• среда, 08 април 2026

Општина Куманово и Асоцијацијата Алзас – Македонија (АЛМА) потпишаа Меморандум за соработка

Општина Куманово и Асоцијацијата Алзас – Македонија (АЛМА) потпишаа Меморандум за соработка

Куманово, 8 април 2026 (МИА) - Општина Куманово и Асоцијацијата Алзас – Македонија (АЛМА) денеска потпишаа Меморандум за соработка, во рамки на проект насочен кон подобрување на енергетската ефикасност во образовниот сектор и поттикнување културна размена, особено меѓу граѓани од маргинализирани заедници. Активностите веќе се реализираат во подрачното училиште при ООУ „Толи Зордумис“ во село Режановце, каде се преземени конкретни мерки за подобрување на условите за работа и настава.

Асоцијацијата АЛМА во соработка со Општина Куманово и локалната поддршка од Здружението за хумано домување Хабитат Македонија – Скопје, започна проект за подобрување на работните услови во ООУ „Толи Зордумис“ во село Режановце, преку мерки за енергетска ефикасност, кои се дел од програмата финансирана од регионот Гранд Ест, Франција.

- Започнавме заедничка соработка со нивната невладина организација којашто всушност преку проект за подобрување на енергетска ефикасност на градот и со заедничка сила и средства донирани од нивна страна и дел од општина Куманово успеавме да ги подобриме условите за учениците во ООУ „Толи Зордумис“, во подрачното училиште во село Режановце. Можеби ова е по вредност мал проект, но како гест е голем, на нас како град многу ни значи, особено што проектот го презентираме на 8 Април - Меѓународниот ден на Ромите-рече градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски.

Претседателот на асоцијацијата, Жак Шлеф, рече дека со години работат на проекти во областа на културата, спортот, економијата.

-Заеднички се вложивме во реализацијата на проектот заедно со здружението ДРОМ и со поддршка на Хабитат Македонија, за успешно да го реализираме проектот за подобрување на условите за работа во подрачното основно училиште во село Режановце. Овој проект и нашата соработка имаат и нематеријална, поголема вредност затоа што дојдовме со реномирани уметници кои доаѓаат од ромската заедница за да учествуваат на настанот кој многу успешно беше организиран вчеравечер по повод 8 Април-изјави Шлеф.

Директорот на училиштето, Дејан Младеновски вели дека проектот ќе ги подобри условите за работа во училиштето во кое настава следат 30-тина ученици. Инаку, во целото основно училиште има над 420 ученика кои следат настава на македонски и на албански наставен јазик.

Ова е прва соработка на Општина Куманово со француската Асоцијација АЛМА, со седиште во Стразбур, која има обемно портфолио на успешно спроведени проекти од хуманитарен карактер, во неколку општини во земјава: Скопје, Велес, Берово и Чашка.

Гградоначалникот на Куманово и претседател на ЗНАМ, Димитриевски, денеска изјави дека никогаш не би дозволил злоупотреба на деца за политички цели, одговарајќи на новинарски прашања во врска со неодамнешен настан во основно училиште.

Тој оцени дека обвинувањата доаѓаат од опозицијата, која, како што рече, се обидува да добие ситни политички поени. Според него, доколку некој смета дека има прекршување на законите, треба да се поведе соодветна постапка, по што, нагласи, и самиот би побарал одговорност. ам/вг/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан