• вторник, 13 јануари 2026
МИА Општински пул

29 декември 2025 

Штип – Советот на Општина Штип го усвои буџетот за 2026 година, кој со блок-дотации изнесува над две милијарди денари, додека основниот буџет изнесува повеќе од една милијарда денари. Градоначалникот Иван Јорданов истакна дека буџетот предвидува реализација на повеќе капитални проекти кои ќе го модернизираат градот и ќе го подобрат сообраќајот и урбаната инфраструктура. 

Меѓу капиталните проекти, кои се предвидени за реализација во новиот буџет се доизградба на булеварот „Гоце Делчев“, со што влезот и излезот на град Штип кон Скопје ќе добие модерен и современ изглед, потоа ќе се изградат два нови моста на река Брегалница, нова сообраќајница.

-Еден од тие проекти е булеварско уредување на влезот на град Штип, повеќе од 1,6 километри нов булевар, продолжение на булеварот „Гоце Делчев“, кој ќе овозможи модерен и сигурна сообраќајница. Нова сообраќајница во централното градско подрачје, која верувам дека ќе го намали сообраќајниот метеж на веќе постоечките улици „Вита Поп Јорданова“, „Мирче Ацев“ и „Љубен Иванов“, рече Јорданов.

Буџетот, како што додаде, исто така предвидува изградба на два нови моста на река Брегалница, тоа е практично поврзување на обиколницата, нов мост на река Брегалница кај месноста Плуждино со поврзување со Кежовица и уште еден помеѓу населбата Балканска и населба Баби со нова сообраќајница.

Велес - На крводарителска акција што се одржа во селото Горно Јаболчиште, во Општина Чашка, беа собрани 20 крвни единици, при што 13 лица за првпат даруваа крв и се приклучија кон хуманото друштво на крводарители.

Како што информира за МИА секретарот на Општинската организација на Црвен крст Велес, Орце Николов, ова е првата крводарителска акција што се одржала во ова населено место, а воедно и последна активност од ваков вид на ООЦК Велес во 2025 година.

-Сега и официјално жителите од Горно Јаболчиште ги впишавме на мапата на крводарители. На акцијата даруваа 20 лица, од кои 13 за првпат, изјави Николов.

Меѓу крводарителите бил и актуелниот градоначалник на Општина Чашка, Суат Шаќиров, кој со својот пример ја поддржа хуманата акција.

Крводарителската акција беше заеднички организирана од Општинската организација на Црвен крст Велес и Институтот за трансфузиона медицина – Скопје, со поддршка од Општина Чашка и ООУ „Лирија“. Во реализацијата учествуваа и тројца волонтери од Црвениот крст.

Битола - Вкупниот буџет на Општина Битола во новата, 2026 година ќе изнесува 3.107.580.972 денари, информира градоначалникот Тони Коњановски.

При подготовка на буџетот за 2026 година се почитуваа начелата на економичност и рационалност во трошењето на буџетските средства, зголемување на фискалната одговорност и ригорозна контрола на помалку продуктивните трошоци, без да се наруши нормалното функционирање на буџетските институци, истакна Коњановски на седница на Советот на Општина Битола.

-Капиталните расходи во најголем дел се однесуваат на изготвување на проекти, изградба на улици и патишта, водовод, канализација во урбаниот дел на општината, како и во руралниот дел на општината. Нови паркинзи ќе има кај „Овчи Пазар“, кај „Ат пазар“, комплексот болници, на улицата „Браќа Џаферови“, позади зградата позната како „Кифлата“, на просторот кај местото викано кај „Хеликоптерот“. Во делот на спортот и рекреацијата, се вбројува подготовката на проектна документација за мултифункционалниот спортски комплекс, изградба на атлетска патека и борилиште на стадионот „Петар Милошевски“, а ќе се финансира и изработката на физибилити студија за изгрaдба на гондола, изградба на центар за спорт и рекреативни активности, посочи Коњановски.

Штип - Почна реконструкцијата на спортската сала во Општинското основно училиште „Страшо Пинџур“ во селото Карбинци.

Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов на денешната прес-конференција истакна дека проектот се реализира со целосна финансиска поддршка на Министерството за образование и наука, а инвестицијата чини 4.200.000 денари. Реконструкцијата на спортската сала во ООУ „Страшо Пинџур“ се очекува да заврши до крајот на јануари 2026 година.

-Се работи за обнова на подот и еве после извесен период или подолги години ќе добие современ под, односно ќе го направиме според критериумите на еден ваков објект. Во рамките на овој проект ќе биде опфатен и плафонот на самата спортска сала и одредени други содржини, кои се предвидени во овој проект, рече Паунов.

Делчево  - Советот на општина Делчево започнува процес на дигитализација на својата работа, со што седниците на Советот во наредниот период ќе се одржуваат по електронски пат, а јавноста ќе добие целосен и транспарентен увид во работата на локалниот законодавен дом. Како што информира претседателот на Советот на општина Делчево, д-р Николчо Стојменовски, во тек е имплементација на пилот-проект за воведување современ дигитален систем за работа, кој ќе овозможи поефикасно функционирање и зголемена транспарентност.

-По успешната реализација на пилот-фазата и по официјалното потпишување договор со фирмата што го обезбедува софтверското решение, од почетокот на 2026 година електронскиот начин на работа ќе стане стандардна практика на Советот. Во рамки на новиот систем, седниците ќе се одржуваат електронски, а гласањето ќе биде целосно јавно и транспарентно. Граѓаните ќе можат во реално време да следат како гласал секој советник по поединечните точки од дневниот ред – дали гласал „за“, „против“, „воздржан“, бил „отсутен“, „се изземал“ или „не гласал“, информира Стојменовски.

Дополнително, седниците ќе бидат отворени за јавноста и ќе може да се следат во живо, без потреба од физичко присуство. Електронскиот дневен ред ќе биде однапред подготвен и јавно достапен, што ќе овозможи навремено информирање на граѓаните за темите што ќе се разгледуваат.

Скопје - Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска ги додели признанијата за најдобар пожарникар, полицаец и крводарител на градот за 2025 година. Со оваа свеченост се оддаде признание на исклучителните луѓе чија посветеност, храброст и човечност го прават Скопје поубаво и посигурно место за живеење. Признанијата ја истакнуваат нивната пожртвуваност и придонес кон граѓаните и заедницата, а нивниот пример служи како инспирација за сите нас, велат од Град Скопје.

Според Ѓорѓиевски, овие признанија им припаѓаат на исклучителни и докажани луѓе во своите професии, посветени, одговорни и хумани личности, избрани од своите колеги. 

-Нивната работа и пожртвуваност се вистинска мисија во служба на граѓаните и градот. Тие се пример дека храброста, чесноста и човечноста секогаш го наоѓаат својот пат, напиша тој на својот ФБ профил.

За најдобар пожарникар за 2025 година е прогласен Игор Станишев, командир на одделение во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје. Човек кој учествувал во гаснење на бројни пожари и интервенции за заштита и намалување на материјалните штети, а пред сè човек чија храброст и пожртвуваност резултирале со спасување на голем број човечки животи. 

Остани поврзан