• сабота, 20 јули 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

6 декември 2023

 

Кочани – Доброволното противпожарно друштво од Кочани денеска доби опрема за лична заштита и технички уреди за меѓусебна комуникација на пожарникарите волонтери, што како донација ги обезбеди Амбсадата на Сојузна Република Германија.

Претставници на донаторот присуствуваа на примопредавањето на опремата што се реализираше со финансиска поддршка од фондот Мали проекти на Амбасадата.

-Амбасадата го поздравува хуманиот доброволен ангажман на членовите на ДПД – Кочани, кои освен во давањето помош во цивилната заштита, активни се и во областа на заштитата на животната средина и во обуките на најмладите во различни области. Особено го поздравувме вклучувањето на жените во нивните активности, а сигурни сме дека оваа донација е дадена во вистински раце. На Друштвото му посакуваме што помалку ситуации каде опремата за заштита и спасување ќе биде потребна, истакна Доминик Куберлинг, претставник на Одделот за економија и економска соработка во Амбасадата на Германија.

Од Доброволното противпожарно друштво се заблагодарија за донацијата и нагласија дека со обезбедувањето на опремата значително ќе се подобрат капацитетите, мобилноста и ефикасноста на пожарникарите, а граѓаните ќе добијат дополнителна заштита и сигурност.

- Нашите волонтери добија интервентни чизми, мобилни станици за комуникација меѓу пожарникарите на терен и оние во возилата, потоа моторни пили, турбомлазници за вода и заштитни маски. Преку овој проект остваривме уште една цел што беше приоритетна за оваа година, а тоа е набавка на контејнери за собирање и селекција на цврст отпад, што потоа ќе се носи во овластена фирма откупувач. Со тоа, освен еколошкиот ефект, ќе обезбедиме и финансиски средства за нашето функционирање, истакна Златко Илијев, претседател на ДПД – Кочани.

Со примопредавањето на противпожарната опрема и контејнерите за селекција на отпадот кочанските пожаникари волонтери ја завршија импементацијата на проектот што се реализираше со поддршка од Германската амбасада.

Прилеп - Со работилница насловена „Обединети против насилството врз девојчињата и жените“ што денеска се одржа во големата сала од локалната самоуправа, Прилеп се вклучува во кампањата „Шеснаесет дена активизам против насилството“.

До крајот на ноември во прилепскиот Центар за социјални работи има пријавено 89 случаи, главно на семејно насилство и најмногу врз жените, но само 30 случаи се проследени да постапува судот. Економската зависност, срамот од околината и давањето втора шанса на насилникот, сѐ уште се стигми за да се пријави семејното насилство врз девојчиња и жени, анализираат од прилепскиот Центар за социјални работи.

- По добивањето на пријавата, итно, најдоцна во рок од 12 часа имаме законска обврска и постапуваме и стапуваме во контакт со жртвата од семејно насилство. До 30 ноември годинава имаме 89 пријави за семејно насилство и родово базирано насилство. Најчесто жртви се жените или девојките. Од 89 случаи, во 30 случаи се поднесени прелог-мерки до основниот суд во Прилеп за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство. Споредено со последните две години, бројките се помали. Во 2021 имавме евидентирано 150, а лани 140 пријави. Сакаме да веруваме дека намалените бројки се поради нашето дејствување, но сѐ уште има стигми за да се пријави. Затоа ги охрабруваме жртвите да пријавуваат, да се подигне свеста и да се дејствува институционално, да се одлучат за поведување судски постапки зашто засега бројот е мал, вели Гордана Велјаноска, педагог во Центарот за социјални работи во Прилеп.

Законот е нов, ги опфаќа сите области на насилството за санкционирање. Недостасуваат шелтер центри, а видовите насилства подеднакво демнат, заедно со електронското.

- Новиот закон за заштита од насилство врз жени, семејно насилство и родово базирано насилство е од 2021 година. Значително е подобрен од стариот закон и ги дефинира и ги детектира повеќето форми на насилство кои претходно не беа опфатени. Сите видови насилства ги има, но останува во најголемиот број семејното насилство, а повеќе од 90 проценти жртви се жените. Има колебања да се пријави насилникот, но во последно време значително повеќето жртви се осмелуваат да пријават насилство.  Дејствуваме мултисекторски, заедно со институциите и граѓанскиот сектор. Но недостасуваат шелтер центри, според нас само еден функционира во Струмица, во Пелагониско нема. И тоа тој што функционира работи со половичен капацитет, изјави Горан Илиоски, правен советник во невладина организација „ЕХО“ во Прилеп.

Од 2018 година, невладината организација „Ехо“ има формирано мултисекторски тимови во четири региони: во Штип, Струмица, во Прилеп и во Гевгелија.

Од 2018 до 2023 година преку моделот на „Ехо“ за мултисекторски пристап за ефикасна заштита на жени и девојки од насилство, како што информира Илиоски, се остварени повеќе од 3 500 услуги за 1330 случаи. Од нив, од септември 2022 година досега, во Прилеп се повеќе од 200 услуги за 52 жртви на насилство. Што се однесува до Шелтер центрите, според нас, нагласува Илиоски, треба да има во секој регион.Во Пелагонискиот регион ема, еден има во Струмица, но не сум сигурен, вели тој, за максималната искористеност на капацитетите. 

Од прилепската локална самоуправа апелираат на подигнување на свеста и пријавувањето на насилството.

- Токму подигнувањето на свеста да се застане на патот на насилството е и оваа работилница „Обединети против насилството врз девојчињатаи жените“ со што прилеп се вклучува во кампањата„16 денови активизам против насилството. Ги охрабрувае сите жртви да пријават какво било насилство, рече Александра Димова, советник во општонскиот Совет на Прилеп.

Со едноминутно молчење учесниците во работилницата против насилство и оддадоа почит на 14-годишната Вања Ѓорчевска.

Карбинци - Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов по вчерашниот демант на Миностерството за внатрешни работи, со кој се демантира дека е спречен обид за грабнување на дете во ООУ „Страшо Пинџур“ Карбинци денеска се огласи преку фејсбук статус во кој вели дека  јавноста мора да ја знае вистината.

- Во текот на вчерашниот ден во ООУ „Страшо Пинџур“ Карбинци се случи немил настан кога непознато лице со возило марка Голф со скопски регистарски таблички се обиде да намами и заведе во своето возило двајца ученици од деветто и шестто одделение. Од исказите на учениците и сведоците, но и од доказот што едниот ученик земал пари од непознатото лице (кои подоцна ги предал на полицијата) и од надзорните камери се утврдува дека имало таков обид. Кои биле мотивите? Дали е нормално кога возрасен маж со возило за време на настава бара да оди на „кафе“ со малолетно девојче од 13 години и притоа девојчето видно вознемирено го пријавува случајот во училиштето а училиштето до МВР, да се земе како случај кој не бил обид за такво нешто?, прашува Паунов.

Во фејсбук статусот наведува наместо брзата реакција на училиштето да биде аларм за МВР, се случи спротивното, МВР демантира дека воопшто имало ваков обид. 

-Ниту една закана од страна на министерот Спасовски, ниту една закана од страна на доушниците кои ги испраќате нема да не исплашите да реагираме на вакви непосакувани ситуации. Моја грижа се жителите на мојата општина Карбинци, децата во училиштата, градинката и секој граѓанин во оваа општина. Политиката да ја тргнете надвор од реалната ситуација, а безбедноста да ја подобрите во интерес на сите граѓани, вели Паунов.

Забележува дека кога има пријава од страна на директор на училиште и градоначалник на општина со индиции за ваков случај треба да биде сфатено и постапено со нај сериозен пристап.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски синоќа на прес- конференцијата во МВР порача да не се користат вакви настани во политички цели.

Од СВР Штип велат дека остануваат на вчерашното соопштение, а се работи на расчистување на случајот во ООУ „Страшо Пинџур“ Карбинци. 

Струмица - Во Струмица денеска со засадување на 150 дрвца почна обновувањето на дрворедите на булеварите во градот. Иницијативата е на млади струмичани кои реагирале на исекувањето на дотраените дрвца од новата велосипедска патека и денеска ученици од трите средни училишта и Младинскиот совет заедно со градоначалникот Костадин Костадинов засадија нови.

- Целата иницијатива започна заедно со младите Катја Маглешева и Филип Тодоров при реализацијата на велосипедската патека. Знаевме дека имаме и неплански насадени дрвца и растенија коишто не беа компатибилни за дрвореди и правеа штети и на тротоарите и на улицата и моравме да ги исечеме. Но, направивме многу добар договор со Катја и Филип и со сите средношколци на секое исечено дрво да засадиме 10 нови, но не во планина, туку долж булеварите во Струмица и тоа и се случува, изјави градоначалникот Костадинов.

Според Катја Маглешева, целата иницијатива произлегла по отстранување на дрвја кога почнала изградбата на новата велосипедска патека.

-Упативме молба до градоначалникот Костадинов и бевме примени кај него за да разговараме и се договоривме да бидат засадени 150 дрвца на места од кои беа отстранети, но и на нови места и на тој начин да дадеме наш придонес во намалувањето на загадувањето, изјави Маглешева.

Дрвцата кои денес се посадија имаат корен што не се шири, туку одат централно кон земјата и ќе бидат компатибилни со инфраструктурата во Општина Струмица, а како што најави струмичкиот градоначалник зазеленувањето на урбаниот дел на градот ќе продолжи и понатаму. 

Кавадарци - Сензорна соба беше отворена денеска во објектот ,,Сонце" на детската градинка ,,Рада Поцева" во Кавадарци. Весна Ѓорѓиева, советник во Совет на општината Кавадарци, во изјава за медиумите рече дека децата ќе имаат можност за спроведување на воспитно - образовни практики со соодветни реквизити и стимулативни алатки, што  ќе придонесат кон подигнување на квалитетот на воспитно - образовниот процес.

Таа нагласи дека сензорните соби се клучен елемент на инклузивното образование неопходни за правилна едукација и развој на децата со попреченост, мултисензорен простор кој овозможува индивидуализиран пристап и интервенција преку дополнителна сензорна стимулација или намалување на сензорните дразби.

- Оваа сензорна просторија е опремена со дидактички материјали, сензорни елементи и рехабилитациско - рекреациска опрема и претставува можност каде децата ќе имаат можност да добијат инклузивен третман. Проектот е финансиски поддржан од Германското друштво за меѓународна соработка ГИЗ, во соработка со ЗЕЛС, појасни Ѓорѓиева. 

Таа додаде дека стручната служба ќе може дополнително да се посвети на подобрување на способностите на детето да се насочува кон задачите и полесно да одржува внимание, да координира моторни активности, самостојно да планира и реализира нови задачи и да развива сосцијални релации.

Благодарност изразија директорката на градинката Цанка Добринова и дефектологот Верица Касапинова. 

Скопје - Пуштена е во употреба новата реконструирана улица „20“ во населбата Припор. Како што информира Општина Кисела Вода, стотици жители кои 55 години немаа слух од претходните раководства првпат добија нов асфалт. Улицата, која се протега на 1350 квадратни метри и на која се одвива нивното секојдневие, е правена со самопридонес во 1969 година.

За таа цел граѓаните на градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски му врачија благодарница на која сите се потпишаа.

- За некого можеби ова е мала, но за стотиците жители од улица „20“ во Припор голема работа бидејќи првпат во историјата добиваат улица, кои претходно ја правеле со самопридонес. Ваквите случаи се минато, а ние продолжуваме понатаму со уште посилно темпо, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски на синоќешната средба со граѓаните, која ја искористи да се информира и за останатите потреби кои ги имаат граѓаните.

Како резултат на стратегијата на Општина Кисела Вода за рамномерен регионален развој и унапредување на инфраструктурата во сите свои населби и населени места, досега во урбаната заедница Припор е извршено асфалтирање на улици во должина од околу 1600 метри. 

Општина Кисела Вода потсетува дека за овие две години инвестирале во обнова на патната инфраструктура во должина од над 44 километри. 

Скопје - Општина Центар ја отвори првата Енергетска канцеларија во нашата земја, со цел да ја поттикне енергетската транформација и транзиција во локалните самоуправи, но и пошироко на државно ниво.

Во канцеларијата, сместена во Младинскиот центар ,,Матично’’, граѓаните и сите заинтересирани страни ќе можат да се информираат за можностите за енергетски инвестиции, да учат на темата зелена и праведна енергетска транзиција, или да остварат комуникација и добијат поддршка поврзана со енергетска независност и одржлив развој.

Во организација на Здружението за зелено општество-Гринер, денеска беше одржана првата работилница на која градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, граѓаните, невладините организации, советници и членовите на администрацијата дискутираа за трансформација на Општина Центар во енергетски самоодржлива локална единица.

,,Општина Центар" процесот на енергетска транзиција го започна со оформување на трговското друштво за производство и продажба на електрична енергија претпријатието „Енергија Центар“, со поддршка на Фондацијата „Фридрих Еберт". Во градинката „Пепелашка“ веќе имаме поставено фотоволтаичен систем кој треба да ги задоволи потребите за електрична енергија и во зимскиот период, сега на ред се основните училишта’’, информираше Герасимовски.

Работилниците ќе продолжат во Енергетската канцеларија и наредниве денови, а планирани се и отворени денови за комуникација со граѓаните не само за проекти во делот на енергетската ефикасност, туку и за сите проекти кои општината ги нуди во интерес на граѓаните, вклучително и за субвенции на лифтови, покриви и фасади.

Велес - Во хотелот „Глориус“ кај велешко езеро „Младост“ денеска се одржа Меѓународен вински натпревар посветен на сортата „вранец“, на кој учествуваат во најголем дел македонски винопроизводители на оваа сорта ,како и винопроизводители од Србија, Косово, Црна Гора и Хрватска.

Натпрварот, на кој за оценка беа стотина мостри вина од сортата вранец од овие земји, ги оценуваат меѓународни вински судии експерти, а доаѓаат од 15 земји од светот како САД, Велика Британија, Италија, Бугарија, Грција, меѓу кои и по еден судија и од Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора. Од нашата земја е Елена Милошевска, интернационален вински судија на „Конкур Мундијал“, информира за МИА, Звонко Херцег, претседател на Македонската асоцијацијана сомелиери и иницијатор на овој настан, на кој домаќин е Асоцијацијата „Вина од Македонија“, додека организатор е „Конкур Мундијал Депресион“ еден од настарите вински натпревари во Европа. 

Резултатите од натпреварот ќе бидат соопштени в понеделник кога ќе бидат врачени и наградите „Гран голд“, златна сребрена и бронзена плакета за најдобри вина, според освените поени на натпреварот, појасни Херцег.

Куманово - Јавните претпријатија „Водовод“ од Куманово и од Врање преку прекуграничен проект соработуваат и набавија градежни машини за потребите на граѓаните, соопштија денеска надлежните од претпријатијата кои го промовираа проектот во Куманово.

Проектот „Зајакнување на прекуграничната соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Србија со заедничка цел, подобрување на животната средина“ има за цел да понуди поквалитетни услуги кон граѓаните преку набавка на опрема за двете претпријатија.

- Вредноста на сумата 310.000 евра кои се делат рамномерно на двете претпријатија. „Водовод“ ќе добие цистерна под притисок која ќе служи за прочистување на атмосферска и фекална канализациска мрежа. Ваков вид на специјално возило со ваква намена ЈП „Водовод“ последен пат доби во 1996-та година. Се надеваме дека ќе ја подобриме услугата кон граѓаните, изјави директорот на ЈП „Водовод“, Оливер Стојмановски.

Финансискиот директор на „Водовод“ Врање, Наташа Димитријевиќ, кажа дека ваквите проекти се исклучително значајни за функционирањето и ефикасноста на претпријатијата. Таа дополни дека ќе добијат специјално возило градежна машина, за изградба и продолжување на канализациска мрежа за заштита од евентуални поплави.

- Првпат учествуваме во ваков проект. Со кумановскиот „Водовод“ и претходно сме имале соработка во размена на искуства. Се надеваме дека и во иднина ќе продолжиме, важно е да се понуди што е можно подобра услуга за граѓаните, рече Димитријевиќ.

Најголем проблем за Куманово се оние точки каде нема атмосферска мрежа. При поројни дождови атмосферската вода се приклучува кон канализациската мрежа, при што водата се излева и ги „поплавува“ улиците.

Двете претпријатија се надеваат и на идна заедничка соработка, користејќи фондови од ЕУ, за прекугранична соработка.

Од ЈП „Водовод“ велат дека во соработка со општина Куманово веќе изработиле проект за реконструкција на филтер станицата во висина од 1, 3 милиони евра, средства кои се обезбедени и се очекува проектот да почне во март, наредната година. Од претпријатието најавија дека наскоро ќе стигне и уште едно возило, „кип“ преку североисточниот плански регион чијашто вредност е околу 50.000 евра. 

Остани поврзан