Изградба на стадионот во општина Илинден
- Општина Илинден во соработка со Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), почна изградба на фудбалски стадион, кој ќе се реализира во неколку фази. Увид во почетните работи, денеска направи градоначалникот на Општина Илинден Александар Георгиевски.
Скопје, 1 јули 2024 (МИА) - Општина Илинден во соработка со Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), почна изградба на фудбалски стадион, кој ќе се реализира во неколку фази. Увид во почетните работи, денеска направи градоначалникот на Општина Илинден Александар Георгиевски. Општината планира изградбата на стадионот да ја заврши до крајот на 2025 година.
Како што информираат од локалната самоуправа, во рамки на проектот во првата фаза ќе се изврши целосна промена на фудбалскиот терен со негово проширување и поставување на нова вештачка трева, поставување на дренажа и одводнување, со што ќе се добие професионална подлога за одржување на фудбалски натпревари.
- Дополнително со проектот е опфатено да се изградат соблекувални, административни и помошни простории, нова трибина со капацитет од околу 1000 гледачи, осветлување на фудбалскиот стадион, изградба на заштитна ограда околу стадионот, партерно уредување на просторот со паркинг места како и хортикултурно уредување на просторот на околу стадионот, соопштуваат од Општина Илинден.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски нагласи дека изградбата се одвива со предвидената динамика, додавајќи дека граѓаните на оваа општина и фудбалерите ќе добијат модерен и квалитетен фудбалски стадион на којшто ќе можат да се одржуваат натпревари од највисок ранг согласно критериумите и правилата на УЕФА.
Согласно предвидената динамика и активности сите овие градежни работи се планираат во фази да бидат реализирани до крајот на 2025 година.ир/нд
Фото: Општина Илинден