Грција и САД ќе го одржат петтиот стратешки дијалог
- Петтиот круг од стратешкиот дијалог меѓу Грција и САД ќе се одржи денеска во Вашингтон, а шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис ќе се сретне со американскиот државен секретар Антони Блинкен, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 8 февруари 2024 (МИА) – Петтиот круг од стратешкиот дијалог меѓу Грција и САД ќе се одржи денеска во Вашингтон, а шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис ќе се сретне со американскиот државен секретар Антони Блинкен, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Министерството за надворешни работи на Грција соопштија дека на агендата на стратешкиот дијалог ќе бидат: регионалните случувања, одбраната и безбедноста, хуманитарните предизвици и подготвеност за справување со катастрофи, енергетиката и животната средина, борбата против тероризмот, трговијата и инвестициите, како и врските меѓу двата народи.
На состанокот од грчка страна ќе присуствуваат и замениците министри за надворешни работи, Александра Пападопулу и Костас Франкојанис.
Герапетритис и Блинкен по нивната средба ќе го потпишат актот за пристапување на Грција кон Договорите за вселенска соработка „Артемис“.
Четвртиот круг од стратешки дијалог меѓу двете земји се одржа лани во Атина. ср/ссм/