• четврток, 11 јули 2024

Вдовица на лидерот на Исламска држава, Абу Бакр ал- Багдади, осудена на смрт во Ирак поради соучесништво во злосторства врз жени Јазиди

Вдовица на лидерот на Исламска држава, Абу Бакр ал- Багдади, осудена на смрт во Ирак поради соучесништво во злосторства врз жени Јазиди

Багдад, 10 јули 2024 (МИА) - Ирачкиот суд денеска осуди на смрт една од вдовиците на поранешниот водач на Исламската држава (ИД) Абу Бакр ал-Багдади, поради тоа што била соучесник во злосторствата против жени Јазидите, кои ги заробила таа милитантна група.

Пресудата доаѓа во пресрет на одбележувањето на 10-годишнината откако ИД изврши серија напади врз припадниците на етничкото малцинство Јазиди во северниот регион Синџар во Ирак, при што беа убиени илјадници луѓе, а голем број жени и деца беа одведени во заробеништво каде беа изложени на трговија со луѓе и сексуална злоупотреба.

Обединетите нации објавија дека кампањата против Јазидите била геноцидна акција.

Во соопштението на Ирачкиот суд се вели дека Кривичниот суд во Карх ја осудил жената за „заклучување на жена Језиди во нејзината куќа“ и за олеснување на нивното киднапирање од „терористичките групи на ИД во областа Синџар“, објави државната ирачка новинска агенција. Исто така, се вели дека пресудата е донесена во согласност со ирачкиот антитерористички закон и „законот за преживеаните Јазиди“.

Во соопштението не се наведува името на обвинетата, но двајца анонимни судски службеници ја идентификуваа како Асма Мохамед, која беше уапсена во 2018 година во Турција. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан