• понеделник, 20 мај 2024

Костадиновска Стојчевска: Членовите во комисиите се професионалци, културата да не се гледа низ призма на политиката

Костадиновска Стојчевска: Членовите во комисиите се професионалци, културата да не се гледа низ призма на политиката

Скопје, 15 февруари 2024 (МИА) - Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на денешниот брифинг со новинарите во однос на обвинувањата за резултатите од годишниот конкурс за поддршка на проекти од национален интерес во културата, рече дека ниту еден од критериумите за избор на проекти нема партиски основ. Таа е децидна дека сите членови во комисиите се професионалци во својата работа, а за секој што е незадоволен, жалбената постапка е во тек и таа треба да се искористи како механизам.

- Најодговорно тврдам дека сите во комисиите се професионалци во она што го работат, сите дадоа свој допринос годинава да ја имаме оваа програма, рече Костадиновска Стојчевска.

Таа информираше дека комисиите од 2017 година наваму се објавуваат јавно и транспарентно, а постои и ситуација кога самите корисници се обиделе да стапат во контакт со комисиите за одредено објаснување. Членовите на комисиите се објавуваат на крај за да се избегне можноста за влијаење врз нивните одлуки, посочува министерката.

Во Министерство за култура, како што рече, се формираат стручни комисии кои најчесто се составени од пет члена кои се дел од хуманистичкото или општественото подрајче.

-Тие комисии кога се прават интерно во Министерството за култура или во соработка со надворешни соработници се трудиме во последните четири години да не се повторуваат. Тоа значи дека во последните четири години нема ниту еден член кој што се повторува во тековната година да е член на таа Комисија, рече министерката.

Таа додаде дека членовите на комисии потпишуваат три вида на изјави, првата е изјава за немање судир на интереси, втората е изјава за тајност и треатата е изјава за тоа дека се она што ќе го потпишат стојат зад тој избор.

Министерката уверува дека секоја Комисија точно направи распределба на средствата што е она што му треба на еден фестивал, театар, физичко лице, да учествува онаму каде што треба да учествува.

Како што напомена, секој корисник кој секоја година ревносно ги користи средствата од Министерството за култура за финасирање на проекти од национален и јавен интерес знае дека постои жалбена постапка. Таа е во тек и треба да се искористи како механизам. Жалбената постапка е активна 15 дена од добивање на решението. За таа жалбена постапка се предвидени средства во буџетот на Министерството за култура во секоја дејност посебно.

Како што рече, при изборот на проекти, членовите се водат по начелата на континуитет, традиција, јубилеј, нови сценски простори, подобрување на животот на заедницата..

Костадиновска Стојчевска посочи дека добиле и меилови за откажување на проекти од лица кои наведуваат дека не сакаат нивното име да биде наведено во партиско политичка пропаганда.

-Одбивам политиката да биде дел од културата, потенцираше министерката. бт/бак/

Фото: МИА Архива

 

 

Остани поврзан