• среда, 10 јули 2024

Грузија ќе им обезбеди на своите вооружени сили се што им е потребно без помош од ЕУ, рече генералниот секретар на владејачката партија

Грузија ќе им обезбеди на своите вооружени сили се што им е потребно без помош од ЕУ, рече генералниот секретар на владејачката партија

Тбилиси, 10 јули 2024 (МИА) - Властите во Грузија ќе им обезбедат на своите вооружени сили се што им е потребно и покрај одлуката на Европската унија да ја замрзне распределбата на 30 милиони евра наменети за Министерството за одбрана на земјата, изјави генералниот секретар на владејачката партија „Грузиски сон - Демократска Грузија“ Каха Каладзе, пренесоа руските медиуми.

-Порано добивавме благодарност за тоа што нашата војска во мировните мисии е побројна од онаа на земјите на НАТО. И денес Европската унија излезе и вели дека ги укинува парите за армијата и им ги дава на [поранешниот грузиски омбудсман Нино] Ломџарија и [претставникот на невладината организација Еке] Гигаури. Армијата нема да изгуби ништо. Властите ќе сторат се што е можно за да се осигураат дека таа ќе има се што и е потребно за да биде најдобро, рече Каладзе.

Властите, наведе тој, го бранат суверенитетот на земјата, државноста и секој граѓанин.

-Никој нема да добие можност да ја украинизира земјата. Мирот ќе биде зачуван по цена на живот. Не планираме да се приклучиме на какви било санкции. Ни треба стабилност и развој на земјата, додаде Каладзе.

Амбасадорот на ЕУ во Тбилиси, Павел Херчински, вчера соопшти дека е донесена одлука за замрзнување на 30 милиони евра, кои требаше да бидат доделени на грузиското Министерство за одбрана. Херчински рече и дека е запрен процесот за приклучување на Грузија во ЕУ. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан