• среда, 17 јули 2024
МИА Општински пул

16 јули 2024

Охрид -  Музичката програма на „Охридско лето“ за вечерва нуди целовечерен концерт на германскиот уметник на гитара, Герхарт Рајхенбах.

Рајхенбах е еден од водечките германски класични гитаристи. Дебитира како солист во 1980 година во Дизелдорф, а на меѓународната сцена за прв пат настапува во 1990 година на Фестивалот за гитара во Волос, Грција. Од тогаш, повеќе од 40 години одржува концерти како солист, со оркестар и на бројни фестивали кои го носат меѓу останатите на сцената на Берлинската филхармонија и во Интернационалната куќа на музиката во Москва.

Струга -  Вкупно 43.400 членови биле запишани во Библиотеката во Струга во периодот од 1952 – 2001 година, покажува аналитичкото истражување на Николина Велкоска-Глигороска што синоќа беше промовирано во центарот за култура „Браќа Миладиновци“.

Целта на истражувањето насловено „Движење и категоризација на членството во јавната Библиотека при центарот за култура „Браќа Миладиновци“  во периодот 1952 – 2001“, според авторката, била да се добие целосна слика на бројот на повеќе категории читатели. Возрасни, деца од училишна и предучилишна возраст, студенти, вработени, невработени...

- Идејата за вакво исцрпно истражување за движење на бројот на членството доаѓа во соработка со мојот колега, доајен на македонското библиотекарство, Богомир Наумоски- библиотекар, советник и своевремено директор на Библиотеката и Центарот за култура, истакна за МИА, Велкоска-Глигороска.

Скопје - Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски иницираше средба со проф. д-р Татјана Стојаноска Иванова од Институт за социологија при Филозофскиот факултет на која разговараше за девијантните појави и вандализмот во Капиштец.

На средбата беше потенцирано дека вандализмот и деструкцијата кај младите е проблем кој мора да се адресира со соодветни законски решенија и стратегија.

Крива Паланка - Инструментот харфа и неповторливата македонска харфистка, Весна Станојевска-Микиќ, синоќа за првпат беа претставени пред публиката во Крива Паланка на настанот „Читаме и сликаме музика" во организација на Националната установа Центар за култура Крива Паланка.

Овој извонреден мултимедијален концепт на летната сцена во градот донесе позната француска филмска музика, изведена на харфа, надополнета со безвременските стихови од македонски современи поети во интерпретација на актерот Александар Микиќ, обоени со монохромијата на платно од уметницата Валентина Илијевска.

Струмица - Откакао вчера беша изгаснат крајниот северозападен крак од големиот пожар кој избувна пред седум денови на планината Огражден, над селото Бадилен, на територијата на Општина Ново Село, денеска се продолжува со гаснење и на југозападниот крак, веднаш до границата со Бугарија. Пожарот се уште е активен, а според директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов се разгледува можноста за повторно вклучување на „Ер тракторите“, како што дејствуваа вчера.

Според командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев, може да се очекува во текот на денешниот ден пожарот да биде изгаснат, но на многу делови и непристапни места догорува напластен сув материјал.

Битола -  Екипите на ТППЕ Битола, како во текот на ноќта, така и утрово продолжуваат да работат на целосно ставање под контрола на пожарот над Битола.

Од Општина Битола утрово информираа дека заедно со екипите на јавните претпријатија во моментот на терен се над 100 лица, за кои се обезбедени доволни количини на храна и вода.

- Паралелно се одржува комуникација со центарот за управување со кризи од каде е најавена поддршка од воздух во гаснењето на пожарот, соопштија од Општината.

Куманово - Кумановската општа болница обезбеди нова опрема, апарат за анестезија, електрокаутер и аспиратори за потребите на одделението за уво, нос и грло, информираа денеска надлежните.

- Пациентите реагираа, бидејќи не можеа да се оперираат без потребната апаратура на одделението. Набавивме нова опрема и сега повторно ќе може да се изведуваaт операции, нема да имаат потреба пациентите да создаваат дополнителни трошоци за патување кон скопските клиники или пак да се лекуваат на приватно, изјави директорката на болницата, Биљана Ивановска.

Скопје -  Во „Котур кафе и филм“ вечер од 20 часот во рамки на фестивалот „Скопско лето“ ќе биде изведена интерактивната експериментална монодрама „Пингвинот“ во продукција на театарот „Златен Елец“. 

Како што соопшти Дирекцијата за култура и уметност - Скопје, се работи за  авторски проект на Тамара Стојаноска и Лео Поповиќ, работен според текстови на Данкан Мекмилан и Џони Донахjу и документарни материјали на Вернер Херцог. 

Остани поврзан