• петок, 05 декември 2025

Голема акција за чистење во општина Кисела Вода

Голема акција за чистење во општина Кисела Вода

Скопје, 2 декември 2025 (МИА) - Од утрово, во координирана заедничка акција на Општина Кисела Вода, ЈП „Паркови и зеленило“ и ЈП „Комунална хигиена“, се спроведува големо чистење на јавните површини на територијата на општината. Акцијата го опфаќа потегот од крстосницата помеѓу „Народни херои“ и булевар „Борис Трајковски“ до кружниот тек во населбата Драчево.

Како што информираат од општината, со помош на метли, тримери и телескопски пили, се чистат зелените појаси, се кастрат гранки и се коси нараснатата тревна површина, а тротоарите и коловозите се метат со специјални метларки. Во рамки на акцијата, преку Секторот за месна самоуправа, Општина Кисела Вода ангажирала 40 сезонски работници кои активно се вклучени на терен.

-Хигиената во Општина Кисела Вода мора и ќе биде на високо ниво. Ваквите координирани акции ќе станат редовна пракса, бидејќи грижата за јавниот простор е наша обврска и одговорност. Денес на терен се вклучени сите -општинските служби, јавните претпријатија и сезонските работници, затоа што кога работиме заедно, ефектите се очигледни и опипливи. Но, грижата за чиста и уредна општина не завршува тука. Ги повикувам граѓаните да внимаваат на хигиената, да не фрлаат отпад и да се однесуваат одговорно, затоа што Кисела Вода е нашиот дом. Грижата за чистотата е грижа за самите себе, за нашето здравје и за квалитетот на животот кој сите го заслужуваме, изјавила градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска. свс/дма/

Фото: Општина Кисела Вода 

Остани поврзан