Израел и Хамас подготвени за нови преговори во Катар, овој пат со големи шанси за успех
- -Постојат добри изгледи овој пат преговорите да бидат успешни, изјави Муса Абу Марсук за катарската организација Ал-Араби Ал-Џадид.
Доха, 3 јануари 2025 (МИА) - Израел и Хамас планираат да испратат преговарачи во Катар и да ги продолжат разговорите за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Газа.
Заливската држава, заедно со САД и Египет, посредува во разговорите, бидејќи Израел и палестинската милитантна група Хамас одбиваат директно да разговараат.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го одобри испраќањето на преговарачка делегација. Хамас соопшти дека планира да испрати свои преговарачи, а висок функционер на групата изрази оптимизам.
-Постојат добри изгледи овој пат преговорите да бидат успешни, изјави Муса Абу Марсук за катарската организација Ал-Араби Ал-Џадид.
Тој не откри на што го темели својот оптимизам. Ќе биде тешко да се постигне компромис, бидејќи и Израел и Хамас сакаат меѓусебно да се уништат.
Израел бара список со имињата на живите заложници заробени во Газа. Хамас објави дека му е потребна пауза во борбите за да се утврди локацијата и здравствената состојба на заложниците, што Израел го смета за изговор, пренесуваат медиумите.
Војната започна со напад на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, при што загинаа околу 1.200 луѓе и беа заробени околу 250.
Според палестинските податоци, од почетокот на војната во Газа се убиени над 45.500 лица. сд/
фото:МИА архива