• понеделник, 22 јули 2024
МИА Радио флеш

7 декември 2023 

- Со новиот Закон за помилување кој вчера беше разгледан и утврден на седница на Влада, претседателот на државата може да даде помилување само за казна, а не и за кривично гонење на определени лица, појаснуваат од Министерството за правда.

При изготвување на законот, како што соопштија денеска од Министерството за правда, биле разгледани повеќе компаративни искуства како што се решенијата содржани во правните системи во државите членки на Европската унија и од оние држави со кои имаме слични правни системи.

Од Министерството за правда велат дека причините за донесување на Законот за помилување произлегуваат од недостатоците и правните празнини во постојниот закон кои беа лоцирани во неговата практична примена, како и од потребата за попрецизно нормирање на одредени прашања регулирани со Предлогот.

- Собраниската комисија за финансирање и буџет денеска треба да ја почне амандманската расправа по Предлог-буџетот за 2024 година, откако вчера заврши општиот претрес.

По завршување на амандманската расправа, Предлог-буџетот треба да се најде на усвојување на пленарна седница.

Согласно утврдените рокови, Буџетот за наредната година треба да биде усвоен во Собранието најдоцна до 31 декември.

Предлог-буџетот за следната година тежи 5,5 милијарди евра. Владата го карактеризира како развоен и одржлив Буџет кој ги има сите карактеристики за истовремено да го поддржи развојот, но и да ја обезбеди фискалната одржливост. Со него, според Владата, се гарантира редовна исплата на платите, пензиите и социјалната помош, како и подмирување на другите потреби на граѓаните и сервисирање на обврските на државата.

– Охрид и оваа година со низа манифестации, свечености и настани го одбележува патрониот празник на градот – Денот на Свети Климент Охридски.

Чествувањата започнаа пред два дена со промоција на книгата „Oхрид и охридско 1918-1929“ од проф. Михаил Патчев, за синоќа во Општинското основно училиште „Св. Климент Охридски“ да биде поставена ученичка изложба, а беа доделени и наградите на најдобрите литературни и ликовни творби. Учениците од Општинското музичко училиште „Методи Патче“ во концертната сала на училиштето одржаа свечен концерт, а во Центарот за култура „Григор Прличев“ беше одржана и свечената приредба на основното училиште „Св. Климент Охридски“.

Прославувањето на патрониот празник продолжуваат и денеска, со отворањето на изложбата на фотографии „По трагите на светите Кирил и Методиј“, во коорганизација на Општина Охрид и Амбасадата на Република Словачка во Република Македонија. 

- Државата треба да биде сериозно загрижена од најновите резултати од Програмата на ОЕЦД за меѓународно оценување на учениците (ПИСА) коишто покажуваат уназадување во резултатите од учењето на учениците по читање, математика и природни науки, вели во порака до медиумите претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција ДиЏовани, и ги повикува сите лидери на политички партии да се заложат структурните реформи во образованието да станат национален меѓупартиски приоритет. 

Резултатите од тестирањето спроведено во 2022 покажуваат дека три четвртини (74 отсто) од 15-годишните ученици во Северна Македонија имаат слаби резултати по читање; додека двајца од тројца ученици покажуваат ниски резултати по математика (64 отсто) и природни науки (65 отсто).

-Македонските банки, добро капитализирани и ликвидни, се соочија со неколкуте кризи во изминатиот период, а нивната отпорност на кризата се должеше на нивните зајакнати биланси уште во претпандемичниот период, истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска. 

-Народната банка и натаму ја јакне отпорноста на банкарскиот систем и во постпандемичниот кризен период, воведувајќи макропрудентни мерки. И покрај големата претпазливост и монетарното затегнување, банкарскиот сектор и во изминатиот период им обезбедува солидна кредитна поддршка и на компаниите, и на домаќинствата, со раст од околу 10 отсто минатата и 6 отсто годинава, посочи гувернерката во својата дискусија на Банкарскиот самит на Здружението на банките во Србија, којшто се одржа во Белград.

- Владата на 204. седница го усвои Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за спорт предложен од Министерството за правда.

Со предложените решенија, како што соопштуваат од  Министерството за правда, се обезбедуваат финансиски поттикнувања за националните спортски федерации, спортските клубови, активни спортисти од олимписки и неолимписки спортови и други правни субјекти кои имаат решение за вршење на дејност спорт, подигнување на спортот на повисоко ниво во нашата земја и остварување на подобри резултати како во домашни рамки, така и на меѓународно ниво.

-Аналогно на измените и дополнувањата на Законот за данокот на добивка во делот на даночното намалување/поттикнување, во Законот за спортот се предвидува даночно поттикнување за спортките субјекти со воведување на ваучерски систем согласно кој точно ќе бидат утврдени надлежностите на спортските субјекти и органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот, како и самата процедура при издавање на ваучери, појаснуваат од Министерството за правда.

- Запленети биле 50.600 евра коишто патник на влез во државата на царинската испостава Аеродром Скопје, не ги пријавил кај царинските службеници.

 Патникот кој патувал од Истанбул, на влез се определил да помине на зелен канал каде што поминуваат лица кои немаат ништо за пријавување. Царинските службеници го селектирале за преглед, при што во личниот багаж му биле пронајдени девизни средства во износ од 60.600 евра, појаснуваат од Кабинетот на директорот на Царинската управа.

Согласно Законот за девизно работење, на патникот му биле вратени 10 илјади евра, а останатите со судска пресуда се одземени од лицето.

- Дванаесет земји членки на ЕУ во периодот од 2020 до 2022 година не пријавиле релевантни податоци за приливи на директни странски инвестиции, се наведува во извештајот на Европскиот ревизорски суд за следење на тековите на директните странски инвестиции во Унијата. 

Во извештајот се потенцира дека овие 12 земји „ниту изработиле анализа, ниту известиле“ за случаи на директни странски инвестиции во посочениот период, иако според проценките на нив отпаѓа приближно 42 отсто од овој тип на капитал во Унијата. 

Според ревизорите, како што јави дописникот на МИА од Брисел, ваквата ситуација има значително влијание врз ефикасноста на режимот на директни странски инвестиции и ги ограничува вкупните податоци доставени до Комисијата. 

- Земјотрес со јачина од 5,6 степени го погоди денеска Азербејџан, објави Републичкиот сеизмолошки центар на Азербејџан на официјалната веб-страница.

Претходно Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар извести за земјотрес со епицентар во Каспиското Море и јачина од 5,7 степени, а како што пренесува РИА Новости, земјотресот бил почувствуван и во Баку и во други градови на Азербејџан.

Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар извести за земјотрес со јачина од 5,7 степени според Рихтеровата скала во Каспиското Море, со епицентар на 62 километри северозападно од азербејџанскиот град Сумгаит со население од околу 265.000 жители. 

- Пукањето во училиште во рускиот град Брајанск во близина на границата со Украина денеска заврши со две жртви, јавија руските медиуми, повикувајќи се на регионалната администрација на Министерството за внатрешни работи.

Според првичните информации, 14-годишна ученичка влегла во училишната зграда и пукала кон соучениците неколку пати со пиштол, кој бил легална сопственост на нејзиниот татко.

Тинејџерката, која била осмо одделение, ранила шест нејзини соученици, по што се самоубила. Подоцна,  една од повредените ученички починала во болница.

- Еден од повредените е во тешка состојба и е опериран. Останатите четворица повредени се во умерена состојба, изјави помошник на рускиот министер за здравство.

- Најмалку пет лица загинаа во голем пожар што зафати повеќекатна зграда во Карачи, во јужен Пакистан,во кој изгореа стотици продавници и станови, соопштија пакистанската полиција и спасувачите, пренесе ДПА.

Пожарот избувна во продавница во приземјето на зградата и ја зафати целата градба, изјави за ДПА полицискиот началник  Јасир Амер.

Најмалку 67 семејства, вклучувајќи и стотици жени и деца се евакуирани од зградата во операција што траеше неколку часа, рече претставникот на спасувачките служби Иршад Бугти.

- Невладината организација „Репортери без граници“ повика денеска Рафа, граничниот премин меѓу Египет и Појасот Газа, да биде отворен за новинарите во време кога израелската армија ги прошири своите копнени операции на целата палестинска територија.

Тој граничен премин на југот на Појасот Газа е под контрола на Палестинците и Египќаните, но во соопштението на организацијата се наведува дека „Израел ги надгледува сите активности на јужната граница и од почетокот на војната четири пати ја бомбардираше граничната капија“.

Во соопштението се повикуваат израелските и египетските власти да ги „отворат вратите“ на граничниот премин „за новинарите конечно да одат на двете страни на границата“.

Се нагласува и дека новинарите кои морале да се евакуираат од север добиле наредба од Израел да се соберат на границата со Египет, немаат можност да ја преминат, а странските новинари се спречени да влезат во Газа.

-  Бразил соопшти дека распоредува војници долж границата со Венецуела, откако венецуелската Влада ги објави плановите за инкорпорирање на областите контролирани од Гвајана во својата територија. 

Регионот Есекибо богат со нафта е спорен уште од 19 век, кога Гвајана беше британска колонија.

Венецуела го обнови своето право на оваа територија откако пред неколку години во неа беа откриени резерви на нафта и гас во морето. 

Тензиите особено се зголемија по неделниот референдум во Венецуела, во кој над 95 отсто од гласачите го поддржаа тврдењето на владата за Есекибо, јавува Би-Би-Си.

- Возач загина, а житната инфраструктура беше оштетена во напад на руски дрон врз украинската житна инфраструктура во близина на реката Дунав, изјави денеска гувернерот на областа Одеса.

Гувернерот рече дека беспилотните летала напаѓале повеќе од два часа во текот на ноќта и иако повеќето од нив биле соборени, некои поминале и оштетиле зграда за складирање, дигалка и камиони.

Украинските пристаништа на Дунав станаа клучна артерија за огромни извозни количини на жито, бидејќи Русија го блокира Црното Море откако ја нападна соседната земја во февруари 2022 година. Москва започна бран напади со беспилотни летала врз инфраструктурата на пристаништето на Дунав во август и септември, а последниот ноќен напад следеше по одредено затишје.

Украинските воздухопловни сили соопштија дека вкупно 18 „Шахеди“ биле лансирани во јужниот регион Одеса и во регионот Хмелницки, кој се наоѓа во западна Украина.

Остани поврзан