• петок, 22 ноември 2024

Презентирани достигнувања и идни планови во рамки на проектот „Превенција и заштита од родово-базирано насилство во Северна Македонија“

Презентирани достигнувања и идни планови во рамки на проектот „Превенција и заштита од родово-базирано насилство во Северна Македонија“

Скопје, 28 март 2024 (МИА) - За првпат изработена програма за реинтеграција на жртви на насилство, утврден прв регистер на 33 обучувачи за обука на професионалци за мултисекторска соработка, изработени стандарди на професионалци за работа со сторители, направени анализи и препораки за подобрување на услугите за функционирање на СОС линиите за помош, како и континуирана кампања за промоција на услугите за жртвите. Ова беше само дел од изнесеното на денешниот настан во Скопје - „Има помош за живот без насилство“, каде беа презентирани достигнувања од проектот „Превенција и заштита од родово базирано насилство“ и плановите за иднината.

-Родовата еднаквост и правата на жените се клучни во нашата работа како амбасада во Северна Македонија, бидејќи родовата еднаквост значи слобода, го засилува просперитетот и приликите за трговска размена, ја зајакнува глобалната безбедност и гради отпорност. Треба да имаме заеднички пристап кон овие прашања и благодарен сум, што граѓанските организации и професионалците од институциите како од Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство и од Министерството за внатрешни работи, се придружуваат во оваа акција, се вели во изјавата на британскиот амбасадор Метју Лосон, прочитана на настанот.

Беше кажано дека Британската амбасада ги поддржува досегашните достигнувања на проектот, реализиран од страна на канцеларијата на Фондот за население на Обединетите Нации - УНФПА во Република Северна Македонија, со поддршка од страна на британската Влада.

На настанот беа презентирани следните чекори за унапредување на системот за заштита и превенција од родово-базирано и семејно насилство, преку досегашните достигнувања на проектот „Превенција и заштита од родово-базирано насилство во Северна Македонија“.

Афродита Шаља, шефица на канцеларијата на УНФПА во државава, покрај другото,  рече дека за првпат се изработи програма за реинтеграција на жртви.

 - Го утврдивме првиот регистер на 33 обучувачи за обука на професионалци за мултисекторска соработка, изработивме стандарди на професионалци за работа со сторители, го реплициравме моделот за шелтер - засолниште за жртви на семејно насилство преку соработка со партнери на локално ниво, направивме анализа и препораки за подобрување на услугите за функционирање на СОС линиите за помош на жртви на насилство како и континуирана кампања за промоција на услугите за жртви на насилство, нагласи Шаља.

Таа се осврна и на насилството преку интернет, кажувајќи дека дури 80 отсто од жените на светско ниво, пријавиле оти посведочиле онлајн насилство, а 40 проценти лично биле жртви.

Жаклина Гештаковска Алексовска, аналитичарка за програма за родови прашања при канцеларијата на УНФПА во државава, меѓу другото, подвлече дека благодарение на поддршката на Амбасадата на Обединетото Кралство, Фондот за население на Обединетите Нации го поддржа Министерството за труд и социјална политика, да го операционализира Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство.

На настанот беше промовиран документарниот филм „Излегувајќи од кругот“. бд/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан