неговите дела ја откриваат неподготвеноста на современиот човек да се справи со современите и вечните проблеми. Димензиите-возвишеност. Уметникот преку делата создава простор за гледачот да стане сведок на сопствената перцептивна криза, го повикуваат да со соочи со модерното јас, огледало испукано од медиумска конфузија, недостиг на критичка мисла и вртлог на идентичностите, но и нуди критички импулс потребата за бунт и преобразба. Делата ја враќаат свеста дека трагедијата, корупцијата, општествените пукнатини и личните сомнежи не се крај, туку почеток на ново читање на стварноста.
Скопје – Зачестеното сајбер-насилство, онлајн вознемирување, кражби на идентитети и дигитална експлоатација насочени кон младите жени во спортот, беа тема на дводневниот состанок во организација на Националната мрежа на спортски лидери што се одржа во Скопје како дел од проектот „Сајбер-безбедност за жените спортистки”.
Здруженија од Македонија, Србија, Естонија и Бугарија со експертиза од спортскиот и технолошкиот сектор се обединија во Еразмус спорт проектот што официјално започна со состанок на сите партнерски организации, на кој беа поставени темелите за една година исполнета со влијателна соработка чијшто координатор е Националната мрежа на спортски лидери.
-Проектот има за цел да ги опреми спортистките, тренерите и спортските организации со знаење, алатки и самодоверба за безбедно онлајн присуство. „Безбеден спорт" е иницијатива кофинансирана од Erasmus+Sport, посветена на справување со еден од најбрзо растечките предизвици во спортскиот сектор: дигиталната безбедност на жените спортистки.
За време на иницијалниот состанок, партнерите ги претставија своите организациски профили, ги разгледаа целите, резултатите и временската рамка на проектот, усогласувајќи ги своите улоги за претстојните месеци, со детални презентации на планираните активности и задачи како: изработка на прирачник за сајбер-безбедност за интегрирање на дигиталната безбедност во спортското образование, обуки за тренери и едукатори за спроведување активности за сајбер-безбедност на локално ниво, социо-спортски сесии за повеќе од 300 млади спортистки за зајакнување на нивната дигитална отпорност и активности за подигнување на свеста за побезбедни дигитални средини во спортските заедници, информира Јован Камчев од Националната мрежа на спортски лидери.
Скопје - Општина Кисела Вода е првата скопска општина која доби целосна 360° виртуелна презентација, преку новиот дигитален проект „Општина Кисела Вода НА ДЛАНКА - 360°“. Проектот претставува современ начин на претставување на општината, кој овозможува граѓаните, учениците, посетителите и туристите виртуелно да се движат низ Кисела Вода и да ги истражуваат најзначајните образовни, културни, спортски и духовни локации. Со над 500 панорами снимени од воздух и од земја, меѓусебно поврзани во интерактивна прошетка, корисниците добиваат реалистично искуство и информации за секоја локација.
Оваа иновативна алатка има и значајна образовна улога, бидејќи може да се користи во наставата по историја, географија и други предмети. Виртуелната прошетка им овозможува на учениците полесно да ги разберат содржините што ги изучуваат. Од туристички аспект, проектот создава силен потенцијал за промоција, овозможувајќи им на посетителите однапред да ја запознаат понудата на општината.
Виртуелната тура е достапна бесплатно на www.macedoniafromabove.mk/kiselavoda, а поставена е и на официјалната веб-страница на Општина Кисела Вода, со што општината станува подостапна за секој што сака да ја истражи, без разлика дали се наоѓа во Македонија или во светот. „Виртуелна Кисела Вода“ е проект реализиран со финансиска поддршка од Општина Кисела Вода преку конкурсот за поддршка на уметници, културни работници и здруженија. Истиот е дел од националниот проект „Македонија на дланка – 360° визуелен водич“, најголемата дигитална платформа за промоција на природните, културните и историските богатства на државата, која постојано се надградува со нови локации.
Скопје - Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги повика сите жители да присуствуваат на буџетскиот форум за 2026 година, кој ќе се одржи денеска во 19 часот, во ООУ „Димитар Миладинов“.
Како што информират од општината форумот претставува можност граѓаните директно да се запознаат со општинските политики, да предложат проекти и идеи што ќе придонесат за подобрување на условите за живеење и да бидат дел од оформувањето на буџетот за наредната година.
-Заедно со граѓаните реализиравме голем број успешни и значајни проекти, а така ќе биде и во наредниот период. Ги поканувам центарци да ги дефинираме приоритетите што ќе придонесат за развој на нашата општина, вели Герасимовски.
На форумот, како што соопштуваат од Општина Центар, ќе учествуваат раководителите од општинската администрација, претставниците на месните и урбаните заедници, претставници на невладиниот сектор, како и сите жители што сакаат активно да учествуваат во формирањето на општинскиот буџет.