17 декември 2025
Охрид – Охридскиот народен театар денеска на матичната сцена на Центарот за култура „Григор Прличев“ премиерно ќе ја изведе претставата „Генијална идеја“.
Претставата е дуо-драма во која улогите ги толкуваат актерите Ивица Цонев и Филип Кипровски. Сценографијата е на Филип Витанов, костимиограф Мимоза Тодоровска. Претставата е работена според текст на повеќе автори во драматургија и режија на Ненад Витанов.
Претставата ќе се игра на Малата свена со почеток од 20 часот. Цената на билетот изнесува 300 денари, истите можат да се набават исклучиво на билетарата на Центарот за култура.
Ова е втора премиера финансирана од Министертвото за култура и туризам на Македонија.
Битола - Членови на Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“-Битола освоија 15 високи признанија на меѓународниот ликовен натревар по цртање што се одржа во германскиот град Шведт.
Во конкуренција на илјада селектирани дела чии автори се деца и млади од целиот свет, членовите на ДЛС „Св. Кирил и Методиј“ како единствени македонски учесници со 25 цртежи од исто толку членови на студиото, освоија 15 престижни награди.
Со германски одличја се здобија Сара Сотировска, Давид Атанасовски, Томислав Атанасовски, Јована Василевса, Анабела Јовчевска, Нина Пешевски, Сирма Спиркоска, Ангела Бошевска, Фросина Полизовска, Стефанија Димитријовска, Ивана Влкановска, Луна Петковска, Елиф Сулимановска, Јана Талеска и Јана Мојсовска.
Куманово - Во организација на Центарот за ромска заедница ДРОМ со поддршка на општина Куманово се одржа втора работилница за изработка на локална стратегија за млади на Општина Куманово за периодот 2026 – 2030.
-Преку презентации и отворена дискусија, учесниците на втората работилница, дадоа конкретни предлози и сугестии за унапредување на стратешките цели, мерки и активности, со цел документите да бидат реални, применливи и усогласени со потребите на заедницата. Процесот на изработка на овие стратешки документи претставува важен чекор кон креирање на инклузивни и одржливи политики, насочени кон подобрување на квалитетот на животот на младите и унапредување на здравствената заштита во Општина Куманово, информираа денеска од општината.
Првата работилница беше посветена на иницијалната анализа на состојбите, идентификување на клучните предизвици и дефинирање на приоритетните области, преку вклучување на релевантни локални чинители, институции и граѓански организации. Стратегијата се изработува во согласност со рамката на Националната стратегија за млади и со десетките тематски цели поставени на ниво на Агенцијата за млади и спорт но ќе биде адаптирана на специфичните потреби на Куманово.
Струмица - Општините Гевгелија, Валандово и Босилово и годинава организираат новогодишни базари пред почетокот на новогодишните и божиќните празнувања.
Во Гевгелија базарот ќе се одржи од 24 до 31 декември на Градскиот плоштад и според информацијата од Општината програмата започнува со со Дедо Мраз и Детскиот музички фестивал „Калинкa 2025“. На 25 декември следува Face painting за деца, а наредниот ден ќе настапи Танцовото студио „Мистик“, додека на 27 декември DJ Razal Vetalj и DJ Licen со своите сетови ќе ја подигнат атмосферата.
На 28 декември настапува Ансамблот „Бојмија“, а на 29 и 30 декември следува шоуто на Кристијан Бенито, аниматор за деца и жонглер. Програмата ќе заврши на 31 декември со празнична музика која ќе трае цел ден.
-Посетителите ќе можат да разгледуваат штандови со рачни изработки, локални производи и слатки задоволства.Општина Гевгелија ги повикува граѓаните да се придружат и да го доживеат празничниот дух на базарот, стои во општинската информација.
Кочани - Во организација на Здружението на граѓани за културно-уметнички дејности „ОДОНАТА” од Кочани, денеска во ЦК „Бели мугри“ ќе се одржи културно-уметнички настан насловен „Репродуктивна уметност и дизајн со инспирација од шпанската естетика – Создавање на органски врски со традиционални состојки од Кочани“, под покровителство на амбасадата на Kралството Шпанија во Република Северна Македонија.
Проектот подразбира отворена работилница во која локални уметници и млади учесници ќе изработуваат продукти и слики од рециклирани и органски материјали, преку спој на уметноста, архитектурата и современиот дизајн, проследен со инспирација од шпанската естетика.
Настанот започнува во 12 часот, а најавено е присуство на амбасадорот на Кралството Шпанија во нашата држава.
Струмица - Здружението Лидери за едукација, активизам и развој (LEAD), во соработка со канцеларијата на УНИЦЕФ, од денеска до 19 декември го организира UPSHIFT Саемот на социјални иновации кој ќе се одржи во Струмица.
Како што информираат организаторите, на настанот ќе учествуваат 28 тимови од средни училишта од различни градови низ државата, како и претставници од 13 средни училишта од Скопје, кои ќе ги презентираат своите иновативни решенија за предизвици поврзани со климатските промени и заштитата на животната средина.
-Учесниците претходно поминаа низ интерактивен UPSHIFT процес и локални натпревари на кои беа избрани најдобрите идеи за подобрување на училиштата и локалната заедница. На саемот ќе бидат претставени конкретни ученички проекти со потенцијал за локална имплементација, се наведува во информацијата и поканата за настанот.