• понеделник, 23 декември 2024

„Ред Бул“ негираше дека договорот на Клоп има ослободителна клаузула доколку биде повикан од германската репрезентација

„Ред Бул“ негираше дека договорот на Клоп има ослободителна клаузула доколку биде повикан од германската репрезентација

Салцбург, 11 октомври 2024 (МИА) - Извршниот директор на РБ Салцбург, Оливер Минцлаф, ги демантираше медиумските написи дека новиот ангажиран Јирген Клоп има клаузула во договорот што му дозволува да замине за да ја преземе функцијата селектор на германската репрезентација доколку добие понуда од таму.

-Јирген Клоп нема ослободителна клаузула и очекуваме долгорочна соработка, изјави Минцлаф за германските медиуми.

Австрискиот гигант за енергетски пијалоци оваа недела објави дека поранешниот менаџер на Ливерпул е назначен за директор за фудбалски прашања на целата компанија. А на новата позиција ќе ги контролира тимовите кои ги поддржува корпорацијата Ред Бул - тоа се тимовите РБ Лајпциг, РБ Салцбург, Њујорк Ред Булс, Ред Бул Брагантино и други.

Минцлаф, исто така, ги нарече „целосно неосновани и измислици“ извештаите дека починатиот основач на компанијата Дитрих Матешиц го убедил Клоп да се приклучи на Ред Бул уште во 2022 година.

-Ако добро се сеќавам, Јирген Клоп го продолжи договорот со Ливерпул точно во 2022 година, додаде тој.

Тој го изрази и своето задоволство што реакциите за договорот на Клоп се повеќе од добри и сите се убедени дека со Јирген компанијата и нејзините фудбалски оддели ќе преземат нови чекори на друго ниво.

По смртта на Матешиц во 2022 година, Минцлаф беше промовиран во структурите на компанијата и сега е дел од менаџментот. Пред тоа беше извршен директор на клубот РБ Лајпциг. дс

Фото: Архива

Остани поврзан