• понеделник, 23 јуни 2025
МИА Радио флеш

14 мај 2025 

Скопје - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска се сретна со претставници на Европската агенција за дроги (EUDA), на која се разговараше за продлабочување на институционалната соработка и усогласување со европските стандарди во борбата против трговијата со дрога.

На средбата, како што информира Министерството за европски прашања, се разговараше за значењето на навремената размена на информации преку европскиот систем за рано предупредување и за улогата на земјите кандидатки за членство во ЕУ во заедничките напори за заштита на јавното здравје и јакнење на безбедноста во регионот и пошироко во Унијата.

Скопје -  Дел од средствата за планираната модернизација и реконструција на железницата на Коридорот 10 ќе се обебзедат од Планот за раст, а дел од средствата со најавениот меѓувладин договор со европска земја за инвестиција во инфраструктурата и здравството, кој, како што најави денеска премиерот Христијан Мицкоски, ќе се потпише многу скоро, односно во прашање се денови.

- Дел од Планот за раст, но и дел од најавената инвестиција за којашто ќе потпишеме договор на основа на влада со влада. Многу скоро, веќе не се недели, денови се во прашање, македонската јавност точно ќе знае за што станува збор, рече Мицкоски на новинарско прашање. 

Скопје - Координаторот на пратенилката група на СДСМ Оливер Спасовски на прес-конференција во Собранието упати критики до владејачкото мнозинство поради тоа што не го поддржааа нивното законско решение кое се однесуваше на семејствата на загинатите и повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. 

При утврдување на дневниот ред на 48. собраниска седница не беше изгласано барањето по скратена постапка да се донесе ова законско решение. „За„ гласаа само пратениците од СДСМ и Левица. Според Спасовски, овој закон, кој освен за Кочани требало да се однесува и за семејствата за жртвите и повредените од други трагедии како Ласкарци, Модуларната болница и.т.н, требало да биде закон за обединување, единство, солидарност и сплотеност. 

Скопје – Членови од Судскиот совет учествуваа како дел од работната група за новиот Предлог Закон за Судски совет. Нормално со дел од тие решенија се сложувавме, со дел не се сложувавме. Дадовме предлози наши, предлогот на закон кој ќе биде ќе видиме, изјави денеска претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски.

Како дел од работите коишто се помрднуваат, Камбовски ги посочи јавноста на постапката за разрешување на претседател на Судскиот совет да биде јавна и дефинирање на поимот „истакнат правник“.

-Мислам дека се направи обид еден да се дефинира она што стално е актуелно во јавноста, што е истакнат правник.  Мислам дека сега со овој закон до некаде колку е тоа можно ќе се успее да се каже што е тоа истакнат правник, односно да се дадат некакви критеируми, изјави Камбовски. 

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски се обрати на 134-та сесија на Комитетот на министри на Советот на Европа во Луксембург, на која учествуваа министри за надворешни работи на земјите членки и високи претставници на Организацијата.

Состанокот, како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, се одржа во контекст на актуелните геополитички предизвици, со фокус на поддршката за Украина, улогата на Советот на Европа во заштита на демократијата и човековите права, како и на натамошното зајакнување на европската соработка.

Акцент во разговорите бил ставен и на новиот Демократски пакт за Европа и можностите за развивање на поинклузивна и поотпорна демократија.

Скопје - Валандово и Демир Капија се дел од четиригодишен регионален проект „Зајакнати / Empowered“ - за инклузија на лица со попреченост, регионална соработка и развој, во  кој се вклучени 15 општини од Западен Балкан. Целта на проектот е унапредување на положбата на лицата со попречености преку поддршка за вработување, зајакнување на локалните иницијативи и развој на инклузивни политики и директно ќе влијае на околу 1500 луѓе со инвалидитет од проектните општини во земјите на Западен Балкан.

Носител на проектот, кој веќе се спроведува шест месеци, е германската невладина организација Arbeiter-Samariter-Bund Deutschland e.V. (ASB) со финансиска поддршка од Сојузното министерство за економска соработка и развој на Германија. ASB за Југоисточна Европа денеска во Скопје организираше конференција за претставување на целите на проектот, во соработка со нашето Министерство за социјална политика, демографија и млади. 

Скопје - За жал, статистичките податоци покажуваат дека околу 8.000 деца во моментов во државата се наоѓаат во разни ризици. Затоа и ние имаме полни раце работа, изјави националната директорка на СОС Детско село, Јулијана Гапо, на денешната прес-конференција по повод Меѓународниот ден на семејството - 15 мај.

- Семејството е основна клетка на секое општество и темелот врз што се гради секој човечки живот. Тоа не е само заедница, туку првата и најважната средина за правилниот развој на детето. Во семејството, тоа го гради својот идентитет, тоа учи како да им верува на другите, како да се справува со светот околу себе. Семејните љубов и стабилност се незаменливи во оформувањето на здрави, самоуверени, одговорни млади луѓе, рече Гапо.

Атина – Претседателот и пратениците на малата радикално десничарска грчка партија Спартанци, поранешниот пратеник од Златна зора Илиас Касидиарис и еден адвокат, односно вкупно 13 лица денеска беа ослободени од обвиненијата за можна изборна измама на парламентарните избори во Грција во 2023 година, јави дописничката на МИА од Атина.

За партијата, која пред две години за првпат влезе во грчкиот Парламент, Обвинителството спроведе истрага од која произлегло дека вистинскиот лидер на партијата всушност е осудениот поранешен член на Златна Зора Илиас Касидиарис и тој е оној кој го имал главниот збор во партијата, како и во изборот на кандидати за пратеници на изборите во јуни 2023 година, а со тоа биле измамени гласачите.

Белград - На презентацијата на извештајот за инфлацијата, Народната банка на Србија денеска го корегираше растот на бруто домашниот производ на државата надолу, наведувајќи како причина - надворешни фактори.

„Според нашата мајска проекција, растот на реалниот БДП на Србија во тековната година ќе изнесува 3,5 проценти. Имајќи предвид дека во првиот квартал економскиот раст беше помал од очекуваниот, како и проблемите во европската автомобилска индустрија и растот на протекционизмот во светот, што се одразува во зголемената неизвесност и одбивност кон ризик кај инвеститорите, новата проекција за раст на БДП за 2025 година е пониска за еден процентен поен во споредба со нашата проекција од февруари“, се вели во извештајот на НБС.

Книн - Фотограф и патеписец и од Сплит, го посети кањонот на реката Крчиќ кај Книн, јужна Далмација, па ја прошета кружна пешачка патека покрај пет водопади.

- Кружната пешачка патека со водопади низ кањонот на реката Крчиќ близу Книн нуди незаборавно искуство низ недопрената далматинска природа. Приближно 10-километарската рута поврзува пет волшебни водопади, вклучително и прекрасниот Топољски Бук, познат и како Крчиќ, висок 2 метри, вели авантуристот Јурица Галиќ - „Јука“.

Хрватот ја сними својата видеоавантура со помош околниот туристички водич Миховил Буданко, објави „Индекс“.

Будимпешта – Владејачката партија „Фидес“ на премиерот Виктор Орбан во парламентот поднесе нацрт-закон со кој би се овозможило составување список на организации кои се финансираат од странство, со можност за ограничување на нивните активности доколку се проценат како закана за суверенитетот на Унгарија.

Законот би ѝ дал овластувања на Канцеларијата за заштита на суверенитетот (СПО), основана во 2023 година, да идентификува правни лица чие дејствување „го поткопува независниот, демократски карактер на Унгарија кој е заснован на владеењето на правото, како и нејзиниот „уставен идентитет и христијанска култура“, пренесота локалните медиуми.

Берлин - Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска изјави дека новата владина коалиција ќе им даде приоритет на безбедноста, кохезијата и „просперитетот за сите“, јавува ДПА.

-За да го постигнеме ова, потребна ни е промена во нашите политики во многу аспекти, рече конзервативниот лидер денеска за време на неговата прва владина изјава пред Долниот дом на парламентот, Бундестагот, во Берлин.

Мерц рече дека новата влада - составена од неговите христијански демократи, нивната баварска сестринска партија и социјалдемократите - е свесна за главните домашни и меѓународни предизвици со кои се соочува Германија - „не само во однос на јавните финансии“, пренесе ДПА .

Брисел - Не е невообичаено постарите луѓе да бидат осамени и често оставени сами на себе. Овој социјален проблем се засилува и нагласува за време на специфични појави и контексти, каква што беше корона-пандемијата итн. Но, Белгија токму тогаш најде малку необичен, но делотворен начин за проверка на повозрасните лица којшто сѐ уште е во сила.

Станува збор за програмата „Биклоуз“ ('bclose' - 'биди блиску'), иницирана од државната поштенска служба во Белгија - „Бпост“ (bpost). Тие, имено, го препознале потенцијалот на нивните вработени кои секојдневно одат од врата на врата ширум земјата. Затоа, им била доделена општествено корисна улога - за време на испораката по пошта, поштарите ги посетуваат постарите корисници кои се пријавиле за програмата и им поставуваат низа прашања за нивното здравје, расположение, чувства, потреби. Но, поштарите прво минуваат низ обука за тоа.

Брисел - Малта денеска од Луксембург го презеде ротирачкото претседавање со Комитетот на министри за надворешни работи на Советот на Европа за периодот мај-ноември 2025. 

Приоритети на Малта за време на претседавањето со Комитетот во следните шест месеци, како што соопшти малтешкиот вицепремиер и министер за надворешни работи и туризам Иан Борг, се заштита на децата, борба против насилството и дискриминацијата, поддршка на младите и одржување на континуираната поддршка за Украина. 

Примопредавањето на претседавањето се одржи во рамки на денешната годишна сесија на Комитетот на министри на Советот на Европа во Луксембург, на која главни теми се улогата на Организацијата како чувар на демократската безбедност во новиот геополитички контекст, поддршката на Украина, активностите за заштита на животната средина, како и соработката меѓу Советот на Европа и Европската Унија. 

Париз - Франција е подготвена да разговара за распоредување на своето нуклеарно оружје во други делови од Европа, изјави францускиот претседател Емануел Макрон.

За време на интервју за француската телевизиска станица TF1, Макрон рече дека САД веќе имаат авиони со нуклеарно оружје авиони во Европа. Тој додаде: „Подготвени сме да го отвориме тој разговор“.

Макрон нагласи дека секое проширување на француското нуклеарно одвраќање кон други европски земји ќе биде предмет на одредени услови, вклучително и гаранција дека контролата врз употребата на оружјето ќе остане исклучиво во рацете на францускиот претседател, објави „Њузвик“.

Ријад – Американскиот претседател Доналд Трамп денеска им порача на лидерите на земјите од Заливот дека „итно сака да постигне договор“ со Иран за ограничување на неговата нуклеарна програма, но дека дел од секој потенцијален договор мора да вклучува барање до Техеран да ја прекине својата поддршка за прокси групите низ целиот регион.

-Иран мора да престане да го спонзорира теророт, да ги запре крвавите прокси војни и трајно и проверливо да го прекине стремежот кон нуклеарно оружје. Тие не можат да имаат нуклеарно оружје, рече Трамп во говорот на состанокот со лидерите на Советот за соработка во Заливот, организиран од престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман, во Абу Даби.

Техеран – Иран предложи да создаде нуклеарен конзорциум со други земји од Заливот во услови на разговори на високо ниво со САД, според извештаи во ирански и меѓународни медиуми.

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи денеска изјави дека неговите неодамнешни посети на Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати биле поврзани со тековните нуклеарни преговори со САД.

- Ние сме многу заинтересирани за регионално разбирање на овие преговори и можен договор што ќе доведе до зголемена безбедност и зголемено регионално разбирање, им рече тој на новинарите.

Moсква - Русија сè уште не потврди дали претседателот Владимир Путин ќе отпатува во Турција утре на мировните преговори со украинскиот претседател Володимир Зеленски. 

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави денеска дека руската делегација на преговорите во Истанбул ќе биде објавена кога Путин ќе издаде наредба.

„Руската делегација ќе ја чека украинската делегација во Истанбул в четврток“, рече Песков, без да понуди дополнителни детали за тоа кој ќе ја претставува Москва. 

Вашингтон - Претседателот на САД, Доналд Трамп денеска изјави дека не знае дали рускиот претседател Владимир Путин ќе се појави на преговорите за војната во Украина закажани за утре во Турција.

„Тој би сакал да бидам таму и тоа е можно... Не знам дали ќе дојде ако не сум таму. Ќе видиме“, изјави Трамп пред новинарите во авионот „Ер Форс Уан“ на пат кон Катар.

Заменик-претседателот на руската Дума изјави дека составот на делегацијата на Москва за мировните преговори со Украина утре во Истанбул ќе биде објавен вечер, додавајќи дека на маса би можела да биде размената на сите затвореници.

Остани поврзан