МИА Општински пул
- 20 септември 2024
20 септември 2024
Скопје - Град Скопје го објави јавниот повик за доделување финансиски средства за спроведување проектни активности од областа на средното образование од интерес на главниот град.
Со овој јавен повик, како што информираат градските власти, ќе се финансираат проектни активности на здруженија, фондации и други правни лица преку грантови за проекти кои ќе се реализираат во средните училишта под надлежност на Град Скопје.
Со јавниот повик ќе бидат поддржани проектни активности во кои како приоритетни области се определени: унапредување на дигиталната писменост на сите членови на училишните заедници, психосоцијална помош на членовите на училишната заедница за справување со врсничко и со сајбер-насилство, унапредување на животната средина преку подигање на свеста на средношколците за личната одговорност во одржувањето на чистата и здрава животна околина, истражувања и промоција на родовата рамноправност, ученичките права, слободи и развој на креативноста на средношколците и организирање манифестации на кои ќе се презентираат училишните постигнувања, ќе се промовираат најдобрите ученици и наставници и ќе се претстават резултатите на воспитно-образовната дејност пред пошироката јавност, се вели во соопштението.
Дебар - Претседателот на македонското друштво „Илинден“ - Тирана Никола Ѓурѓај учествува на конгресот на Федералната унија на европски националности (ФУЕН) што се одржува во Хусум, Германија.
Друштвото со свои претставници веќе девет години, од кога е рамноправна членка на ФУЕН, редовно учествува на сите конгреси и други активности.
Учествуваме и на овој конгрес чиј домаќин е организацијата на Севернофризите, а ќе трае до недела. Инаку, ФУЕН годинава одбележува 75 години постоење и понатаму останува главен застапник за правата на малцинствата во Европа, рече Ѓурѓај за МИА.
Кавадарци - Четириесет и двегодишен кавадарчанец бил лишен од слобода поради физички напад врз неговата сопруга, информираат денеска од Секторот за внатрешни работи - Велес.
- Вчера во 17 часот, полициски службеници од ОВР - Кавадарци го лишиле од слобода П.П., затоа што во семејниот дом, физички ја нападнал неговата 35-годишна сопруга, појаснуваат од СВР - Велес.
По документирање на настанот, како што додаваат од СВР - Велес, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Македонска Каменица - Општина Македонска Каменица застапувана од Градоначалникот Димчо Атанасовски денеска објави два јавни повика за доставување на барања за доделување на еднократна парична помош од Буџетот на Општина Македонска Каменица, за учебната 2024/2025 година.
Повиците имаат за цел да се обезбеди финансиска поддршка на првачињата и учениците во прва година кои учат во основното училиште ,,Св Кирил и Методиј" и гимназијата ,,Миле Јаневски - Џингар.
По однос на првиот јавен повик за доставување на барање за доделување на еднократна парична помош од Буџетот на Општина Македонска Каменица, за учебната 2024/2025 година, како што стои во објавата на општината, можат да аплицираат семејства со дете кое за прв пат е запишано во прво одделение во ООУ ,,Св.Кирил и Методиј" во Македонска Каменица.
Дебар - Дебарски пожарникари интервенирале во гаснење на пожар кој зафатил објект на правен субјект за производство на мебел во соседниот албански град Пешкопеја.
- Помогнавме во справувањето со пламените јазици кои брзо се ширеа, имајќи го во предвид материјалот кој беше во објектот, лоциран во населбата „Доброва" во Пешкопеја, град кој е на оддалеченост од Дебар на 23 километри, потврди за МИА, Џетан Мифтароски, командир на дебарската ТППЕ.
Додаде дека интервенирале со едно возило и 4 пожарникари, заедно со нивните колеги од Пешкопеја и Булќиза.
-Ова не е првпат нашата единица, да учествува во гаснење на пожари во соседните албански населени места. Тоа од хуман аспект а во договор меѓу градоначалниците на двата града, додава Мифтароски.
Штип - Учениците од основните училишта и Гимназијата „Славчо Стојменски“ денеска засадија над 100 садници во училишните дворови. Роберт Аџипетров раководител на Одделението за образование во Општина Штип истакна украсните садници е донација на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност, со цел заштита на животната средина и борба против климатски промени.
Гоце Величковски координатор на Програмата Еразмус плус додаде дека вакви садници освен во Штип се садат и во Струмица и Кавадарци.
-Со можностите кои ги има Агенцијата, ја спроведуваме оваа акција, која започна минатата година, каде што се садеа дрвца во Скопје и околината на Скопје, сега одиме регионално и се надеваме дека ќе воспоставиме традиција секоја година да допринесеме, колку што можеме со нашите ресурси за спроведување на зелената агенда, вели Величковски.
Учениците од штипските училишта денеска во своите училишни дворови учеа и како се садат дрвја.
Битола - На ден пред почетокот на 45. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, на Широк сокак во Битола се оформува „Патека на славните“ на која се поместени 18 ѕвезди.
На првата ѕвезда, пред киното „Манаки“ врежани се имињата на кинематограферите Милтон и Јанаки Манаки, а потоа следат имињата на сите досегашни добитници на наградата „Златна Камера 300“ за животно дело.
Од ИФФК „Браќа Манаки“ информираат дека шестмина од досегашните лауреати ќе присуствуваат во Битола и лично ќе ја откријат својата ѕвезда, меѓу нив и годинашниот добитник на Златната Камера 300 за животен опус, францускиот кинематографер Бруно Делбонел.
Кавадарци - ,,Справување со загадувањето на воздухот" е насловен проектот, во чии рамки денеска во Кавадарци се одржа прва форумска сесија.
Проектот е дел од програмската рамка на УНДП, финансирана ол Шведска. Проектот го имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци. Куманово, Гостивар, Струга и Струмица. Во рамки на програмата исто така се спроведува и проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти".
Врз основа на мониторингот што го имавме со УНДП и со Универзитетот ,,Гоце Делчев" од Штип и нивната акредитирана лабораторија, денеска се презентираат резултатите. Резултатите кажуваат нешто што е слично и во другите градови во државата, дека има зголемување на ПМ честички од повеќе фактори. Од делот на сообраќајот, возила, од делот на затоплувањето. Од тоа што досега го видов од студијата, Кавадарци не отстапува од други градови, во делот на присуство на тешки метали. Ќе се движиме во насоки да успееме да го подобриме квалитетот на воздухот во општината. Со подобрување во делот на сообраќајот, со тргање на тешкиот товарен сообраќај од градот, со градење на повеќе зелени површини, со сите можности за подобрување на состојбата со амбиенталниот воздух, рече кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.
Гостивар – По повод Светскиот ден без автомобили, општина Гостивар претпладнево организира дефиле низ централните улици на градот. Покрај, ученици, активисти од црвениот крст, членови на спортски клубови и еколошки здруженија промотивната прошетка се приклучија и вработени во локалната самоуправа.
Денешниот настан е приклучување кон европската кампања за промоција на активности кои ќе придонесат за подобар квалитетот на воздухот, здравјето на луѓето и квалитетот на урбаното живеење.
-Пораката од денешниот настан е насочена кон граѓаните да ги мотивира помалку да ги користат автомобилите и наместо тоа повеќе да пешачат или да возат велосипеди. На тој начин освен што ќе се намали загадувањето, тоа благопријатно ќе делува и врз нивното здравје, рече в.д. градоначалникот на општина Гостивар Ваљбон Лимани.
Неготино - Зголемен е интересот за продажба на тезги на ,,Неготински панаѓур", потврди денеска за МИА, Методи Митрев, портпарол во Општина Неготино, тридневната манифестација започнува утре.
Митрев потсети дека станува збор за многу стара традиционална стопанско - туристичка манифестација, вообичаено посетувана од голем број на посетители од земјава и странство.
- Поголем дел од продажните времени тезги за најразлични производи се веќе распродадени. Нивната продажба трае се уште, а вообичаено праксата од минатото покажува дека интерес за тоа има дури и на самиот старт на панаѓурот, појасни Митрев.
И годинава имало интерес за продажба на облека, обувки, предмети за во домаќинство, разни алати и слично.
Скопје - Со положување свежо цвеќе на споменикот на Ѓорче Петров во реонскиот парк и со свечена седница на Советот, општината го одбележа празникот на општината – 20 септември.
Бројни делегации положија цвеќе на споменикот на великанот Ѓорче Петров, а се одржа и свечена седница на Советот на која беа доделени годишната награда, признанија и благодарници за особен придонес. Добитник на Годишната награда на Општината е фудбалската репрезентативка Афродита Салихи.
Градоначалникот Стојкоски во своето обраќање истакна дека останува доследен на заложбата да го направиме Ѓорче Петров модерно и урбано јадро за живеење.
Куманово - Министерството за јавна администрација, Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) и Министерството за локална самоуправа денеска во Куманово ја организираа јавната дискусија за предлог законските решенија кои се почеток на реформите во јавната администрација. На настанот учествуваа претставници од локалната власт на ниво на општински администрации од четири региони во државата, кои разменија ставови, предлози, мислења во насока на подобрување на предлог законските решенија.
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев ја истакна важноста на транспарентноста, одговорноста и ефикасноста во управувањето со човечките ресурси, нагласувајќи дека законските реформи се клучни за модернизација на јавната администрација и подобрување на услугите за граѓаните.
Тетово, 20 септември 2024 (МИА) - Наредната седмица од понеделник до недела во Тетово ќе се одржи 13-тото издание на Тетовскиот Интернационален филмски фестивал-ТИФФ ОДА (TIFF ODA). Оваа година фестивалските филмови ќе бидат прикажани во просториите во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ и влезот ќе биде слободен и бесплатен.
-Меѓународниот филмски фестивал „ТИФФ ОДА 2024“ започнува од 23 септември и ќе трае до 29 септември 2023 година во Тетово. Ова година ТИФФ ОДА ќе прикаже над 50 филмови, од кои 37 од нив ќе се натпреварува за главните награди во пет категории; CINE BALKAN PANORAMA, SHORT FICTION, SHORT DOCUMENATRY, SHORT ANIMATION и STUDENT FILM, информираше Сабедин Селмани.
Куманово- Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски денеска ги квалификуваше како шпекулации наводите дека набавениот семафор за спортската сала чини над десет милиони евра, укажувајќи дека сумата се однесува целокупната опрема, додека за семафорот одвоени се 950.000 денари. Тој кажа дека општината потрошила само два милиони евра од вкупно предвидените шест и пол милиони евра според проценките на фирмата која го правела предлог проектот за реконструкција на спортската сала.
Семафорот којшто ќе се вгради во нашата спортска сала којшто емитува резултат со сите услуги чини 950 илјади денари, мултимедијалниот честворостран семафор којшто веќе е вграден и инсталиран со придружна опрема чини десет милиони и 500.000 денари. Еве оставам на вас новинарите, ист таков има во салата „Борис Трајковски“ во салата во Аеродром, проверете колку истиот таму чини. Според мои информации најмалку два до три пати поскапо од цената за којашто за овој семафор ако истиот е согласно сите ФИБА стандарди со комплетна пропратна опрема на семафорот, инсталирана платформа со тежина од приближно два тона со пристапни скали со анализи на статика на објектот и верувам дека сериозните медиуми нема да потпаднат на вакви шпекулации, рече Димитриевски.
Штип - Работиме на модел, медицинско-технички-економски модел, којшто би рекол е во фаза на развој и очекувам до крајот на оваа година сето тоа ќе биде завршено и од почеток на следната ќе почнеме со градење на болницата во Штип, истакна денеска претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на отварање на првото шеталиште и манифестацијата „Пастрамалијада“ во Штип.
-Што е проблемот, проблемот е што пари нема. Парите ги украле, ги потрошиле за нешто што не требало. Требало за болницата, но парите ги украле. За жал наследивме состојба, таква-каква што е. Но, тоа е што е, вели Мицкоски.
Забележа дека нема оправдување и затоа што граѓаните ги гласале и мора да се најде решение за доизградба на Клиничката болница-Штип.