• понеделник, 25 ноември 2024
МИА Радио флеш

19 ноември 2024 

Скопје - Американската амбасадорка Анџела Агелер упати честитка за изборот на Радмила Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО.

-Чеситки до Радмила Шекеринска идниот заменик-генерален секретар на НАТО, како и до премиерот Христијан Мицкоски и за Владата на Северна Македонија што ја поддржаа нејзината кандидатура. Моќен доказ за стручноста и искуството на Шекеринска и на улогата на Македонија како ценет сојузник на НАТО и партнер на САД, напиша Агелер на мрежата Х.

Скопје -  Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани е назначен за национален координатор за спроведување на Реформската агенда со заклучок усвоен на денешната седница на Владата на Република Северна Македонија.

-На Седницата, исто така, беше утврден предлог – Моделот за формирање на структура за спроведување на Инструментот за реформи и раст, кој произлегува од Регулативата на ЕУ 2024/1449 за воспоставување на Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан, со која пак се дефинира Реформската агенда на Северна Македонија, како и од нацрт-Договорот за инструментот за реформи и раст и нацрт-Договорот за заем, информираат од Владата.

Скопје - Претседателот на Независниот синдикат на здравствени работници Боби Бојчевски, денеска во име на членството јавно изрази благодарност до премиерот Христијан Мицкоски и до Владата за постигнатиот договор со синдикатите во здравствениот сектор за измени во колективниот договор што овозможува зголемување на платите за вработените во здравствениот систем.

Според Бојчевски, станува збор за едно од најголеите покачувања на платите на сите вработени во здравствениот сектор.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека ќе присуствува на Саемот на вино „Винска визија на Отворен Балкан“ што ќе се одржи викендов во Белград, но оти нема договорено средба со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

-Таква средба нема најавено. Мислам дека претседателката се сретна (со Вучиќ) во Азербејџан на настанот ЦОП 24 што се одржан во Баку. Инаку нема такви иницијативи. Ако мислите на патувањето коешто ќе биде како резултат на посетата на Саемот за вино, којшто ќе се одржи сега, петок и сабота, каде што ќе се претстават десетици македонски производители, бидејќи го прават, според мене, најубавото вино на светот таму, на којшто сум поканет од страна на македонските винарии. Да, ќе присуствувам и ќе бидам покровител на македонската вечер, но нема најавено средба со претседателот Александр Вучиќ, рече Мицкоски на новинарско прашање дали наскоро ќе има средба со српскиот претседател, на прес - конференцијата во Владата по постигнатиот договор за покачување на платите во здравството со синдикатите.

Скопје - Потпретседателот на Владата на РС Македонија и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ оствари работна средба со Елена Младеновска-Јеленковиќ, извршен директор на здружението „Вина од Македонија“. Двајцата соговорници на средбата, а во пресрет на третата по ред  „Винска визија – Отворен Балкан“ што од 22 до 24 ноември се одржува на Белградскиот саем, зборуваа на тема претставување на домашните изложувачи на Саемот, како и унапредување на винската индустрија во регионот, со цел успешна презентација и интеграција на вината од Македонија и регионот во глобалната и европска економија, соопштија од неговиот кабинет.

Воедно, на средбата станало збор и за потенцијалите на македонската винска индустрија, како и за надминувањето на проблемите со кои се соочуваат домашните производители. 

Скопје - Бизнисот очекува  што е можно побрзо Владата да ги договори условите за унгарскиот кредитсо комерцијалните банки, порача денеска претседателот на Сојузот на стопанските комори на Македонија – ССК Трајан Ангелоски и додаде дека македонската економија треба да добие поддршка.

Истакна дека унгарскиот кредит во однос на рочноста е поповолен од комерцијалните, а добра му е и каматата од 3,25 проценти. Банките, додаде, си ги гледаат и штитат своите интереси, а Владата треба да гледа малку пошироко и да го застапува јавниот интерес.

Скопје - До крајот на јануари ќе заврши целокупната експропријација за патните делници од коридорите 8 и 10д што треба да ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“, најави денеска вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски.

-Откако беше потпишан договорот со „Бехтел и Енка“ пред скоро две години до мојот избор за министер прогресот беше некаде околу 25 проценти, а за овие шест месеци ќе се завршат вкупно 75 проценти што многу зборува за посветеноста. За најтешката делница Гостивар-Букојчани до август беа завршени околу 400 постапки за експропријација од вкупно 1.290 кои треба  да се завршат. Останатите ќе ги завршиме за пет до шест месеци и до крајот на јануари ќе заврши целокупната експропријација во делот на коридорите 8 и 10д со исклучок на делот од коридорот кој зафаќа во делот од заштитената зона на Охридското Езеро, рече Николоски во одговор на прашање

Скопје - По Нова година ќе излеземе со условите и начинот на кој младите брачни двојки ќе можат по поволни услови да учествуваат на проектот „Купи куќа за млади“, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски. 

-Сакам да најавам дека од следната година, ќе почнеме да го развиваме проектот „Купи куќа за млади“ кој треба да им овозможи на многу млади брачни двојки да се стекнат со сопствен дом по исклучително поволни услови.  Затоа ги спремаме плановите и после Нова година ќе излеземе со конкретни предлози во кои општини ќе може тоа да се реализира и на кој начин ќе можат младите брачни двојки да добијат поддршка и помош за сопствен дом, изјави министерот Николоски на настанот во организација на Сојузот на стопански комори поврзан со иновативни решенија за паметни домови.

Скопје - Потпретседателот на Владата на РС Македонија и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ оствари работна средба со Елена Младеновска-Јеленковиќ, извршен директор на здружението „Вина од Македонија“. Двајцата соговорници на средбата, а во пресрет на третата по ред  „Винска визија – Отворен Балкан“ што од 22 до 24 ноември се одржува на Белградскиот саем, зборуваа на тема претставување на домашните изложувачи на Саемот, како и унапредување на винската индустрија во регионот, со цел успешна презентација и интеграција на вината од Македонија и регионот во глобалната и европска економија, соопштија од неговиот кабинет.

Воедно, на средбата станало збор и за потенцијалите на македонската винска индустрија, како и за надминувањето на проблемите со кои се соочуваат домашните производители. 

Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска се сретна со амбасадорот на Република Австрија, Мартин Памер. На средбата беше потврдена одличната соработка помеѓу двете земји и секако министерствата за внатрешни работи, како и заедничката посветеност кон регионалната и глобалната безбедност, борбата против криумчарењето на луѓе и илегалната миграција, против тероризмот и сајбер криминалот како едни од приоритетните области.

Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, особено била истакната соработката со Фронтекс на нашата јужна граница во чиј состав има австриски полициски службеници.

Скопје - Во Собранието повторно не се одржа седницата на Комисијата за социјална политика, демографија и млади откако претседателката Илире Даути, повикувајќи се на член од Деловникот, одби да го стави на гласање предлогот на Јованка Тренчевска од СДСМ како прва точка на дневен ред да бидат измените на законот за бранители. 

Даути, која е пратеничка од АА дел од Европскиот фронт, повикувајќи се на член 176 од Деловникот на Собранието повтори дека времето за ставање на дневен ред на Комисијата на овој закон, кој ја мина потребата за донесување на пленарна седница, е поминато. 

Анкара - Турските воздушни напади во североисточна Сирија погодена од суша оставија повеќе од милион луѓе без струја и вода, што според експертите може да претставува кршење на меѓународното право.

Турција изврши повеќе од 100 напади меѓу октомври 2019 и јануари 2024 година на нафтени полиња, гасни постројки и електрани во автономната управа на северна и источна Сирија (ААНЕС), која е под контрола на Курдите. 

Брисел - Европската Унија донесе одлука да одвои околу 5 милијарди евра во рамки на нејзината програма Еразмус+ наменети за поддршка на студентска размена во странство и за партнерства за соработка во образованието, обуката, младите и спортот во 2025 година и објави конкурс за проекти за учество во распредлбата на овие средства.

Право на учество на конкурсот со свои проекти имаат и јавни и приватни институции од сферата на образованието, обуката, младите и спортот од Северна Македонија, која е опфатена со програмата Еразмус+ заедно со сите 27 членки на ЕУ, трите држави од ЕФТА – Исланд, Лихтенштан и Норвешка, како и Србија и Турција.

Лондон - Велика Британија санкционираше 10 руски функционери и младински организации поврзани со државата, обвинувајќи ги за вмешаност во систематски обид за индоктринација на украинските деца.

„Ниту едно дете не треба да биде искористено како пион во војна. Наспроти тоа, дејствијата на претседателот Путин против украинските деца покажуваат колку далеку тој ќе оди за да ја постигне својата мисија да ја избрише Украина и нејзиниот народ од мапата“, изјави британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами.

Осло - Норвешкиот осуден убиец Андерс Брејвик не треба да биде пушен на слобода бидејќи и понатаму претставува сериозна закана, рече обвинителката Хулда Карлсдотир, бидејќи Брејвик повторно побара условна слобода по повеќе од 13 години поминати во затвор.

„Дали постои опасност Брејвик повторно да изврши злосторства? Опасноста е реална“, рече таа, додавајќи дека најновата проценка на ризикот покажала дека можноста за повторно насилство на Брејвик е иста како и пред 13 години.

Берлин - Руските систематски напади врз европската безбедносна архитектура се „без преседан по вид и размери“, се вели во заедничката изјава на министрите за надворешни работи на Германија, Франција, Полска, Италија, Шпанија и Велика Британија.

„Ескалирачките хибридни акции на Москва против земјите на НАТО и ЕУ се без преседан по вид и размери, што создава значителен безбедносен ризик“, рекоа министрите, потврдувајќи ја трајната улога на силно и обединето НАТО. 

Пекинг – Неколку деца и возрасни лица се повредени откако маж со џип удрил во нив пред основно училиште во градот Чангде во кинеската провинција Хунан.

Инцидентот се случил утрово кога родителите ги носеле децата во училиште град. За сега нема информации за смртни случаи.

Москва - Министерството за одбрана на Русија денеска соопшти дека Украина истрелала шест американски балистички ракети „АТАКМС“ (ATCMS) врз руската област Брјанск, која се наоѓа 400 километри јужно од Москва.

Во соопштението, Министерството наведе дека рускиот ракетен систем „Панцир“ ноќеска соборил пет ракети, а една била оштетена.

Варшава - Министрите за надворешни работи на Германија, Франција, Полска, Италија, Шпанија и Обединетото Кралство објавија во Варшава заедничка изјава за поддршка на Украина.

„Русија систематски ја напаѓа европската безбедносна архитектура. Непромислениот ревизионизам на Русија и постојаното одбивање да ја запре својата агресија и да се вклучи во значајни разговори е предизвик за мирот, слободата и просперитетот на европскиот континент и во трансатлантската област.

Стразбур - По повод 1.000 дена руска агресија против Украина, Комитетот на министри на Советот на Европа усвои декларација во која укажува на флагрантно кршење на меѓународното право од Русија, на страдањата на украинскиот народ за тоа време, и ја нагласува нејзината посветеност да ја поддржи Украина во нејзината борба за „слобода, демократија, суверенитет и територијален интегритет и обезбедување праведен и траен мир“.

-Илјада дена Русија води агресивна војна против Украина со флагрантно кршење на меѓународното право, вклучително и Повелбата на ОН и Статутот на Советот на Европа, се вели во декларацијата што денеска ја објави Советот на Европа.

Брисел -  Рускиот претседател Владимир Путин не смее да ги оствари своите цели во Украина, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, по повод илјада дена од почетокот на руската офанзива.

- Зошто е клучно Путин да не ја постигне својот цел? Бидејќи во спротивно, ќе имаме зајакната Русија на нашата граница, која ќе добие поголема моќ и капацитет за интервенција, рече Руте по пристигнувањето на состанокот на министрите за одбрана на ЕУ во Брисел.

 

Остани поврзан