• петок, 11 октомври 2024

Еурофарм Пелистер-Спортинг 24:24 – прв бод за битолчани во Лига на шампионите

Еурофарм Пелистер-Спортинг 24:24 – прв бод за битолчани во Лига на шампионите

Битола, 10 октомври 2024 (МИА) - Ракометарите на Еурофарм Пелистер го освоија првиот бод во европската Лига на шампионите играјќи синоќа нерешено 24:24 со Спортинг од Лисабон.

Битолчани ја прекинаа серијата од 17 порази во елитното натпреварување и заслужено се радуваа со верната публика во спортската сала „Боро Чурлевски“ чија поддршка беше клучна во последните две минути од натпреварот кога гостите имаа водство од три голови разлика.

Дуелот првата и последната екипа на табелата од групата „А“ почна со водство на македонскиот шампион кое беше задржано во првото полувреме со резултат од 15:13, а неизвеноста почна во 49 минута од средбата кога гостите израмнија на 21:21 и презедоа водство. Кога публиката почна да ја напушта спортската сала уверена во уште еден пораз, благодарение на грешките на гостите, битолчани успеаја на 10 секунди пред крајот да го израмнат резултатот на 24:24 и да освојат еден бод, кој воедно е прв во европската Лига на шампионите.

Во израмнетиот натпревар, најдобрите стрелци постигнаа еднаков број голови, односно по 5 Кузмановски, Пешевски и Радивоевиќ кај Еурофарм Пелистер, и Кошта и Салвадор во тимот на Спортинг. мт/

Фото: Еурофарм Пелистер 

Остани поврзан