• четврток, 09 април 2026

Во Штип одбележан Светскиот ден на Ромите

Во Штип одбележан Светскиот ден на Ромите

Штип, 8 април 2026 (МИА) -Со интонирање на ромската химна, подигнување на ромското знаме, читање ромски творби и доделување ваучери во Општина Штип денеска се одбележа 8 Април – Светскиот ден на Ромите. Ерол Адемов советник за ромски прашања во Општина Штип истакна дека во фокусот и годинава беше образованието како клучен фактор за подобра иднина. Најуспешните основци, средношколци и студенти Роми добија вредносни ваучери, како признание за нивниот успех. 

-Во Општина Штип се организираше свечено одбележување на денот на Ромите, 8 април, каде што на јарбелот на општината беше поставено ромското знаме, во однос на одбележувањето на идентитетот на ромската заедница. Беа интонирани македонската и ромската химна. Исто така во свечената сала на Општина Штип се одржа настан каде што заедно со градоначалникот на Општината и соработниците, кажавме повеќе околу историјата на Ромите-вели Адемов.

Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов рече дека со цел поголема интеграција на ромската заедница, Општината ги наградува најуспешните ученици. Тој нагласи дека институциите работат на намалување на дискриминацијата. 

-Секоја година Општина Штип доделува признанија за најуспешните ученици во основните и средните училишта, како и на универзитетот, со цел да се мотивираат преку образованието, полесно да се интегрирааат сите претставници на ромската заедница во општеството. Верувам дека институциите работат на она што е како појава, а тоа е дискримнацијата на Ромите, подобрување на нивниот социо-економски статус-рече Јорданов.

Во текот на годината беше решено и станбеното прашање на над 40 семејства, кои живееја во субстандардни услови во објектите на старото Нервно одделение. Семејствата добија нови домови во типските куќи во населбата АСНОМ. Но, како што рече Адемов по ова прашање треба и понатаму да се работи, како и на подобрување на инфраструктурата. вдј/вг/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан