• понеделник, 23 декември 2024

Дефиле на волонтерите на Црвениот крст од Охрид

Дефиле на волонтерите на Црвениот крст од Охрид

Охрид, 4 декември 2023 (МИА) - По повод 5 Декември - Светскиот ден на волонтерството, Општинската организација на Црвениот крст од Охрид за утре под мотото „Надеж“ организира „Дефиле на волонтери“.

На дефилето што во 12:30 ќе почне на Плоштадот кај Стариот чинар и ќе заврши кај Холандскиот парк ќе учестуваат волонтери од сите возрасти и области на делување од здруженијата од градот, кои со соодветни перформански на некои локации низ градот ќе ја потенцираат потребата и корисноста да се биде волонтер и ќе испратат повик секој да го пронајде волонтерот во себе и порака дека волонтерството е надеж за подобро утре.

Согласно принципите на Црвениот крст и Црвената полумесечина, волонтерството е доброволно пружање услуги инспирирано единствено од слободната волја, а не од желбата за материјална или финансиска добивка, и има за цел намалување на ранливоста на населението.

„Волонтерството ги развива вредностите на граѓанското општество, како што се почитување на разликите, хуманоста, одговорноста за други, одговорноста за своето мислење, одговорноста за својот избор, итн.

Волонтерството е важно и придонесува за личниот развој на индивидуата која е ангажирана како волонтер кај која се развива самопочитувањето и почитувањето на другите, можност да ги примени своите вештини и знаења низ различни видови на волонтерски активности, можноста да се стекнат нови вештини и знаења со кои се зајакнуваат капацитетите на поединецот што овозможува да се зголемат можностите за вработување и професионален развој.

Инаку, Светското движење на Црвениот крст брои преку 130 милиони волонтери, а седум од десет луѓе во Европа се волонтери.

Како што се посочува во соопштението од охридскиот Црвен крст, волонтерството не е бесплатна работна сила, туку сила која креира и развива.

„Сиромашни се оние кои не работеле без никаков личен интерес, без материјална корист или финансиски надомест, а богати се оние кои се посветиле на волонтерството, кои го почувствувале задоволството да се биде волонтер, да се заврши некоја работа корисна за заедницата, да се помогне некому, без да се мисли, очекува  или бара финансиски надомест. Нашите волонтери донираат нешто многу повредно од парите и материјалното, тие го донираат своето време“, се потенцираат од Црвен крст  - Охрид. аб/са/

фото/плакат

Остани поврзан