МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
12 ноември 2024
Скопје - Од Авто мото сојузот на Македонија утринава информираа дека сообраќајот кон Пониква и кон селото Бели се одвива непречено по една коловозна лента.
Од страна на граѓани, како што стои во соопштението од АМСМ, е најавено дека единствено до депонијата ќе бидат пропуштени возила од јавното комунално претпријатие Водовод од Кочани, но не и возила од други општини.
Скопје - Претседателот на Владата Христијан Мицкоски и сопственикот и менаџер на Бреинчајлд, Ралф Хенинг Гросел ќе потпишат договори за државна помош за два одделни инвестициски проекти коишто ќе бидат реализирани паралелно од два правни субјекти.
Бреинчајлд е компанија формирана како заедничко вложување на група инвеститори од Германија и Холандија кои креираат глобален производител на висококвалитетна спортска опрема за спортови на вода и ветер. Производите вклучуваат крила, едра и дополнителна опрема за летање и сурфање на вода.
Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски денеска ќе биде домаќин на актуелниот претседавач на ОБСЕ, заменик претседателот на Владата и министер за надворешни работи и трговија на Малта, Јан Борг.
Според агендата, Муцунски и Борг ќе одржат тет-а-тет средба, по која е предвидена и пленарна мултилатерална средба, како и заедничка прес-конференција.
Скопје - Претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангелоски, денеска и утре, ќе учествува на регионален инвестициски форум во „Инвест Српскa" што ќе се одржи во Јахорина.
Форумот се одржува во организација на Инвестициско-развојната банка на Република Српска, во соработка со Владата на Република Српска и со поддршка на претседателот на Република Српска, Милорад Додиќ.
Скопје - Во Собранието денеска е закажана седница на Комисијата за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање со единствена точка на дневен ред - Информација за незаконското именување на директор на Агенцијата за национална безбедност поднесена од пратеници од опозициската СДСМ.
Пратениците на СДСМ го оспоруваат именувањето на директорот на АНБ Бојан Христовски. Сметаат дека Владата не ги почитувала одредбите од законот во кој се пропишани условите за избор на директор на АНБ.
Скопје - Буџетскиот совет на Собранието на Република Северна Македонија денеска ќе одржи седница.
На дневен ред на седницата е Предлог - одлуката за давање согласност за изменување на Буџетот на Собранието на Република Северна Македонија за 2024 година.
Скопје - Во посета на Собранието денеска ќе бидат поранешни конгресмени и службеници од Конгресот на САД, претставници на Меѓународниот републикански институт од Вашингтон и претставници од Канцеларијата на ИРИ во земјава.
Тие ќе остварат средба со претседателот на Собранието, Африм Гаши и потпретседателите на Собранието Антонијо Милошоски, Весна Бендевска и Јован Митрески, а потоа и со генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска и заменик-генералните секретари на Собранието Никола Ѓошевски, Бобан Стојаноски и Ибуш Јусуфи.
Скопје - Под мотото „E-commerce: Untangling Potential”, денеска во Националната опера и балет во Скопје ќе се одржи седмото издание на Конференцијата за е-трговија.
Еминентни експерти од големите светски брендови ТикТок, Опен АИ (креаторот на Чет ЏПТ), Кларна, Заландо, Виза, но и претставници од едни од најуспешните регионални бизниси ќе бидат дел од најавената програма кои преку предавања, панел дискусии и разговори ќе ги пренесат своите експертизи и искуства од областа на е-трговијата, вештачката интелигенција, дигитализацијата и дигиталниот маркетинг.
Скопје - Комисијата за еднакви можности меѓу жените и мажите денеска треба да одржи две седници. Во рамки на првото продолжение од втората седница, Комисијата ќе одржи јавна расправа за рамноправноста на жените од руралните средини преку нивна инклузија на пазарот на труд.
Скопје - Собранието денеска треба да ја започне 19. седница на која на дневен ред се триесетина точки, меѓу кои избор на двајца членови на Државната изборна комисија, верификација на мандат на пратеник, избор на членови за собраниски тела и други органи, неколку закони по скратена постапка, во прво и во второ читање.
На седницата треба да бидат донесени одлуки за именување претседател, потпретседател, членови и заменици членови на Националниот совет за евроинтеграции, на Управниот одбор на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор, на Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надвор во втор степен, на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, на Комисијата за заштита на конкуренцијата и на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации.
Скопје - Во организација на Меѓународниот балкански универзитет денеска ќе се одржи настанот „Перспектива за заедничка иднина“, на кој ќе се разговара за процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ и односите меѓу ЕУ и Турција.
Настанот ќе се одржи во кампусот на Меѓународниот балкански универзитет, а како што е најавено, ќе опфати воведни обраќања, тематски говори и панел дискусии, со присуство на државни и дипломатски претставници, како и експерти од областа на европските интеграции.
Скопје - Трипартитни договори за соработка во рамки на проектот „Инклузија на децата Роми во јавните општиски установи - детски градинки“ меѓу Министерството за социјална политика, демографија и млади, општините и јавните општински установи-детски градинки ќе бидат потпишани денеска во Скопје.
На потпишувањето на договорите ќе се обрати министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани.
Скопје - Во рамки на програмскиот сегмент „Зимски МакеДокс“, во Кафе и кино „Котур“ вечерва ќе биде прикажан документарниот филм „Нема да исчезнеме“ на режисерката Алиса Коваленко.
Како што соопштија од МакеДокс, „Нема да исчезнеме“ (Украина, Франција, Полска / 2023 / 100’) следи група тинејџери од Донбас, кои се на прагот на зрелоста и имаат сон да го освојат светот. Иако оддалеку татнат пукотници и експлозии, тие не губат надеж и решаваат да го следат својот сон да патуваат, кој на крај се претвора во реалност.
Скопје - Во КСП Јадро вечерва ќе се одржи премиерата на краткиот уметнички филм „Панталоните“ од мултидисциплинарниот уметник Крсто Глигорјадис.
Преку ритуалот на облекувањето панталони, овој филм го истражува патот кон преземање лична и колективна одговорност – суштината на човекот потребна на ова општество.
Скопје - Во Десинг салата во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје вечерва ќе се одржи премиера на претставата „Снег“ од Максанс Фермин на Независниот театар „Штрих“. Претставата е во режија на Зоја Бузалковска.
Како што посочуваат, „Снег“ зборува за себепотрагата и за љубовта. Таа го следи патот на младиот поет Јуко Акита до себеси и до боите во неговите снежнобели хаику стихови. На тоа необично патување до разгатнувањето на тајните на уметничката креација, Јуко открива прекрасна, љубовна историја, нежна и суптилна, која засекогаш ќе го промени неговиот живот.
Скопје - Во Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска ќе се одржи трибина „Книжевни дијалози“.
Дијалозите ќе се водат за двете книжевни изданија - „Уметноста на дијалогот“ од Ана Јовковска и „Книжевноста низ критичка визура“ од Ана Мартиноска, коишто отвораат повеќе прашања за литературата денес, за спрегата на критиката и уметноста, за ангажираното писмо и за други книжевни теми и дилеми.
Штип - Во организација на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ од денеска до четврток во Штип ќе се одржуваат Денови на млади истражувачи.
Настанот почнува денеска со дебата на тема „Климатските промени – реалност или мит?“.
Белград - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека луѓето се загрижени за несреќата во која загинаа 14 лица на Железничката станица во Нови Сад и дека бараат одговорност и побара од членовите на Владата на Србија да покажат одговорност, наведувајќи дека мора да го покажат тоа и да направат разлика, пренесе Бета. „Знам дека некои луѓе намерно не поднесоа оставка, или не им беше дозволено да поднесат оставка пред тој митинг (протест во Нови Сад) за да не се каже дека тоа е направено под притисок на некој друг. Сега е вашата шанса, покажете морална и политичка одговорност“, изјави Вучиќ за РТС од Баку.
Рим - Програмата на италијанската премиерка Џорџа Мелони за спроведување на процесот на проверка на барателите на азил во Албанија, надвор од границите на Европската унија, синоќа повторно наиде на пречка - суд во Рим одби да донесе одлука за формалното барање седум мигранти да бидат сместени во прифатен центар во Албанија.
Тие мигранти, некои од Бангладеш, а некои од Египет, беа однесени во Албанија минатата недела, а по одлуката на судот веднаш ќе бидат вратени во Италија со воен брод.
Баку – Десетици лидери денеска ќе се обратат на Конференцијата на ОН за климатски промени, меѓу кои и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Претставници од речиси 200 држави присуствуваат на Самитот познат како КОП29, што почна вчера во главниот град на Азербејџан, Баку. Тие ќе разговараат за тоа како да се контролира климатската криза и да се ублажат последиците почести и големи поплави, циклони, шумски пожари, топлотни бранови и суши.
Самитот, исто така, има за цел да одговори на новите финансиски обврски за сиромашните земји кои се особено погодени од климатските промени.
Хаг - Десетици луѓе вооружени со палки и петарди вчера запалија трамвај во Амстердам, соопшти холандската полиција, наведувајќи дека се зголемиле тензиите во градот по минатонеделната насилна пресметка меѓу навивачите на израелскиот фудбалски клуб Макаби и амстердамски Ајакс.
Полицијата соопшти дека пожарот во трамвајот бил брзо изгаснат и дека единиците за контрола на немири го расчистиле квартот во кој се случил инцидентот.
Берлин - По претседателските избори во САД и падот на германската коалиција, истражување објавено денеска покажа дека 73 отсто од Германците веруваат дека Германија треба да инвестира повеќе во европската безбедност.
Но, истражувањето, нарачано од фондацијата Кобер, покажа дека 58% не сакаат Германија да преземе лидерска улога, доколку САД се повлечат на меѓународно ниво.
Берлин – По распадот на владејачката коалиција на левиот центар во Германија, Комисијата на Бундестагот за испитување прашања поврзани со изборите денеска ќе одржи состанок на кој ќе се дебатира за датумот за одржување нови парламентарни избори.
Според администрацијата на Долниот дом на германскиот Парламент, на состанокот се очекува да присуствува и федералната изборна функционерка Рут Бранд, која претходно предупреди дека јануари или февруари 2025 година е прерано за одржување избори.
Берлин – Припадниците на германската служба за државна безбедност уапсија 17-годишно момче во градот Елмшорн во провинцијата Шлезвиг-Холштајн, кое е осомничено дека планирал терористички напад за време на божиќниот саем.
Според весникот Билд, врз основа на следење на комуникациите, уапсениот Германец по потекло од Турција, планирал со камион да влета во луѓето на божиќниот саем.
Тел Авив - Израелската армија денеска соопшти дека четворица војници загинале во борбите против милитантната група Хамас во понеделникот во Појасот Газа.
Убиените војници служеле во баталјонот Шимшон на бригадата Кфир, објави Тајмс оф Израел.
Вкупниот број на загинати израелски војници од почетокот на војната во Газа, по загинувањето на овие четворица војници, се искачи на 375.
Тел Авив - Новиот израелски министер за одбрана Израел Кац изјави вчера дека по израелските воздушни напади врз иранските системи за противвоздушна одбрана, иранските нуклеарни објекти се „поранливи од кога било“.
-Иран денес е повеќе од кога било изложен на заканата од уништување на неговите нуклеарни постројки. Постои можност да ја постигнеме најважната цел - да ја спречиме и отстраниме заканата од уништување што виси над државата Израел, рече Кац за време на првата средба со членовите на Генералштабот на израелската армија (ИДФ).
Баку - Глобалната акција за климатските промени „е силна и ќе опстане“ и покрај реизборот на Доналд Трамп, кој вети дека ќе се повлече од Парискиот договор, изјави денеска шефот на ОН за климата.
„Многу од вас известуваа за климатските импликации на политичките настани во последните недели. Само ќе го кажам ова: нашиот процес е силен. Тој е робустен и ќе издржи“, им рече Сајмон Стил на новинарите на разговорите за КОП29 во Баку.
Тбилиси - Грузиската претседателка Саломе Зурабишвили, кој е во расправија со владата, повика вчера на нови парламентарни избори, откако владејачката партија Грузиски сон победи на изборите во октомври кои опозицијата ги осуди како наместени.
Прозападната опозиција во оваа кавкаска земја одби да ги признае резултатите од парламентарните избори, кои завршија со победа на партијата Грузиски сон, обвинета за авторитарна и проруска пристрасност.
Сеул - Северна Кореја го ратификуваше одбранбениот договор со Русија, со што е потврдено нивното зближување поради руската војна во Украина, јави денеска севернокорејската агенција КЦНА.
Договорот беше ратификуван во форма на декрет потпишан од севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун во понеделникот, додаде КЦНА.
Минатиот викенд Кремљ објави дека рускиот претседател Владимир Путин потпишал договор за меѓусебна одбрана.
Париз - Националната единица за борба против хулиганизмот на француската влада гледа потенцијал за големи немири околу натпреварот од Лигата на нации меѓу Франција и Израел и мечот го прогласи од најголем ризик.
Повеќе од четири илјади полицајци и безбедносни лица се повикани да го одржуваат редот и законот во Париз, а особено во областа „Стад де Франс“ каде што ќе се игра натпреварот.
Франција, исто така, стравува од неконтролирани насилни демонстрации против израелскиот тим поради војната на Блискиот Исток.
На натпреварот се очекува да присуствува францускиот претседател Емануел Макрон.
Торино - Германскиот тенисер Александар Зверев синоќа го победи Русинот Андреј Рубљев со 6:4 и 6:4 во меч од групната фаза на завршниот АТП турнир во Торино.
Оваа победа беше 50-та за 27-годишниот Германец остварена над противник од топ-10. Тој стана првиот играч роден по 1990 година со вакво достигнување.
Во Б-групата покрај Рубљов и Зверев, се и Шпанецот Карлос Алкараз и Норвежанецот Каспер Руд.
А-групата ја сочинуваат Јаник Синер (Италија), Тејлор Фриц (САД), Данил Медведев (Русија) и Алекс Де Минаур (Австралија).