• сабота, 23 ноември 2024

Бештел: Со иновативни активности и содржини Францускиот институт подготвен за предизвиците на дигиталната ера

Бештел: Со иновативни активности и содржини Францускиот институт подготвен за предизвиците на дигиталната ера

Скопје, 19 мај 2024 (МИА) - Францускиот институт е најстарата странска институција која што е присутна тука во Скопје и во Северна Македонија. Тоа е знак на долготрајното пријателство кое ги поврзува Франција и Северна Македонија. Нам ни припаѓа како улога таа соработка да еволуира и затоа во нашата програма насочена кон младите содржани се иновативни дигитални активности, поле каде Франција е своевиден пионер и има најдобри образовни програми. 

Ова го истакнува во разговор за МИА Иго Бештел, директор на Францускиот институт по повод одбележувањето на големиот јубилеј 50 години од неговото основање. Јубилејот ќе го одбележат вели со најдоброто од Франција - мошне атрактивна и разновидна програма која ќе се реализира под мотото „извонредност и иновација“, која започна вчера со настапот на француската театарска група „Кафиг“ и изведбата на претставата „Мозаик“ на светски познатиот кореограф Мурад Мерзуки во МНТ, а завршува на 28 јуни со уличен театар низ улицата „Македонија“.

Првично формиран како Француски културен центар во далечната 1974 година чија првична мисија е презентација и промоција на француската култура, мисла, и јазик, Бештел смета дека Институтот кој е француска јавна институција која делува под капата на француското МНР, има оставено силен печат врз културната размена меѓу двете земји, во поттикнување на соработката меѓу актерите од различни сфери, во  доближувањето на Франција, и на вредностите на Франкофонијата.

-За нас тоа навистина претставува голем момент поради тоа што Францускиот институт е најстарата странска институција која што е присутна тука во Скопје и во Северна Македонија. Тоа е на некој начин знак на долготрајноста на пријателството кое ги поврзува Франција и Северна Македонија. Како што и самите кажавте нашата прва мисија беше културата, и веќе пет децении делуваме на размена помеѓу уметниците од двете земји на најразлични полиња - театар, книжевност, ликовна уметност и друго. Тоа е исто така размена помеѓу истражувачите и интелектуалците со цел да се овозможи една дебата која е слободна, широка и отворена. Исто така, веќе многу долго време работиме на промоција на францускиот јазик и на сето тоа што тој јазик и Франкофонијата во себе го носат како вредности. Во изминативе две години ние вложивме посебни напори со цел заживување на изучувањето на францускиот јазик. И во таа насока добивме доста охрабрувачки резултати, што пак е нов поттик за нас и знак дека оваа земја навистина го сака францускиот јазик  и француската култура. За нас како тим во Францускиот институт, тоа е посебно интересно во рамки на мисијата што ја извршуваме, вели Бештел.  

Запрашан колку е тој задоволен од интересот за настаните и едукацијата што ја организира Францускиот институт, тој појаснува дека во нивното портфолио имаат повеќе мисии, како соработка на полето на културата, образованието, на ниво на универзитети. Нашата мисија е, вели, прво да се води соработката на полето на културата и да  се поканат уметници од најразлични области да гостуваат тука, но и одовде во Франција да заминат уметници интелектуалци во рамки на таа размена и да се засилат тие врски кои што се веќе многу силни помеѓу двете земји. 

Во изминатите две години издвојуваат повеќе време на зближувањето на полето на заштитата на културното наследство, каде француски и македонски експерти соработуваат на постигнување подобра презервација на црквите кои што се останати од византиско време како и на старословенскте ракописи, на нивна заштита и валоризација. Дошла на иницијатива на една поранешна министерка за култура, а била веднаш прифатена.

-Тоа е тип на соработка која симболизира се она што сакаме да постигнеме - да создадеме врска  помеѓу двете земји на нешта кои се важни и да придонесеме за нивно зближување. Ние сме на почетокот на таа соработка, се надеваме дека ќе ја продолжиме и продлабочиме и сето тоа да заврши со создавање на образовни програми на полето на заштита и реставрација на културното наследство, за овде да се создаде кадар кој ќе биде посветен на тоа, вели директорот на Францускиот институт.

Се разбира културната соработка има за цел да се валоризира Франција, но исто така и да се проектираме на некој начин кон иднината и токму од тие причини, вели тој, во рамки на програмата Институтот има вклучено доста иновативни настани насочени кон примената на новите технологии со фокус кон младите. 

-Тука постои интерес во однос на Франција, но нам ни припаѓа како улога да еволуира таа соработка и во таа насока и во самата програма предлагаме иновативни дигитални изложби, а воедно во Францускиот институт ќе предложиме иноватовни атељеа каде со помош на виртуелна реалност ќе овозможиме да се одржат иновативни активности со цел да продолжиме да ги привлекуваме младите. Токму оваа програма е зачеток на една културна активност која ќе еволуира и ќе се движи кон иновативни дигитални активности каде Франција е пионер на некој начин и има најдобри образовни програми, вели Бештел. 

Во целата таа дигитална сфера во Европа, Франција, вели тој, најверојатно има најдобро „ткиво“ на компании стартапи, кои се од различно ниво. 

-Работиме на тоа младите да бидат информирани за можноста да се едуцираат во оваа сфера во Франција и повторно да се вратат тука, поради тоа што Северна Македонија располага со многубројни, многу добри можности, со многу добра мрежа на оптички кабли, на 4Г мрежа. Тие млади независно дали го познавачаат францускиот јазик или не, можат да одат во Франција и да стекнат знаење и повторно да се вратат тука каде ќе можат да го искористат тоа знаење. Токму тоа е причината да се прослави тоа минато и да се проектираме кон иднината, оти не би имало значење тоа прославување, наведува Бештел.

Во однос на заинтересираноста за учење на францускиот јазик кој што е присутен и се изучува во основното и средното образование во земјава како еден од странските јазици, тој посочува дека францускиот јазик има навистина една долга историја тука, затоа што се работи за една франкофонска и франкофилска земја. 

Појаснува дека францускиот јазик тргнува од многу високи позиции, но со појавата на англискиот како прв странски јазик во образовниот систем во земјата и понатаму со германскиот јазик кој е атрактивен бидејќи се зборува не само во Германија туку и во неки други земји, економски привлечни, се разбира дека постои едно урамнотежување и едно намалување на присуството на францускот јазик во изминатите 20-30 години. Сепак, подвлекува, нивото на францускиот јазик е многу високо бидејќи постои цела една мрежа на професори, настанвици на ученици кои го изучуваат францускиот јазик.

-Во изминатите две години вложуваме доста напори со цел заживување на францускиот јазик. Заедно со амбасадорот и тимот на Францускиот институт работиме на тоа да се консолидира изучувањето на францускиот на сите нивоа на изучување со план на активности. Прво во моментот кога се прави изборот на вториот јазик, имаме одреден број активности, потоа во основните и средните училишта каде нудиме педагошки алатки, матерајал и обука. Со цел тоа да се зацврсти, работиме на зголемување на мобилноста помеѓу учениците и наставните од македонските училишта и француските. Исто така настојуваме на зголемување на културните активности во училиштата и надвор од училиштата оти тие се една привилегирана публика. Со помош на француските алијанси и со професорите и наставници по француски јазик ние имаме навистина доста охрабрувачки резултати во изминатите две години, оценува Бештел кој ја потенцира и важноста од користење на потенцијалите на Еразмус плус програмата за динамизирање на мобилноста. 

Според него, се потврдува констатацијата дека кога вие вложувате напори со цел да биде присутна Франција и францускиот јазик, се зголемува и желбата да се изучува тој јазик, а се надева и на засилување на француското економско присуство тука, во земјата и во регионот. Контекстот за тоа, вели, денес е далеку многу поповолен, затоа што се гледа исто така дека од фанцуската страна има интерес за стопанско присуство во земјава која е во процес на интегрција во ЕУ.

Културата е еден од елементите на меката моќ во дипломатијата, преку која се обликува перецепцијата за една држава, народ. Прашан какво е неговото мислење за перцепцијата на земјава во Франција, за што впечатокот овде е дека е многу малку позната кај француската јавност, Бештел се согласува дека е тоа навистина така.

-Во секој случај, сосема сте во право. Северна Македонија и целиот балкански регион се носат со некаков дефицит од познавање и признавање во Западна Европа. И покрај тоа што одмина многу време, луѓето сепак се останати на таа слика од распадот на Југославија, на еден регион кој што е во раздор. Токму од тие причини сметам дека е многу важна размената на училишно ниво, запознавање на младите. И тие се многу изненадени кога ќе дојдат тука кога ќе откријат дека е тоа една извонредно пријатна земја, со многу убава природа, безбедна, многу пријатна за живеење и едноставна. Ние правиме напори, но и самата земја треба да продолжи да прави напори со цел промоција на своите убавини, својата природа. Тука има еден вистински предизвик да се испромовира тој т.н. одржлив туризам или одржлива природа затоа што сметам дека има што да се каже и треба да се прават посебни напори, порачува Бештел.

Во Северна Македонија е дојден заедно со своето семејство и вели лично навистина е среќен што е тука во земјава, која е вели, многу податлива за среќен живот, особено ако имате деца. 

-Не е сосема случајно што сум тука, како директор на Францускиот институт. Јас сум човек вљубен во сите спортови врзани за планините, планинарење, параглајдерство... Тука навистина уживам во откривање на планините, долините во Северна Македонија и редовно патувам. Минатата недела бев во Македонски Брод и го открив целиот тој дел што води до Матка. Исто така, мислам дека Охридското Езеро е најспектакуларен дел од таа убавина каде често одам,  истакнува Бештел и ветува дека ќе биде голем промотор на земјава каде вели минува многу среќни години. 

Виолета Геров

Фото: Дарко Попов

Снимател: Срѓан Крстиќ

Остани поврзан