• петок, 03 јануари 2025

Кинескиот претседател повика на проактивна макроекономска политика во 2025 година

Кинескиот претседател повика на проактивна макроекономска политика во 2025 година

Пекинг, 31 декември 2024 (МИА) - Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска повика на спроведување „проактивна макроекономска политика во 2025 година“, во изјавата дадена за време на новогодишниот дочек, објавија официјалните медиуми.

-Треба да ги продлабочиме реформите, да го развиеме отворањето на повисоко ниво, подобро да го координираме развојот и безбедноста и да спроведеме поактивни и ефективни макроекономски политики, рече Си, пренесе државната телевизија CCTV.

„Треба да се придржуваме до општите насоки за стабилност, а истовремено да бараме напредок и да го забрзаме воспоставувањето на нов развоен модел“, порача кинескиот претседател.

Кина во оваа 2024 година се обиде да излезе од економските тешкотии поттикнати од кризата на пазарот на недвижности, слабата потрошувачка и инфлацијата на јавниот долг, пишуваат француските медиуми.

Во последниве месеци Пекинг презентираше серија агресивни мерки насочени кон поддршка на растот, како што се намалување на каматните стапки, укинување на ограничувањата за купување домови и олеснување на долгот за локалните власти.

Економистите, меѓутоа, сметаат дека се потребни подиректни мерки за закрепнување на буџетот за поддршка на домашната потрошувачка со цел да се одржи кинескиот економски раст.

Официјално, Кина годинава очекува раст на БДП од околу пет проценти, цел за која властите велат дека се уверени дека ќе ја постигнат, за што многу економисти се сомневаат.

-Продуктивноста со нов квалитет се развива редовно и годишниот БДП треба да се зголеми за околу пет проценти, повтори Си во говорот.

Меѓународниот монетарен фонд предвидува раст на кинеската економија од 4,8 отсто оваа година и 4,5 отсто следната година.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан