• петок, 22 ноември 2024

Врховниот суд на Пакистан и забрани на партијата на поранешниот премиер Имран Кан да учествува на изборите

Врховниот суд на Пакистан и забрани на партијата на поранешниот премиер Имран Кан да учествува на изборите

Исламабад, 14 јануари 2024 (МИА) - Врховниот суд на Пакистан и забрани на партијата на поранешниот премиер Имран Кан да учествува на изборите и одлуката е голем удар за партијата која сè уште е популарна меѓу народот.

Во одлуката објавена околу полноќ, Врховниот суд и забрани на партијата на Кан да го користи партискиот симбол- палката за крикет, на гласачките ливчиња поради неодржување задолжителни внатрепартиски избори. Одлуката значи дека стотици кандидати од пакистанскиот Техрик-е-Инсааф (ПТИ) ќе се натпреваруваат на изборите како независни и ќе им бидат доделени различни изборни симболи.

Овој потег веројатно ќе им отежне на повеќе од 100 милиони граѓани со право на глас да ги најдат своите фаворити на општите избори закажани за 8 февруари. 

Членовите на партијата ја осудија одлуката.

– Одлуката на највисокиот суд уште повеќе ги извалка овие лажни избори, изјави Зулфи Бухари, функционер на ПТИ и близок соработник на поранешниот премиер.

Минатиот месец изборните власти ја отфрлија кандидатурата на Кан за претстојните избори. Кан е во затвор од август, соочен со десетина обвиненија, од корупција до објавување тајна дипломатска кореспонденција.

Од друга страна, одлуката на највисокиот суд во земјата минатата недела му го отвори патот на поранешниот премиер Наваз Шариф да се кандидира за рекорден четврти мандат.

Шариф, кој трипати владееше со Пакистан, но никогаш не можеше да го заврши мандатот поради несогласувањата со моќната војска, повторно е фаворит, објави неговата партија минатиот месец. 

И Кан и Шариф доживеаја политички неуспеси откако паднаа во немилост кај моќните воени фигури.

Од основањето на државата во 1947 година, јужноазиската земја, која се наоѓа меѓу Индија и Авганистан, постојано доживува немири и нестабилност, а можната армија повеќе од половина од тоа време владееше со земјата. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан