• понеделник, 25 ноември 2024
МИА Радио флеш

20 ноември 2024

Скопје - Во Основниот кривичен суд Скопје денеска во 10 часот треба да продолжи судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. 

На изминатите рочишта сведочеа мајката на Вања, ќерката на Жежовски и нејзиниот сопруг, како и повеќе лица вклучени во истрагата за двете убиства, меѓу кои инспектори и членови на политичката партија „Десна“. На последното рочиште беше сослушано семејството на таткото на Вања. 

На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.

Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Додека, грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Скопје - По повод Светски ден на детето во организација на УНИЦЕФ и Владата на Република Северна Македонија во Свечената сала ќе се одржи владина седница под слоганот „Слушнете ја иднината”.

Како што соопштија од владината прес-служба, на седницата деца заедно со премиерот и министрите ќе разговараат за климатска и еколошка криза, напредни технологии и демографски промени.

По завршување на настанот во 12:30 часот прес-конференција во Медија центарот ќе одржи премиерот Мицкоски.

Скопје - На крајот на оваа или почетокот на следната недела се очекува да бидат прецизирани условите под кои бизнис секторот ќе може да ги користи 250-те милиони евра од унгарскиот заем. По заедничката средба на Владата со Македонската банкарска асоцијација, следуваат поединчени средби со дел од банкарите, вклучувајќи ја и Народната банка. Од бизнис секторот очекуваат дека наскоро ќе ги добијат средствата под поволни услови.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера во изјава за медиумите рече дека се анализираат две сценарија и дека се работи на тоа компаниите да ги добијат парите по најповолни услови.

-  Во текот на оваа недела Министерството за финансии ќе има поединечни средби со дел од банкарите, вклучително и Централната банка.  Очекувам крајот на оваа и почетокот на следната недела веќе да излеземе со конечна позиција и да тргне оваа работа. Се трудиме компаниите да добијат еднакви, историски најнински услови што во овој момент може да се најдат каде било во светот, рече вчера Мицкоски.

По средбата на МБА и Владата одржана викендот, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во телевизиско гостување на „Сител“ рече дека комуникацијата со банките продолжува и дека се очекува тие да се произнесат во однос на каматната стапка и можноста таа да е пониска од 3,25 проценти и да се утврдат некои детали во однос на критериумите. 

Скопје - Во Собранието денеска продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година. Поднесени се вкупно 307 амандмани од кои 204 се на опозициската СДСМ.

На првиот ден од амандманската расправа не беа прифатени четири амандмани од кои еден од СДСМ и три од Движењето на Турците на Македонија.

Вкупните приходи во Предлог-буџетот се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 400,2 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 41.350 милиoни денари или на ниво од 4 проценти од планираниот БДП. Инфлацијата се очекува да се намали на ниво од 2,2 проценти, како резултат на стабилизирањето на цените на основните прехранбени производи и на енергенсите на меѓународниот пазар, забавувањето на странската ефективна инфлација, како и поумерениот притисок од базичната инфлација. Извозот се очекува да има раст од 4,2 проценти, а увозот од 4,4 проценти како резултат на очекувањата за постепено стабилизирање на меѓународното опкружување и зголемувањето на надворешната побарувачка. 

Скопје - Во Собранието денеска седница ќе одржат комисиите за економски прашања, труд и енергетска политика, за локална самоуправа и Законодавно правната комисија.

Членовите на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика ќе расправаат по Предлог законот за дополнување на Законот за концесии и јавно приватно партнерство во второ читање.

На дневен ред на Комисијата за локална самоуправа е Предлог законот за изменување на Законот за меѓуопштинска соработка во второ читање.

Скопје - Светскиот ден на хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ) ќе се одбележи денеска, а целта е да се подигне свеста за значењето и социо-економскиот товар на болеста.

Од Македонското респираторно здружение посочуваат дека голем број фактори ја предизвикуваат оваа болест но пред се дека тоа се аерозагадувањето и пушењето.

- ХОББ е голем проблем на денешницата. Во светот од оваа болест, боледуваат повеќе од 400 000 000 луѓе и за жал, нивниот број постојано се зголемува. Секоја година поради ХОББ умираат по 3.5 милиони луѓе, а преваленцијата и морталитетот се најголеми во неразвиените земји. Голем број фактори ја предизвикуваат оваа болест, пред сѐ аерозагадувањето, пушењето, професионалната експозиција, како и изложеноста на чад од согорување на биомаси и вештачки хемиски материи, истакнуваат од ова здружение.

Скопје - Во Македонскиот народен театар во Скопје вечер ќе биде изведена претставата „12“ во адаптација и режија на Синиша Евтимов, работена по мотивите (12 Angry Men) од Реџиналд Роуз.

Евтимов ја обедини машката актерска екипа - Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Сенко Велинов, Оливер Митковски, Владо Јовановски, Сашко Коцев, како и Тања Ивановска (судија).

Како што соопштија од МНТ, приказната ја следи поротата од 12 луѓе додека размислуваат дали да осудат или да ослободат 18-годишен обвинет врз основа на разумно сомневање, принудувајќи ги поротниците да ги испитаат сопствените морални вредности. Одбраната и обвинителството ја завршиле својата работа, а поротата е испратена во посебна просторија за да одлучи дали младиот човек е одговорен за убиството на сопствениот татко. Она што изгледа како лесна одлука, наскоро станува бура од емоции во која на виделина излегуваат сите мани и предрасуди на поротниците.  Единствениот кој се противи на смртната казна и се сомнева во доказите што ги изнесува обвинителството е поротникот број 8. 

Скопје - Во Берово утрово е измерена најниска температура од нула степени Целзиусови. 

Температури над нулата има во Битола каде е измерен 1 степен, 2 степена се измерени во Попова Шапка, Тетово и Скопје-Петровец, 3 во Прилеп и Скопје-Зајчев Рид, 4 во Струмица и Крива Паланка, 5 во Крушево, 6 во Маврови Анови и Кавадарци, 7 во Виница и Гевгелија, 8 во Претор, Охрид и Велес, 10 во  Штип и 11 во Демир Капија.

Во текот на ноќата времето беше променливо облачно во северните делови со слаб повремен дожд. Дуваше слаб до умерен променлив ветер кој во првиот дел од ноќта засилуваше во Штип и на Ѓуриште. Утринава ветерот е слаб до умерен, а врнежи од дожд има во Крушево.

Според прогнозата на УХМР, денеска времето ќе биде променливо облачно во западните делови од наутро со повремен дожд. Во текот на денот врнежите ќе се прошират во поголемиот дел од земјата, а ќе бидат пообилни во западните и северозападните делови, а ќе продолжат и преку ноќта. Ќе дува засилен до силен јужен ветер, наместа над 70 километри на час.

Максималната температура ќе достигне од 12 до 17 степени.

Вашингтон - Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп вчера изјави дека го избрал познатиот лекар Мехмет Оз да ја предводи огромната американска програма за јавно здравствено осигурување - федералната агенција Центри за Медикер и Медикејд(CMS).

Оз, познат како „Д-р Оз“, во 2022 година имаше неуспешен обид за кандидирање за американскиот Сенат. Трамп, кој го поддржа во таа трка, рече дека сега тесно ќе соработува со Роберт Кенеди Јуниор, кого го избра да биде секретар за здравство и благосостојба.

Новоизбраниот претседател вели дека двајцата ќе се справат со „ индустрискиот комплекс на болести и сите ужасни хронични болести што останаа зад него“, како и да стават крај на „расипништвото и мамењето“.

Вашингтон – Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп соопшти дека ја избрал коосновачката на Ворлд реслинг Ентертејнмент Линда Мекмахон да биде идна американска секретарка за образование.

Ворлд реслинг Ентертејнмент (World Wrestling Entertainment) попозната по кратенката WWE, е голема компанија која организира професионални настани во борење. Ја основал свекорот на Мекмахон, Винсент Мекмахон постариот, во 1963 година и е најпопуларната компанија во светот на професионалното борење која има своја лига.

Мекмахон, кој служеше како администраторка на Администрацијата за мали бизниси од 2017 до 2019 година за време на првиот мандат на Трамп, во моментов е копретседавач на неговиот тим кој се подготвува за инаугурацијата на републиканецот во јануари, пренесе ДПА.

Трамп рече дека Мекмахон „неуморно ќе се бори“ за да ги поттикне родителите да ги донесат најдобрите образовни одлуки за нивните семејства.

Далас– Компанијата Спејксикс (SpaceX) на американскиот милијардер Илон Маск го лансираше шестиот пробен лет на вселенското летало Старшип од Тексас, а на лансирањето присуствуваше и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.

НАСА планира да користи Старшип за испраќање луѓе на Месечината како дел од својата програма Артемис.

- Одам во големата држава Тексас за да го гледам лансирањето на најголемиот објект некогаш лансиран, не само во вселената, туку со едноставно полетување од земјата, напиша Трамп на својата социјална мрежа и му посака среќа на Маск за лансирањето на ракетата.

Ракетниот систем висок околу 122 метри, во кој астронаутите би требало да слетуваат на Месечината и се пренесува екипаж на Марс, беше лансиран во 16 часот по локално време, од комплексот за развој на ракети на Спејсикс во Тексас.

Вашингтон - Американскиот претседател Џо Бајден одобри испорака на противпешадиски мини за Украина, потег што може да помогне да се забави рускиот напредок на нејзиниот исток, особено кога се користи заедно со друга муниција од САД.

Соединетите Американски Држави очекуваат Украина да користи мини на своја територија, иако вети дека нема да ги користи во областите населени со свои цивили, изјави американски официјален претставник.

САД ја снабдуваа Украина со противтенковски мини во текот на војната со Русија, но додавањето на противпешадиски мини има за цел да го забави напредувањето на руските копнени трупи, додаде официјалниот претставник. Американските мини се разликуваат од руските бидејќи се „непостојани“ и стануваат инертни по однапред одреден период.

Њујорк – Околу 50 земји синоќа ја потврдија својата поддршка за Украина во ОН на 1.000-от ден по почетокот на руската инвазија врз земјата, со заедничка оценка дека „војната мора да престане“ и барање за итно повлекување на руските сили од украинска територија.

- Ја потврдуваме нашата поддршка за суверенитетот, независноста и единството на Украина, изјави украинскиот амбасадор во ОН Серхиј Кислица во име на околу 50 земји.

Околу Кислица пред новинарите се собраа претставници на сите поддржувачи на Украина, од САД до Велика Британија, вклучувајќи ги Франција, Јапонија, Австралија, Канада, Швајцарија, Аргентина, Јужна Кореја и Европската унија.

Вашингтон- Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибига денеска во Вашингтон повика на „ладна глава“ пред најавената ревизија на руската нуклеарна доктрина, со која се проширува можноста за користење атомско оружје.

„Мораме да останеме со ладна глава, јасни идеи и да не се препуштиме на стравот“, рече Сибига пред комитетот на американскиот Конгрес.

Според него, најавата на Русија за ревизија на нуклеарната доктрина и нејзината реторика за употреба на нуклеарно оружје „не се ништо друго освен уцена“.

Белата куќа претходно ја оцени како „неодговорна“ реториката на Русија за нуклеарното оружје.

Рио де Жанеиро - Францускиот претседател Емануел Макрон по средбата со кинескиот претседател Си Џинпинг во Рио де Жанеиро изјави дека Кина има клучна улога во избегнувањето на нуклеарен конфликт. 

Макрон рече дека за време на состанокот со Си, на маргините на самитот на Групата 20 (Г20), побарал од него да изврши притисок врз рускиот претседател Владимир Путин да ја прекине војната со Украина. 

Францускиот претседател рече дека Кина треба да се заложи за деескалација откако Русија донесе одлука да го резервира правото да користи нуклеарно оружје во случај на агресија врз неа користејќи конвенционално оружје, како и за наводно испраќање севернокорејски трупи да се борат на страната на Русија, јавија британските медиуми.

Москва- Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска изјави дека специјалната телефонска линија, која беше воспоставена за комуникација меѓу Москва и Вашингтон по кубанската ракетна криза, во моментов не е во употреба. 

-Имаме посебна безбедна линија за комуникација меѓу двајцата претседатели, Русија и САД. Дури и за видео комуникација, изјави Песков за руските медиуми. 

Песков потоа додаде дека линијата е во употреба. 

Британските медиуми пренесуваат руски дипломати кои предупредуваат дека актуелната криза меѓу Москва и Вашингтон е споредлива со кубанската нуклеарна криза во 1962 година. 

Кремљ соопшти дека Русија го гледа нуклеарното оружје е средство за одвраќање и дека ажурираната нуклеарна доктрина на Москва има за цел да им стави јасно до знаење на потенцијалните непријатели за неизбежноста од одмазда доколку ја нападнат Русија. 

Оттаму наведуваат дека Москва смета дека употребата на ракетите ATACMS со долг дострел, што Вашингтон и ги испорача на Украина, се јасен сигнал дека Западот сака да го ескалира конфликтот. 

Киев- Доколку САД престанат да го поддржуваат Киев, Украина ќе ја загуби војната против Русија, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Во интервју за Фокс њуз, тој рече дека Украина иако има сопствено производство на оружје, тоа не е доволно и дека Киев ќе продолжи да се бори без оглед на одлуката на САД.

„Ако ја скратат (помошта), мислам дека ќе изгубиме. Имаме производство, но тоа не е доволно за да победиме. И мислам дека не е доволно за опстанок“, рече тој.

Зеленски истакна дека првите денови од војната биле најтешки, а дека отсега сѐ ќе зависи од единството на Украина и Европа, особено од единството на Киев и Вашингтон.

Киев – Американската Амбасада во Киев е привремено затворена откако добила „конкретни информации за потенцијален значаен воздушен напад на 20 ноември“, јави Би-Би-Си.

- Поради претпазливост амбасадата ќе биде затворена, а вработените во амбасадата добиваат инструкции да се засолнат, се вели во соопштението.

Амбасадата исто така им препорача на граѓаните на САД да се подготват да се засолнат во случај да биде објавена воздушна тревога.

Москва- Во текот на ноќта руската армија пресретнала повеќе од 40 украински беспилотни летала над Русија, соопштија од Министерството за одбрана и локалните власти.

Како што се наведува во соопштението на руското Министерство, дежурните системи за противвоздушна одбрана уништиле и пресретнале 44 украински беспилотни летала над руска територија, пренесуваат руските медиуми. Од нив, 20 дрона се уништени над територијата на Новгородскиот регион, пет дрона се уништени над Курскиот регион, четири над регионот Орила, три биле соборени над регионите Белгород, Тула и Твер и по два над Брјанск, Москва и регионот Смоленск, се наведува во соопштението на руското Министерство за одбрана.

Тел Авив - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за време на посетата на Газа изјави дека Хамас нема да владее со палестинската енклава по завршувањето на војната и дека Израел ги уништил воените капацитети на оваа исламистичка група.

Нетанјаху рече дека Израел не се откажал од обидот да ги лоцира 101 преостанати заложници за кои се верува дека се уште се во енклавата и понуди награда од пет милиони долари за враќање на секој од нив.

Тој, исто така, вети дека на секој што ќе му помогне на Израел да ги ослободи заложниците ќе му биде помогнато да ја напушти опколената палестинска територија.

 

Остани поврзан