• вторник, 14 мај 2024

Енергетски дијалог на високо ниво ЕУ-Кина

Енергетски дијалог на високо ниво ЕУ-Кина

Брисел, 11 октомври 2023 (МИА) - Еврокомесарот за енергетика Кадри Симсон од денеска до петок ќе престојува во Пекинг, каде ќе претседава со 11-тиот Енергетски дијалог на високо ниво ЕУ-Кина заедно со директорот на кинеската Национална енергетска администрација, Џанг Џианхуа. 

Како што соопшти Европската комисија, на дијалогот ќе бидат разменети мислења за глобалната енергетска ситуација и безбедност и за напорите на двете страни за унапредување на транзицијата кон чиста енергија. 

Според ЕК, Кина, која заедно со ЕУ, е финален потрошувач на една третина од вкупната енергија во светот, е клучен партнер на Унијата во напорите за глобална декарбонизација.  

- ЕУ и Кина споделуваат заеднички интереси и цели за продолжување на транзицијата кон чиста енергија со цел успешно спроведување на Парискиот договор. Овој важен состанок доаѓа само неколку недели пред Конференцијата за климата на ОН во Дубаи и се надоврзува на децениската соработка на полето на енергијата, се додава во соопштението 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Енергетскиот дијалог ЕУ- Кина е воспоставен во 1994 година, по што беше продлабочен и интензивиран со заедничката изјава од 2019 година за спроведување на соработката меѓу двете страни. 

За време на престојот во Пекинг, Симсон денеска ќе го посети Универзитетот за електрична енергија на Северна Кина, каде ќе има средби со професори и ќе одржи предавање. 

Утре, пак, по завршувањето на Енергетскиот дијалог, Симсон и Џанг ќе се обратат на собирот посветен на Платформата за енергетска соработка ЕУ-Кина на тема „Планирање инвестиции и технологии за инфраструктура со нето-нула јаглерод“, по што еврокомесарот ќе има средба со претставници на бизнис заедницата од Унијата во Кина. 

Посетата на Кина, Симсон ќе ја заврши в петок со средба со претставници на групацијата „Хуадијан“ и ќе ја посети најголемата светска централа за соларна енергија, сол и ракчиња во Тијанџин, која ја користи сончевата енергија со производството на сол и за одгледувањето ракчиња. сп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан