• вторник, 11 јуни 2024
МИА Радио флеш

14 мај 2024

- Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, денеска ќе има средба со шефот на делегацијата на Европската Унија во земјава, амбасадорот Дејвид Гир. Како што соопштија од претседателскиот кабинет, Сиљановска Давкована денеска ќе го прими и амбасадорот на Италијанската Република, Андреа Силвестри. Гир и Силвестри по претседателките избори и ја честитаа победата на Гордана Сиљановска-Давкова, а присуствуваа и на нејзината инаугурација во Собранието. Гир во честитката до Сиљановска - Давкова искажа очекувања „за тесна соработка за европската иднина на земјата“.

 

 - Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, кој беше кандидат за претседател од коалицијата Вреди, која почна преговори за состав на нова влада со ВМРО-ДПМНЕ, вели дека не е забрането кога се зборува јавно да се користи само Македонија, без „Република“ и без „Северна“ и додава дека и тој самиот често вели само Македонија, и не ги користи ниту „Република“ ниту „Северна“. Тој коментирајќи ја и заклетвата на новата претседателка Гордана Сиљановска Давкова која не го користеше уставното име, туку само Македонија, истакна дека смета оти Давкова тоа го направила во еуфоријата на изборната кампања. - Мислам дека г-ѓа Давкова се уште е во еуфорија на изборите. Мислам дека тоа не го направи свесно. Тоа го направи подекларативно за да покаже дека има некаква доследност со изборната кампања. Изјавата како претседател е со „Северна Македонија“, вчера по инаугурацијата беше исто така „Северна Македонија“. Пред да дојдам овде, ме известија дека вчера изјавила дека така користела, но дека во иднина ќе го користи уставното име како Северна Македонија, рече Таравари за дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21.

 

 – Некористењето на официјалното име на земјата од страна на претседателката Гордана Сиљановска Давкова за време на нејзината инаугурација, предизвика реакции низ Европа и особена вознемиреност во редовите на десноцентристичката Европската народна партија (ЕПП), чија членка е и ВМРО-ДПМНЕ, оцени „Еурактив“.  Бриселскиот информативен портал наведува дека работите се отидени дотаму што дури генералниот секретар на ЕПП, Танасис Баколас, инаку член на грчката Нова демократија (НД), не и ни честиташе на ВМРО-ДПМНЕ за победата на минатонеделните претседателски и парламентарни избори.  - Нивните намери се целосно разоткриени со овој инцидент, изјави извор во ЕПП за „Еурактив“, додавајќи дека по изборите за членови на Европскиот парламент во јуни, партијата ќе спроведе внатрешно „генерално чистење“ во однос на членувањето на некои партии, при што ВМРО-ДПМНЕ е на врвот на листата за прочистување. 

 

- Напредокот и резултатите од проектот „Visegrad Entrepreneurial Stars“, поддржан од Вишеградскиот фонд, ќе бидат претставени денеска во Едукативниот Центар М6 во Скопје. - Проектот е дел од заложбите за јакнење на еко системот во земјата и поддршка на млади претприемачи во секоја од државите, задржување на младите и нивна инспирација за претприемништво, јакнење на претприемничкиот дух и охрабрување за упорност на патот на кариерата од средно образование кон вработување, соопшти „Visegrad Entrepreneurial Stars“. Ќе се презентираат резултати од проектот со вклученост на шест партнери: Џуниор Ачивмент Македонија, Институтот за одржливост ЕКОС Скопје, Џуниор Ачивмент Полска, Џуниор Ачивмент Словачка, Џуниор Ачивмент Унгарија и Џуниор Ачивмент Чешка. Ќе се промовира и книгата со 15 најдобри студии на случај како отворена можност за користење во наставата по предметите бизнис и претприемништво за поттикнување на учениците кон критичко размислување.

 

- Спроведување на веќе усвоениот Буџет за 2024 година, исполнување на поставените фискални цели и навремено носење на новиот Буџет за 2025 година во согласност со фискалните правила од новиот Закон за буџети, се дел од препораките за Северна Македонија од заедничките заклучоци од десеттиот Економски и финансиски дијалог меѓу ЕУ и земјите кандидати за членство, што се одржа денеска во Брисел, а на кој учествувал заменик-министерот за финансии Филип Николоски. - РС Македонија го спроведе успешно десеттиот циклус од Економскиот и финансиски дијалог, добивајќи најдобра оценка (55,6 од вкупно 100 проценти) од сите земји учеснички во овој процес во спроведување на дефинираните мерки и реформи во рамки на Програмата за економски реформи. Тоа се реформи дефинирани заедно со ЕУ, реформи кои не приближуваат до ЕУ и создаваат услови за економски раст, изјавил заменик-министерот за финансии.

 

- Под мотото „Вкус и традиција“, од 17 до 19 мај во Diamond Mall ќе се одржи Фестивал на македонски домашни производи. Изложувачи на Фестивалот ќе бидат 15 домашни производители на традиционални прехранбени производи и пијалаци. Како што најавуваат организаторите, посетителите ќе можат да вкусат и да набават домашен путер и масло од лешник, производи од тартуфи, комбуха, афион, бобинки и бадем, потоа домашно зреено месо и сувомеснати производи, сирење, зимница и мед, како и ракија, вино и пиво произведени во мали семејни дестилерии, винарници и пиварници.

 

- Македонците минатата година со своите платежни картички во странство потрошиле 573,4 милиони евра од кои 34 отсто или 195,6 милиони евра потрошиле онлајн, купувајќи производи и услуги посебно поврзани со патувања и трансакции за авио-билети и резервации на хотели онлајн. Ова го покажуваат податоците од Народната банка што ги анализираше Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ). Во однос на 2022 година Македонците за купување производи и услуги со платежни картички кон странски е-трговци во 2023 година потрошиле 25,3 отсто повеќе. Бројот на е-трансакциите кон странските земји изнесува 4.6 милиони, а просечната трансакција 43 евра. Вкупно 72 отсто од вредноста и 80 проценти од бројот на направените трансакции се во Холандија, Обединето Кралство, Унгарија, Ирска, САД, Луксембург. Грција и Германија. Mакедонците во 2023 година потрошиле најмногу пари во Холандија (27,5 милиони евра), додека во Луксембург направиле најголем број на трансакции (890 илјади). Највисока просечна вредност на е-трансакција Македонците оставриле во Унгарија односно 144.3 евра, додека во Луксембург Македонците направиле најниска просечна трансакција, 11,7 евра.

 

- Во рамки на вчерашната акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возачи кои управуваат со возила со брзина поголема од дозволената, полицијата казни 173 возачи. Од нив, како што соопшти МВР, 14 возачи управувале со возила со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното. Притоа, 70 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 103 надвор од населено место. ОД МВР најавуваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови, апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за заеднички придонес за побезбедни патишта. 

 

 - Српската комесарка за бегалци и миграција Наташа Станисављевиќ изјави дека бројот на мигранти во Србија е намален за 73 отсто во однос на лани, а дека намалувањето на бројот на мигранти датира од минатата есен. Таа за весникот „Политика“ изјави дека тоа во голема мерка е резултат на нововоспоставената соработка меѓу властите на Турција и Грција на полето на спречување на нерегуларна миграција на Егејското Море и на копнената рута. „Состојбата со миграцијата во Србија е стабилна - сите институции се одговорни и континуирано си ја вршат својата работа и се подготвени доколку има зголемен број на мигранти“, рече Станисављевиќ.

 

– Шефот на опозициската Алијанса за иднината на Косово (ААК), поранешниот косовски премиер, Рамуш Харадинај изјави дека иницијативата на премиерот Курти за распуштање на Парламентот го покажува неговиот очајнички обид „да се спаси“, затоа што „земјата му се лизга под нозете“, јави дописникот на МИА од Приштина. Откако синоќа Курти, по средбата со лидерот на другата опозициска партија, Демократската партија на Косово, Мемли Красниќи, изјави дека разговарале за нови избори и времето кога тие би можеле да се одржат, Харадинај на својата страница на Фејсбук напиша дека ААК „би можела да поддржи распуштање на Собранието, само по оставка или разрешување на премиерот“.

 

- Слободна, напредна Украина е најсилниот отпор на рускиот претседател Владимир Путин, изјави денеска шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен на средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Блинкен, кој претходно денеска беше во ненајавена посета на Киев и се сретна со Зеленски во претседателскиот штаб на Банкова во Киев, на социјалната мрежа Х напиша дека повторно дошол да покаже „непоколеблива поддршка за Украина додека ја брани нејзината слобода од руската агресија. Зеленски му рекол на американскиот дипломат дека тоа е тежок период за украинските војници, особено на истокот на земјата, и му се заблагодарил на Блинкен за клучниот пакет воена помош што Конгресот го донесе минатиот месец, пишува Би-Би-Си.

 

 - Јуриј Кузњецов, шеф на главната кадровска управа на Министерството за одбрана на Русија, е уапсен под сомнение дека примил мито, изјави официјалниот претставник на Истражниот комитет на Русија, Светлана Петренко. -Главната истражна управа на Истражниот комитет на Русија покрена кривична постапка против шефот на кадровската управа на Министерството за одбрана на Русија, Јуриј Кузњецов. Тој е осомничен за примање голем поткуп (6 дел од член 290 од Кривичниот законик на Русија), објави Петренко. Според информациите на истрагата, Кузњецов е 2021-2023 година кога бил шеф  на Осмата управа на Генералштабот примил поткуп од претприемач „за извршување одредени дејствија во нивна корист“.

 

- Властите на Нова Каледонија денеска упатија повик за смирување на тензиите по немирите кои избија во главниот град Нумеа поради дискусијата за уставните измени во Собранието во Париз, кои ги осудуваат сепаратистите на оваа француска прекуморска територија. Луис Ле Фран, високиот комесар на Париз на територијата на Пацификот, рече дека демонстрантите впериле оружје од голем калибар и ловечки пушки кон жандармите. Тој додаде дека нема жртви. „Повеќето од инцидентите се во северните делови на градот“, рече Ле Фран и апелираше да се смири ситуацијата.

 

- Американски државјанин е во 10-дневен притвор што го одреди рускиот суд поради тоа што кажал непристојни зборови при полициски претрес во неговиот стан, објави денеска весникот „Комерсант“. Обвинителите соопштија дека американскиот државјанин е 36-годишниот Анџело Џозеф Таларико. Тој на англиски јазик ги пцуел полицајците кои пристигнале во станот на неговата сопруга во Москва за да го претресат како дел од истрагата за кражба на биткоини во регионот Мурманск, објави „Комерсант“. Во полицискиот извештај се вели дека Американецот, кој се преселил во Русија од Лос Анџелес, им викал на полицајците и употребил два различни збора „чија смисла тие ја разбрале“, пишува весникот. Американецот негирал дека сторил административен прекршок за ситно хулиганство и употреба на непристојни зборови на јавно место. Тој беше приведен во Москва, судот го прогласи за виновен и му одреди 10-дневен притвор, додава „Комерсант“.

 

 - Администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден се сомнева во можноста Израел да постигне „тотална победа“ над палестинскиот Хамас во Појасот Газа, изјави заменик државниот секретар Курт Кембел, пренесоа денеска израелските медиуми. Иако американските власти апелираа до Израел да помогне во подготовката на јасен план за повоено владеење со Газа, изјавата на Кембел е досега најјасното признание од висок американски функционер дека сегашната воена стратегија на Израел нема да ги даде резултатите што ги бара. -Во некои аспекти, ние се бориме околу тоа што е теоријата на победата. Понекогаш кога внимателно ги слушаме израелските лидери, тие најмногу зборуваат за идејата за голема победа на бојното поле, целосна победа, рече Кембел на Младинскиот самит на НАТО во Мајами.

 

 - Израелските сили ги нападнале хуманитарните работници и нивните конвои најмалку осум пати, убивајќи најмалку 15 луѓе, вклучително и деца, од почетокот на војната во Газа, според „Хјуман рајтс воч“. Меѓународната организација за човекови права со седиште во Њујорк соопшти дека хуманитарните групи ги дале своите координати на израелските власти за проверка. Немаше претходно предупредување за нападите, во кои беа ранети и најмалку 16 лица. Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања соопшти дека повеќе од 250 хуманитарни работници се убиени од почетокот на војната, повеќето од нив Палестинци вработени во Агенцијата за бегалци на ОН (УНРВА), која е главен снабдувач на Појасот Газа.

 

- Најмалку 14 лица го загубија животот, а 75 други се повредени откако врз нив падна голем билборд при невреме во индискиот финансиски центар Мумбај, соопштија денеска властите. Видео снимка покажа дека билбордот се тресе од ветрот пред да падне врз куќи и бензинска пумпа во прометниот пат во источното предградие Гаткопар. Градот го зафати невреме што го запре патниот сообраќај и летовите на авионите. Локалните власти соопштија дека најмалку 75 повредени лица се пренесени во болница.

 

 - Компанијата „Опен-АИ“ ја претстави најновата надградба на својата технологија на којашто се заснова чет-ботот со вештачка интелигенција, „Чет-ГПТ“. Новата технологија се нарекува „ГПТ-4о“ и ќе биде достапна за сите корисници на „Чет-ГПТ“, вклучувајќи ги и оние лица кои не се претплатници. Овој модел е побрз од претходните и е програмиран да нуди и одговори коишто звучат „зборлесто“, па дури и „флертувачки“. Новата верзија ќе може и да чита и „да зборува“ за фотографии, да преведува текст од различни јазици, да идентификува емоции од визуелни изрази, а како и претходните верзии, и оваа ќе може да ги „помни“ претходните показатели.

Остани поврзан