• вторник, 02 јули 2024

Во Охрид 63. Издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри 

Во Охрид 63. Издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри 

Охрид, 1 јули 2024 (МИА) – Охрид од утревечер па се до 5 јули ќе биде домаќин на неколку реномирани фолклорни ансамбли и културно–уметнички друштва, во рамки на 63. издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри, една од најстарите и најреномираните манифестации од тој вид во земјава.

Самата фестивалска програма носи бројни настани и содржини.

За утре е предвидено отворање на традиционалната изложба „Моменти“, со фотографии на авторот Антонио Стојчески. Задутре од 19 часот ќе се одржува дефилето на учесниците на Фестивалот од пред Центарот за култура „Григор Прличев“, по што програмата ќе продолжи со свеченото отворање на фестивалот со настапот на Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“, на сцената „Долни Сарај“ од 20:30 часот.

За в четврток предвидени се настапите на „Севернашки ансамбл“ од Република Бугарија, КУД „Илинден“ од Битола со музичко-сценскиот проект „На Панигир“ – ора и песни од Јужномакедонска етнографска целина и Фолклорниот ансамбл „Љупчо Сантов“ од Оризари. Што че настапи со сплет на ора од Осоговијата.

На 5 јули на „Долни Сарај“ ќе настапат „Севернашки ансамбл“ од Бугарија, Фолклорното студио „Блажески“ од Скопје, Фолклорниот ансамбл „Бисери“ од Охрид, КУД „Круг“ од Сиднеј и КУД „Бенџо“ од Мелбурн, Австралија.
Влезот за сите настани е слободен, а aлтернативна сцена на „Долни Сарај“ е големата сала во НУЦК „Григор Прличев“ во Охрид.

Балканскиот фестивал на народни песни и игри е меѓународна фолкорна манифестација, основана 1962 година.

Првично фестивалот беше насловен „Охридски фестивал на аматерските ансамбли на народни песни и ора“, а првиот настан во рамки на манифестацијата се одржа на 20 јули 1962 година на Градскиот плоштад.

Од 1967 година Фестивалот добива концепција на него да учествуваат вокално-инструментални состави и солисти кои ќе го презентираат автентичното народно творештво и традиционалната култура низ ората, игрите, песните, обредите, обичаите, народните носии, инструментите што се употребуваат во музиката и ракотворбите.

Над дваесеттина години Балканскиот фестивал на народни песни и игри е член на двете асоцијации во рамките на УНЕСКО - Интернационалниот совет на организациите за фолкорни фестивали и фолкорна уметност и Меѓународната организација за фолкорна уметност. аб/дма/

фото/плакат

 

Остани поврзан