• петок, 30 август 2024
МИА Општински пул

21 август 2024

Гевгелија - Градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов, заедно со волнетери на Црвен крст денеска на Граничниот премин Богородица делеа промотивен материјал за туристичката понуда на Општината.

Како што е објавено на општинската веб страница, на транзитните туристи преку директна комуникација им биле поделени флаери и промо-материјали изработени во рамки на платформата за туризам „Gevgelija-spice up the journey“, запознавајќи ги со туристичките потенцијали.

Скопје - Поради планирани технички интервенции во електродистрибутивната мрежа на ЕВН денеска без електрична енергија ќе бидат корисниците од повеќе насели места во Скопје.

Во период од 05,00 до 12,00 часот без струја ќе бидат населениете места Студеничани и Моране во општина Студеничани, потоа Орешани, Таор, Ново Село, Пакошево, Гумалево, Тисовица, Смесница, Дејковец, Добрино, сите во општина Зелениково, вклучително и објектите на ЖТП Јане Сандански и ЖТП Зелениково, информираат од РЦУК.

Куманово - Во уметничката галерија Куманово, вечер со почеток во 20 часот ќе биде отворена ретроспективно монографската изложба на Љубица Андреевска Љупка. Кумановци ќе имаат можност да разгледаат 51 уметничко дело.

- Делата на авторката Љубица Андреевска спаѓаат во наивата, како посебен дел од уметноста, која на нашите простори е препознаена нешто подоцна, односно по 1945 година. Со уметничко творење, таа започнала во 1970 година, а во Куманово имаше свое претставување на групната изложба на наивата на триесетина познати македонски уметници, во 2021 година исто така во Уметничката галерија, Таа изложба беше по иницијатива и организација на нашиот познат историчар на уметноста Гоце Божурски од Куманово, кој издаде и монографија „Наива‘, во која го истакна значењето на оваа уметност, велат од НУ Музеј Куманово.

Куманово - Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ Куманово денеска ги повика родителите на деца со попреченост од Куманово да се пријават за бесплатни услуги за работа за развивање и стекнување на животни, воспитни, социјални и културни вештини преку индивидуална и групна работа.

За таа цел, „Инклузива“ ангажира дефектолози, логопеди кои ќе работат со децата на усвојување на комуникациски, интелектуални, моторни и когнитивни вештини. „Инклузива“ го спроведува проектот со поддршка на општина Куманово, преку сектор за социјална заштита. и се однесува на индивидуална и групна работа со деца со попреченост од пет до дванаесетгодишна возраст.

Kавадарци - Мобилизирани беа сите служби во Кавадарци за чистење по синоќешното невреме, информираше денеска кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев на Фејсбук.  

-По обилното невреме кое во текот на вчерашниот ден го зафати нашиот град и за кратко време беа наврнати големи количества на дожд, град и силен ветер, сите служби беа мобилизирани и на терен во интерес и функција на граѓаните. ЈП Комуналец, Мој општинар, ТППЕ Кавадарци работеа на расчистување на улиците од дрвја, се чистеа сливници и големи наноси од кал и песок по градските улици, напиша Јанчев.

Охрид - Туристичката понуда на Охрид од оваа година ќе биде збогатена со уште една интересна содржина, преку настанот „Над Езерото – Охридски вински салон 2024“ наменет за хедонистите и љубителите на доброто вино.

На настанот е најавено учество на повеќе од 30 винарии и дестилерии, веќе афирмираните и добро познатите големи винарии, но и интересни мали семејни вински подруми. Настанот има за цел да ја промовира винската култура, да ги сплоти производителите на вино и да го приближи македонскиот вински идентитет до домашната и странската публика.

Делчево - Поради дефект на главната водоводна линија Делчево утрово е без вода за пиење.

Дефектот како што информираа од Јавното комунално претпријатие „Брегалница“ е настанат во раните утрински часови на главната доводна линија од Тработивиште до Делчево.

Кавадарци - Ликовната колонија „Михајлово - Кавадарци 2024“, од меѓународен карактер, синоќа по 28-ми пат беше отворена во кавадаречкиот Дом на културата „Иван Мазов - Климе". Станува збор за проект поддржан од Министерството за култура и локалната самоуправа. Триесетина уметници од земјава и од Турција, Косово, Србија, Германија и од Бугарија, ќе творат до 26 август во вила Моклиште.

Колонијата стартуваше со самостојна изложба на ликовниот уметник Томе Мишев, кој дипломирал на Факултетот за ликовни уметности и е член на Друштвото на ликовни уметници, има реализирано многубројни самостојни и групни изложби и добиено безброј награди во делот на уметноста. Директорката на Домот, Јулијана Туриманџова појасни дека Мишев е само еден од многуте уметници кои оваа година ќе ја збогатат ликовната колонија. 

Скопје - Членовите на жири-комисијата за наградата за најдобар книжевен превод „Драги“ го одржа својот прв работен состанок на 20 август 2024 (вторник) во просториите на издавачката куќа „Антолог“ и одлучи во првиот круг на селекција да влезат 22 изданија од 14 издавачки куќи, во превод на 23 преведувачи и од 11 различни јазици. 

Годинашното издание на наградата „Драги“ е реализирана од страна на издавачката куќа „Антолог“ со поддршка на Министерството за култура и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. За наградата „Драги“ првично беа номинирани 43 дела на 40 преведувачи, објавени од 18 издавачки куќи или поединци, за преводи направени од 18 различни јазици и од сите жанровски категории – романи, раскази, книги за деца, поезија, драма. 

 

 

Остани поврзан