МИА Општински пул
- 29 декември 2025
29 декември 2025
Демир Хисар - Општина Демир Хисар во 2026 година ќе доделува паричен надоместок за секое новородено дете, како и еднократна парична помош на семејствата кои имаат запишано прваче во училиштата на подрачјето на таа општина.
Со средства од општинскиот буџет во 2026 година ќе биде доделуван паричен надомест во висина од 10 илјади денари за провородено дете во семејството, 12 илјади денари за второродено дете во семејството и 15 илјади денари за третородено и секое наредно родено дете во семејството. Право на паричен надоместок ќе имаат само семејствата кои се жители на Општина Демир Хисар, потврдија од тамошната локална самоуправа.
Членовите на општинскиот Совет донесоа и одлука за доделување на еднократна парична помош во висина од 7.000 денари на семејства кои ќе имаат запишано прваче во учебната 2026/2027 година во општинските основни училишта на подрачјето на Општина Демир Хисар.
Куманово - Над 150 настани од културата со околу 14.500 посетители, националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ ја завршува 2025-тата година, информираа денеска надлежните.
- Годинава реализиравме преку 150 настани од култура, дел беа од годишната програма од Министерство за култура, а дел беа од другите корисници кои аплицираа за проекти и кои ги реализираа во Центар за култура и Театар Куманово. Станува збор за концерти, изложби, фолклорни активности и други настани. За успешноста на изминатава година говори и посетеноста на нашиве настани. Според податоците кои ги имаме тоа е бројка од околу 14.500 посетители, кои следеле претстави, изложби, концерти, уметнички перформанс, промоции на книга, на што сме благодарни бидејќи публиката е таа која со своето присуство ја создава убавата приказна за и во Центар за култура Куманово, изјави директорот на установата, Сашо Тодоровски.
Особено значаен сегмент од годишниот биланс, според надлежните е театарската продукција. Во текот на 2025 година биле реализирани шест премиерни претстави, три на македонски и три на албански јазик. Претставите не останаа ограничени само на кумановската сцена, туку гостуваа и во други градови низ државата, како и на реномирани театарски фестивали, каде дел од нив беа и наградени.
Гостивар – Кандидатот за градоначалник на општина Гостивар на повторните избори, Ваљбон Лимани, во рамки на предизборната кампања оствари средба со жителите на селото Равен. На средбата присуствуваше и претседателот на Советот на општина, Валдет Џафери, а тема на разговор биле потребите и приоритетите за едно од најбројните населени места во општина Гостивар.
Жителите на Равен ги искажаа нивните мислења и дадоа предлози кои се во насока на подобрување на животот, иднината и развојот. Лимани оцени дека средбата била корисна и притоа како што рече низ отворениот дијалог поставена е основа за носење на фер одлуки и конкретни проекти во интерес на граѓаните.
- Сакам да им се заблагодарам на жителите на Равен за нивното учество, поддршка и покажаната доверба. Само заедно, со граѓаните, може да се изгради поразвиена и пофер општина за сите, рече Лимани.
Ваквите средби, кандидатот за градоначалник од коалицијата Национална алијанса за интеграција, Ваљбон Лимани ќе продолжат и во наредните денови, како дел од кампањата за презентацијата на визијата за Гостивар.
Демир Хисар - Општина Демир Хисар во 2026 година ќе доделува паричен надоместок за секое новородено дете, како и еднократна парична помош на семејствата кои имаат запишано прваче во училиштата на подрачјето на таа општина.
Со средства од општинскиот буџет во 2026 година ќе биде доделуван паричен надомест во висина од 10 илјади денари за провородено дете во семејството, 12 илјади денари за второродено дете во семејството и 15 илјади денари за третородено и секое наредно родено дете во семејството. Право на паричен надоместок ќе имаат само семејствата кои се жители на Општина Демир Хисар, потврдија од тамошната локална самоуправа.
Членовите на општинскиот Совет донесоа и одлука за доделување на еднократна парична помош во висина од 7.000 денари на семејства кои ќе имаат запишано прваче во учебната 2026/2027 година во општинските основни училишта на подрачјето на Општина Демир Хисар.
Скопје – Водата во Скопје е безбедна за пиење, покажуваат податоците од направените анализи на 185 примероци од 41 мерни места.
– Секторот за санитарна контрола во периодот од 22.12.2025 до 26.12.2025 зема 185 примероци за физичко-хемиска и 185 примероци за микро-биолошка анализа на вода за пиење од 41 мерни места во Градот Скопје, стои во соопштението на ЈП Водовод и канализација.
Јавното претпријатие, како што се наведуваат оттаму, со цел подобра информираност на граѓаните на град Скопје, овие податоци ги објавува во неделниот извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење, добиен од анализите спроведени во Секторот за санитарна контрола.
Скопје - Општина Центар организира предновогодишна забава „Вечер под ѕвездите“, која ќе се одржи денеска на Боемска 1, во Дебар Маало.
-Ветувам добро и незаборавно расположение. За сите подготвивме по нешто - од утринските, па сѐ до вечерните часови. Најдобрата журка секогаш е овде, во Центар, во срцето на Скопје, порачал градоначалникот Горан Герасимовски, се наведува во соопштението на Општината.
Предновогодишната програма, како што информираат од Општината, почнува во 11 часот со содржини наменети за најмладите. Ќе настапат „Златните славејчиња“, хорот на ООУ „11 Октомври“ и танцовиот клуб „Еурека“. Кристијан Бенито ќе го изведе своето магионичарско шоу, а Дедо Мраз ќе подари новогодишни пакетчиња.
Празничната атмосфера продолжува попладне со зимскиот уличен фестивал „Грин-Џ 2025“.
Вечерната програма е резервирана за добра журка. Публиката ќе ја загрее DJ Александар Јорданов, по што следуваат Brass Brothers, со електронскиот етно звук.