• четврток, 11 јули 2024

Задолжителниот воен рок германската економија може да ја чини и до 70 милијарди евра

Задолжителниот воен рок германската економија може да ја чини и до 70 милијарди евра

Берлин, 10 јули 2024 (МИА) - Германската економија би можела да плати огромна цена за воведување задолжителна воена служба, предупреди денеска Институтот ИФО (ifo), проценувајќи дека економската загуба може да достигне 70 милијарди евра.

Во зависност од сценариото, германскиот БДП може да се намали за еквивалент од три до 70 милијарди евра, пресметаа економистите на ИФО.

Воената обврска за сите млади луѓе на одредена возраст би значела пад на БДП за 1,6 отсто, односно за нешто под 70 милијарди евра. Една четвртина од генерацијата под воена служба би го намалила БДП за 0,4 отсто, односно за околу 17 милијарди евра, пресметале тие, потсетувајќи дека таков модел важел до укинувањето на задолжителната воена служба во 2011 година.

Според нивните пресметки, шведскиот модел на воена служба за пет отсто од припадниците на одредена генерација би чинел три милијарди евра, со пад на БДП за 0,1 отсто.

Трошоците би настанале првенствено затоа што младите подоцна би започнале со развој на човечки капитал и создавање средства, објаснува ИФО.

„Пологична алтернатива на воената служба би била да се доделат повеќе средства за Бундесверот за да стане поатрактивен работодавач“, предлагаат тие.

Така, повисоките плати за воените обврзници, на пример, би го оптоварувале буџетот, но трошоците за економијата би биле двојно помали, и тоа според сите три сценарија, нагласува Пану Поутваара, шеф на Центарот за меѓународна споредба на институциите и миграцијата на ИФО.

Законите дозволуваат повторно воведување задолжителен воен рок во случај на војна, а министерот за одбрана Борис Писториус неодамна претстави нов модел на воена служба за пополнување на редовите на Бундесверот, што предвидува испраќање прашалник за регистрација на воен рок за да се утврди колку млади луѓе се заинтересирани за доброволна војска.

Писториус го нарече моделот „селективен воен рок“ што ќе и овозможи на армијата да ги повикува само „најподготвените, најпогодните и најмотивираните“ за обука, а истиот ќе трае шест месеци, со можност за продолжување за уште 17 месеци. Министерството проценува дека Бундесверот би можел да регрутира 5.000 млади луѓе од следната година меѓу 400.000 кандидати од одредена генерација, според агенцијата ДПА.сд/

Остани поврзан