• петок, 24 мај 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

 12 април 2024

 

Тетово -Тетовската полиција информира дека ноќеска е најдено возилото од кое е пукано кон куќа на улицата „Илинденска“ во Тетово околу 22 часот и 45 минути. Возилото 15 минути претходно било украдено од сопствениците кои добиле закани со оружје.

Пукањето во СВР Тетово го пријави тетовецот М.Т. од Тетово, кој изјавил дека тоа било направено од возило „фолксваген поло“.

- Увид бил извршен и по преземени мерки околу 01.35 часот на 12.04.2024 на патот Тетово-Попова Шапка возилото било пронајдено. Исто така, по преземени мерки било констатирано дека претходно било пријавено дека околу 22.30 часот со закана со огнено оружје возилото „поло“ било одземено од Ф.Е. и неговиот татко Н.Е. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе бидат поднесени соодветни пријави, се вели во денешното соопштение на СВР Тетово. 

При вчерашното пукање нема повредени лица, а биле направени оштетувања на влезната врата и ѕидовите од куќата.

Охрид – Пчеларите од Охрид и околината синоќа на пригодна свечсност одржана во Големата сала на Општина Охрид ја одбележаа 50-годишнината од постоењето на  Пчеларското здружение „Охрид“.

На свеченоста пред пчеларите се обрати секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, кој им го честиташе јубилејот, истакнувајќи ја важноста на пчеларството, како за здрава животна средина, така и за производството на мед како дел од локалната економија.

-Пчеларството не е само земјоделска гранка, туку е и важен столб на целиот екосистем, а пчелните производи се силна алка во исхраната на човекот и заштитата од болести. Пчеларското здружение преку своите членови и искусни лица овозможува ресурси и знаење кои создаваат поволни услови за одржливо пчеларство, одгледување на здрави пчели и производство на висококвалитетен мед, истакна Китески притоа упатувајќи признание и благодарност до основачите на здружението и сите активни членови кои го одржуваат и градат, ги следат современите трендови и го позиционираат Охрид на мапата на успешни пчеларски региони.

Тој изрази уверување дека и во иднина Пчеларското здружение „Охрид“ ќе продолжи да работи посветно во доменот на заштита на пчеларството и унапредување на оваа значајна дејност.

-Локалната самоуправа секогаш е насочена кон вреднување на успешните приказни и во рамки на нашите ингеренции, ќе бидеме отворени за соработка и поддршка на вашите програми и активности, рече Китески.

На пригодната свеченост која се одржа во Големата сала на Општина Охрид свое обраќање имаше и претседателот на здружението Наум Трпчески.

Кочани – Министерството за транспорт и врски обезбеди над 60 милиони денари во повеќе проекти за подобрување на сообраќајната и другата инфраструктура во општина Кочани, со што се унапредуваат условите за живот на граѓаните и се менува изгледот на градот, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски при денешниот увид во реконструирањето на улици во Кочани.

-За реконструкција на улицата „Борис Трајковски“ инвестираме околу 12 милиони денари, а потоа ќе продолжи и реновирањето на улицата „Гоце Делчев“ за која се обезбедени 15 милиони денари. Претходно, реконструиравме уште три улици во градот, со што освен на регионалната патна мрежа, внимание дадовме и на локалните сообраќајници. За општина Кочани на располагање имаме околу еден милион евра, од кои дел се веќе инвестирани и реализирани. Во изминатиот период завршивме и со реконструкција на патниот правец до Пониква, реконструиравме 15 мостови на патниот правец кон Делчево, обновена е обиколницата околу Кочани, истакна министерот Бочварски.

Реализацијата на инфраструктурните проекти во претходните години се одвивала во отежнати услови поради Ковид пандемијата и енергетската криза, но и покрај тоа инвестициите не биле прекинати во ниту една општина во државата.

-Како министер соработував со две локални власти во Кочани, и од СДСМ и со градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, се работи нормално, без опструкции, таа соработка дава резултат и така ќе продолжиме и во иднина. Овде завршивме и со социјалната станбена зграда која има веќе и технички прием, но поради изборниот процес мораме да почекаме да завршат изборите и веднаш потоа да биде распишан повикот за распределба на новите социјални станбени единици. Мора да споменам дека имаме уште еден проект, а тоа е Декада на Ромите. Кочани во последните две години има добиено околу три милиони денари за два проекта кои што општината проценила дека се потребни, како и во останатите градови во овој регион, а во моментов се работи во општините Чешиново-Облешево и Карбинци, додаде Бочварски.Министерот за транспорт и врски рече дека само во последните неколку години изградени и распределени се девет социјални станбени згради во Струмица, Македонски Брод, Гостивар, Пробиштип, Виница, Свети Николе, Неготино, Гевгелија и Демир Капија, ќе следи распределба во Кочани и Велес, а наскоро ќе почне и изградба на две нови социјални станбени згради во Штип и Прилеп.

Куманово - Проблемот со децата питачи во Куманово е суштински и треба да се ангажираат, граѓанските организации, локалната власт и МТСП за да се реши, порача денеска, Ахмет Јашаревски, советник во локален економски развој во општина Куманово. Во Куманово нема дневен центар кој ќе работи со децата. Граѓанската организација ДРОМ чека да се лиценцира и да може да понуди дневен центар за децата на улица.

- Лани преку „ДРОМ“ и општина Куманово почна со реализација на програмата „Деца на улица“. Мислам дека направивме добра кампања, средби со децата кои питачат на улица, по ресторани, заеднички со институциите Центар за социјални работи, полиција, заедничка екипа која работеше и интервенираше на месата каде питачат децата.

Добар дел од овие деца се на училишна возраст, лани на училиште се вратија дел од нив, но поголем процент сè уште питачат.

- Иако комунициравме со родителите понудивме и поддршка за вработувања повеќето, иако се корисници на социјална помош не сакаа да се вклучат на пазарот на труд, понудивме работни места. Сега пред извесен период поднесовме барање за добивање на лиценца со која би можеле да работиме со деца на улица. Од МТСП ни укажаа на законски стандарди кои треба да се исполнат тоа се однесува имање кујна, посебна простории за едукација. Тие стандарди организацијата ги нема разговараме да помогнат при исполнување на стандарди, рече Јашаровски.

Во овој период ниту организацијата има лиценца, општина нема средства за да финансира таков дневен центар и ќе бара поддршка од државната власт.

Изминатиов период во неколку наврати се одржаа средби на кои беше потенцирано дека е потребна суштинско решавање на проблемот со деца питачи во Куманово. Важно е системски да се искорени оваа појава, од која најмногу страдаат токму малолетните деца, сметаа претставници на општината и државните институции во градот. Првично улогата на институциите е содоветодавна и внесување на децата и нивните семејства во системот за заштита кој обезбедува и други права вклучување во образование, здравство, остварување на парични средства, еднократна парична помош, зависно од состојбата и нивните потреби.

Дебар – Дебарското хуманитарно друштво „Дрита“ по повод големиот муслимански празник Рамазан Бајрам, распределило помош за 56 деца без родители.

- Станува збор за помош во вкупен износ од 989.160 денари, донации на локални жители на Дебар, како и иселеници. Им благодариме за хуманоста што овие дечиња ги израдуваа за празникот. Опфатени се деца од градот, како и селските населени места Могорче, Долно и Горно Косоврасти, Скудриње, општина Маврово и Ростуше, селото Новак, општина Центар Жупа, како и други села, изјави за МИА, Нертил Османи, претседател на друштвото.

Поконкретно, деновите пред и на денот на празникот доделени се ваучери за облека во износ од 297.600 денари, за обувки 84 илјади, за храна во износ од 256 илјади, со цел, како што објаснува Османи, да набават она што им е најпотребно по нивен избор.

- Исто така доделени им се пари во готово во вкупен износ од 336 илјади а по повод празникот распределивме се подароци-пакетчиња а овие и 400 деца од градинката „Брешија“ и дневниот центар за лица со посебни потреби, во вредност од 34.160 денари, вели Османи.

Пред почетокот на Светиот месец Рамазан, друштвото на 56. деца без родители им распределило и пакети со прехранбени артикли, средства за одржување на хигиена, како и месо.

Од друштвото најавуваат дека продолжуваат со нивната хуманитарна активност со цел да помогнат а насмевките на детските лица, додава, е нивната најголема сатисфакција.

Крива Паланка - Здружението за лица со попреченост „Хендикеп плус" денеска организираше настан за промоција на проектот „Пристапна и отворена општина" во чии рамки Општина Крива Паланка потпиша меморандум со Совет на лица со попреченост Хендикеп плус за унапредување на правата на заедницата со попреченост на територија на општината.

Проектот „Пристапна и отворена општина" финансиран од Бугарската помош за развој има за цел продлабочување на соработката за унапредување на правата на лицата со попречености.

-Како прва општина на Балканот, во рамки на овој проект, Крива Паланка ќе креира два иновативни формати: Статутот на Општина Крива Паланка ќе биде достапен на Брајова азбука и аудио-формат на Статутот на Општина Крива Паланка достапен за јавноста, посочуваат од општината.

Советот на лица со попреченост ќе биде неформално тело кое ќе има функција на креирање модел за јакнење на сите чинители во заедницата за промовирање и имплементација на инклузивни политики.

-Целта е промовирање и афирмирање на прашањето на хендикеп и подигнување на јавната свест кај населението. Ќе бидат таргетирани Советот на Општина Крива Паланка, локалните креатори на политики, организации на лица со попречености и јавноста, за заедно да придонесеме кон потранспарентно, одговорно и инклузивно владеење на локално ниво каде и заедницата со попреченост ќе може да ги ужива своите права на еднаква основа со другите, рече Бранкица Димитровска, претседавач на Советот на лица со попречености од „Хендикеп плус“.

Проектот „Oтворена и пристапна општина“ е насочен кон обезбдување на социјални промени во општина Крива Паланка, иницирани од лицата со попреченост за потранспарентно, одговорно и инклузивно владеење на локално ниво. 

- Им честитам на Бранкица и на сите нејзини соработници за вториот по ред проект финансиран од Бугарската помош за развој, кој е насочен кон промовирање на обврските од Конвенцијата за правата на лицата со попреченост преку активно учество на лицата со попреченост во креирањето и донесувањето одлуки на локално ниво. Честитки и до општината и Советот за отвореноста и соработката и посакувам успешна работа и одлични резултати, рече Рене Иванова од соработник од Амбасадата на Република Бугарија во Северна Македонија.

Изабела Павловска, претседателка на Советот на Општина Крива Паланка рече дека меморандумот е форма,но поддршката, разбирањето и реалните чекори кои општината во континуитет ги превзема за унапредување на правата на лицата со попречености од Крива Паланка се она што ја прави општината пример за тоа како низ дијалог и со отворен пристап,со слух за сите потреби на лицата и од оваа популација, работи на решавање на проблемите на граѓаните.

-Најважно е што чекориме заедно на тој пат кон унапредување на правата на лицата со попречености, тука сме за сите реални потреби кои тие најдобро ги знаат и низ овој совет,во соработка понатаму и со Советот на Општина Крива Паланка, само ќе креираме уште еден модел за јасно дефинирањето и артикулирање на тие потреби,и ќе креираме мерки и активности кон решавање на истите,рече Павловска 

Проектот ќе трае седум месеци.

Тетово - Градоначалникот на Тетово,Биљал Касами денеска ќе го презентира новиот проект за Градскиот стадион.

Како што е најавено од општина Тетово, тој ќе информира за деталите за проектот и за почетокот на работите, за новиот проект за Градскиот стадион.

Ќе има и музички дел со настап на популарни албански музички уметници. 

Дебар - Полициски службеници синоќа во Дебар привеле 24- годишен дебранец поради семејно насилство.

- Синоќа во 20 часот полициски службеници од дебарското одделението за внатрешни работи го лишиja од слобода В.К.(24) од Дебар поради сомнение дека агресивно се однесувал и упатувал закани кон 47- годишна жена и нејзината малолетна ќерка од Дебар, информираше Стефан Димовски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.

Според него, по насоки од јавен обвинител, против него ќе биде поднесена соодветна пријава. 

Насилникот и нападнатите се во роднинска врска. Тој агресивно се однесувал кон неговата мајка И.К. и неговата малолетна сестра.

Ова е прв регистриран случај на семејно насилство годинава. Минатата година регистрирани се десеттина случаи на семејно насилство, каде главно е физички напад од страна на сопруг кон сопруга.

Куманово - Отфрлена е кривичната пријава против поранешниот претседател на кумановското здружение на пензионери, Благе Јакимовски, информираа денеска од поранешното раководство на здружението.

Пријавата против поранешниот претседател на здружението Јакимовски, што ја поднесе МВР за „злоупотреба на службената положба и овластување“ е отфрлена како неоснована.

- Јас и тогаш и сега одговорно тврдам дека нема никаква злоупотреба на службена положба, тоа беше дел од „валканата“ игра на некои членови на здружението потпомогнати од одредени политички структури, со цел тогашниот претседателот Благе Јакимовски да се оцрни и елиминира како кандидат за претседател на изборите кои беа во тек да се преземе здружението и да се дојде на функција, изјави Гордица Бошковска, поранешен секретар на здружението на пензионери.

Таа појаснува дека одлуката на која се повикуваат како основа за злоупотреба на службената положба не постои.

- Под број и дата која ги носи одлуката никаде во деловникот на здружението не е заведена како донесена што значи истата е измислена за одредена цел која цел за жал и беше  постигната. Сакам да ја информирам јавноста пред сè членовите на здружението дека со отфрлањето на кривичната пријава од ЈО Куманово како неоснована се потврди дека сите изречени невистини, навреди и клевети спрема нас како тогашно раководство од некои членови на Здруженитое кои сега се дел од актуелното раководство беа неосновани, невистинити и злонамерни, изјави Бошковска.

Тие очекуваат сегашното раководство да се извини.

Крива Паланка – Според информациите од одговорните во Одделението за внатрешни работи Крива Паланка, работењето на територијата на оваа општина бележи импозантни бројки и над 70 отсто ефикасност во работењето, што претставува поголема ефикасност во споредба со минатата, 2023 година, изјави дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, кој денеска заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, ја посетија Крива Паланка. 

Со тоа, како што рече Бојмацалиев, уште еднаш се потврдува тезата дека со опремена и добро мотивирана полиција имаме побезбедни граѓани.

-Тука е и фактот дека сите полициски станици на територија на СВР Куманово, каде спаѓа и Крива Паланка, се реконструирани, посочи дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи.

Бојмацалиев и Тасевски остварија работна средба со раководствата на Одделение за внатрешни работи Крива Паланка и ПС Граничен премин Деве Баир.

- Бев информиран и дека оперативниот штаб за претстојните претседателски и парламентарни избори е формиран и комплетиран, функционира и се преземаат сите неопходни работи со цел и граѓаните и политичките партии да бидат безбедни, како за време на тековната кампања, така и на денот на изборите, додаде Бојмацалиев.

Рече, она што се говори постојано и на што работи раководството во МВР се сплотеност и ефикасност, во интерес на граѓаните и безбедноста.

На прашање за тоа дали процесот со личните документи се одвива со очекувана динамика, посочи дека, според неговите информации од терен, стигнуваат поплаки од граѓаните дека, сега, откако ќе се сликаат чекаат и по повеќе од два месеци, така што, нагласи, она што министерот од оваа техничка влада го најавуваше, не направи никакви револуционерни процеси, какви што ветуваше, за решавање на процесот.

Делчево - Жителите на делчевското село Габрово синоќа организираа средба на која собираа потписи за поднесување петиција за продолжување на реконструкцијата на регионалниот пат Делчево - Габрово. 

Иницијативата е на селаните кои решија да реагираат, откако според нивни информации по реакција на жител од селото, стопирана е работата за продолжување на реконструкцијата, што започна пред околу два месеци.

- Благодарение на општината која ни излезе во пресрет да го прошири патот што ни беше тесен. И сега се појави мал проблем околу проширувањето на патот од страна на еден наш сограѓанин. И затоа вечерва сме собрани да се потпишаме и да поднесеме петиција до Општината, да реагира и тој проблем да се реши и да се продолжи со работата и изведбите и машините да не се стопираат и да се продолжи со работа, вели Душко Стоиловски од село Габрово.

Патот, како што додава, им е потребен  на селаните, бидејќи во моментот целиот е прекопан и мештаните не можат да се движат со нивните возила.

- Сигурни сме дека проблемот ќе се реши. Сега сме тука за да можеме да поднесеме петиција, за изведувачите да имаат правна основа да реагираат и да се продолжи со работа, додава Стоиловски.

Реконструкцијата на патот до село Габрово започна во февруари. Изградбата ја вршат екипи на Јавното Претпријатие за одржување регионални и магистрални патишта, а согласно проектот, реконструкцијата предвидува санација и поставување нов асфалт во должина од 1,7 километри 

Реконструкцијата на регионалниот пат за село  Габрово чини 21, 3 милиони денари средства преку Програмата на ЈП, а градежните работи ги извршува ЈП за одржување на регионални и магистрални патишта. 

Струга - „Духовите на радиото“ е тема на „Радио ателје-Струга“ што од 22 април до 9 мај ќе се одржува во Струга во рамките на пролетниот циклус од проектот „Уметникот во заедницата - резиденција и развоен хаб, Вишни“ во организација на Иницијативата за независен културен активизам (ИНКА).

Прв од тројцата уметници резиденти, како што соопшти ИНКА, ќе биде Харис Сахачиќ од Босна и Херцеговина.

- Идејата позади „Радио ателјето“ е дружење, размена на знаење и создавање без страв од слободата. Поканети се сите луѓе од регионот на Струга и Охрид, кои сакаат да ја истражуваат морфологијата на артикулацијата, звучните пејсажи, акустичните украси и музицирањето со звук, информира ИНКА.

Заинтересираните можат да се пријават на zdruzinka@gmail.com.

Проектот „Уметникот во заедницата - резиденција и развоен хаб, Вишни“ се реализира преку WBF move funds, преку програмата за култура и креативност на Западен Балкан, имплементирана од УНЕСКО, финансирана од Европската унија. Активноста е поддржана и од Министерство за култура, а партнер во проектот е и Minipogon, Србија.

Струмица - Во селото Чанаклија, во Општина Василево, тече изградбата на повеќенаменско игралиште за кое општината обезбеди средства од сопствените приходи.

Како што информираа од локалната самоуправа, изградбата на ова игралиште е планирана со Програмата за уредување на просторот на градежното земјиште во руралните подрачја во општината за 2023 година, кога била спроведена и постапката за јавна набавка.

Според документацијата, асфалтната подлога на игралиштето ќе изнесува 990 квадратни метри, а од едната страна, заради специфичноста на теренот, на три нивоа ќе бидат поставени габиони, односно специјален камен во жичени кутии. Игралиштето ќе биде оградено и осветлено со четири лед рефлектори. Ќе се монтираат стативи за голови и кошеви, а од дополнителна паркова инфраструктура ќе бидат поставени клупи и корпи за отпадоци.

За изградбата на повеќенаменското игралиште од општинската каса се планирани 3,5 милиони денари, а од Општина Василево наскоро најавуваат и изградба на исто такво игралиште во селото Висока Маала.

Карбинци - Почна доизградбата на локалниот пат меѓу селата Радање и Оџалија во Општина Карбинци. Градоначалникот Карбинци на денешната прес-конференција истакна дека станува збор за пат, кој досега не бил доизграден за 350 метри.

-Овој проект е од суштинско значење за жителите на село Оџалија, но е и долгогодишно барање за жителите од овој регион.Продолжуваме со активностите, наскоро за неколку дена ќе биде и целосно завршен со нова асфалтна површина, вели Паунов.

Инаку трите проекти за изградба на улици и патишта во селата Парналија, Горни Балван и Оџалија чинат 4,8 милиони денари. Паунов истакна дека овие средства целосно се обезбедени од буџетот на Општина Карбинци. Тој на денешната прес-конференција најави дека претстојат и градежни активности на две детски игралишта. 

Скопје - Без вода денеска од 09:00 часот ќе бидат корисниците од улиците „Струшка“ и „Јуриј Гагарин“ во Општина Карпош.

Како што информира Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради отстранување уличен дефект на водоводна мрежа на ул. „Струшка“ бр. 4. Водоснабдувањето ќе биде прекинато до завршување со работните активности.

Исто така, од 09:00 часот до завршување со интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата „Камник“ (по ново ул.„Љубиша Самарџиќ“), вклучително и ресторанот и стрелиштето во Општина Гази Баба. Ппрекинот е поради отстранување дефект на водоводна мрежа со пречник од ф-100мм на ул. „Камник“ (по ново ул.„Љубиша Самарџиќ“).

Поради отстранување внатрешен дефект на водоводна мрежа во комплексот згради „Ист Гејт“ на ул. „Беласица“ бб во Општина Гази Баба, од 09:00 часот до завршување со интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од наведениот комплекс. Санацијата ќе се врши од страна на приватни фирми.

Од 09:00 часот до завршување со интервенцијата, поради изведување на водоводен приклучок на ул.„Дане Крапчев“ прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од улиците „Дане Крапчев“, „Дебарца“ и „Славка Недиќ“ во Општина Центар. 

Остани поврзан