• среда, 08 април 2026

Делчево го одбележа Светскиот ден на здравјето со признанија за здравствените работници

Делчево го одбележа Светскиот ден на здравјето со признанија за здравствените работници

Делчево, 7 април 2026 (МИА) – Здравствениот дом во Делчево денеска со пригодна свеченост го одбележа Светскиот ден на здравјето – 7 Април, кој годинава се одбележува под мотото „Здрави почетоци, надеж и иднина“.

На настанот се обрати градоначалникот на Општина Делчево, Горан Гоцевски, кој на установата ѝ додели Благодарница за досегашната успешна соработка со општината. Во своето обраќање тој ја истакна важноста на овој ден, како и улогата на здравствените работници во општеството.

– Ми претставува чест што денеска имам можност да се обратам и да оддадам искрена почит и благодарност на сите здравствени работници кои својот живот го посветиле на грижата за здравјето на човекот. Поврзувањето на Светскиот ден на здравјето со верскиот празник Благовец носи силна порака за живот, надеж и хуманост, истакна Гоцевски.

Тој нагласи дека посветеноста на здравствените работници е темел на довербата во здравствениот систем и додаде дека општината континуирано вложува во подобрување на условите во здравството.

– Преку донација од Дирекцијата за заштита и спасување обезбедивме ново санитетско возило за итната медицинска служба, а во соработка со граѓанска организација набавен е дигитален апарат за далечинско следење на виталните функции на пациенти во домашни услови, кој му беше доделен на Здравствениот дом, рече Гоцевски.

Тој упати апел до менаџментот на установата за понатамошно инвестирање во нова медицинска опрема, со цел граѓаните да добиваат поквалитетни здравствени услуги без потреба од упатување во други центри.

Гоцевски информираше и дека општината обезбедува поддршка за уредување на дворот на Здравствениот дом, каде се гради парк посветен на Илчо Гоцевски, како место за одмор и подобрување на амбиентот околу установата.

На настанот се обрати и директорката на Здравствениот дом, д-р Билјана Ѓеоргиевска, која додели благодарници по повод празникот. За најхуман лекар е прогласена д-р Виолета Ѓорѓевска, специјалист трансфузиолог со 37-годишно работно искуство, додека признанија за најхумани медицински сестри добија Дафинка Славевска и Виолета Васевска од Делчево и Македонска Каменица.

Благодарници беа доделени и на пензионирани лекари кои со децении придонесувале во работата на установата. вс/

Фото: МИА
 
 
 

Остани поврзан