МИА Општински пул
- МИА Општински пул
15 септември 2025
Штип – Сто штипски пензионери со најниски примања ќе добијат финансиска поддршка од страна на Општина Штип, објави на социјалните мрежи градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.
-Општина Штип обезбедува финансиска помош од 6.000 денари за 100 пензионери со најниски примања. Оваа поддршка е дел од Програмата за социјална заштита за 2025 година и се однесува на пензионерите кои се регистрирани преку Меѓуопштинскиот центар за социјални работи, вели Јорданов.
Во пишаната објава се вели дека главната цел на оваа иницијатива е подобрување на финансиската состојба на пензионерите во пресрет на новогодишните и божиќните празници, со што Општина Штип ја потврдува својата посветеност кон поддршка на најранливите категории граѓани.
Куманово - Полицијата уапси кумановец и скопјанец и од нив заплениле брендирана стока и алат без документација, соопштија од МВР. Вчера на автопат Табановце-Куманово, полициски службеници од мобилната единица за компензаторни мерки при ОГРМ во два одвоени настани ги лишија од слобода Б. И (38) од Куманово и Б. С (41) од Скопје.
- Полициските службеници прво сопреле патничко возило „Голф“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Б.И. и при преглед на возилото пронајдени се 272 парчиња разновидна брендирана стока, без документација. Стоката е одземена, а лицето е лишено од слобода. Во вториот настан, полициските службеници сопреле патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.С. и при преглед на возилото биле пронајдени 174 парчиња разновиден рачен, батериски и електричен алат без документација. Возилото и алатот се одземени, а лицето е лишено од слобода.
По целосното документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Крива Паланка - Со песни и ора, традиционални носии и игри што ја пренесуваат традицијата на македонскиот народ, фолклор и културно-уметничко наследство, синоќа на сцената на Националната установа Центар за култура Крива Паланка се одржа традиционалниот, годишен концерт на Културно уметничкото друштво „8 Октомври“.
На целовечерниот фолклорен репертоар настапија 130 млади играорци и играорки кои ја изучуваат, негуваат и пренесуваат традицијата на нашите предци, чувајќи ги од заборав.
КУД „8 Октомври“ се претстави со сите ансамбли, од најмладите, до првиот ансамбл кои на сцената ги изведоа познатите македонски ора: „Китче ми падна“, „Малешевка“, „Источна“, „Моме Митро“, „Лазаров“, „Кумановка“, а куриозитет на вечерта беше и премиерната изведба на сценската постановка „У ливаду“, што на својот репертоар ја има само националниот ансамбл „Танец“.
Адаптацијата за КУД „8 Октомври“ е авторско дело на Јовица Блажевски, а програмата ја збогати и настапот на инструменталниот состав на традиционални народни инструменти во состав: Раде Петровски, Максим Јовев, Теодор Смиљков и Леон Николовски.
Скопје - Посебна атмосфера, богата програма со забава, музика, многу подароци и изненадувања за сите генерации, најавува градоначалникот Орце Ѓорѓиевски кој ги повикува скопјани, попладне во 18 часот, на плоштадот „Македонија“ заедно да присуствуваат на осветлување на градот по повод новогодишните и божиќните празници.
Како што истакнува Ѓорѓиевски, годинава празничниот дух повторно се враќа на плоштадот „Македонија“.
- Нашиот град е најубав тогаш кога свети од радост, насмевки и празнична магија. А сите ние - и младите и возрасните ја заслужуваме таа топлина што ја носат Новогодишните и Божиќните празници. Затоа, со огромна радост ве поканувам заедно да го означиме почетокот на едно ново празнично поглавје исполнето со забава, музика, многу подароци и вашите омилени херои кои ќе ги израдуваат најмалите. Во 18 часот, на плоштадот „Македонија“, заедно со вас ќе го осветлиме градот и после неколку години ќе ја почувствуваме првата искра на празничниот дух, напиша градоначалникот на својот фејсбук профил.
Според него, од утре до 31 декември секој ден ќе има настани и забави за сите генерации, а дочекот на Новата година ќе биде спектакуларен и незаборавен.
Ѓорѓиевски претпладнево на прес-конференција ќе информира за новогодишното украсување и новогодишната програма и настаните на Град Скопје.
Скопје - Водата во Скопје е безбедна за пиење, покажуваат податоците од направените анализи на 150 примероци од 42 мерни места.
-Секторот за санитарна контрола во периодот од 8 до 12 декември зема 150 примероци за физичко-хемиска и 150 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 42 мерни места во Градот Скопје. Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење, соопштија од ЈП „Водовод и канализација“ Скопје.
Јавното претпријатие, како што се наведуваат оттаму, со цел подобра информираност на граѓаните на град Скопје, овие податоци ги објавува во неделниот извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење, добиен од анализите спроведени во Секторот за санитарна контрола.
Скопје - Санкционирани биле 104 непрописно паркирани возила во општина Центар за една недела.
- Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ во соработка со Сообраќајната полиција - Скопје во периодот од 8 до 14 декември, со помош на специјалните возила „пајак“ отстранија 104 непрописно паркирани возила што го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, соопштија утрово од претпријатието.
За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање, потенцираа дека неопходна е поголема сообраќајна култура. Затоа, нагласија дека претпријатието и Секторот за внатрешни работи - Скопје во наредниот период ќе продолжат со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во општина Центар, со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот.