• вторник, 02 јули 2024

Проект на ЗКРСМ и на амбасада на Словенија „Образување и економско зајакнување на жените“

Проект на ЗКРСМ и на амбасада на Словенија „Образување и економско зајакнување на жените“

Куманово, 1 јули 2024 (МИА) - Занаетчиската комора (ЗКРСМ) и Aмбасадата на Словенија реализираат проект „Образување и економско зајакнување на жените“, информираа денеска од ЗКРСМ.

Преку проектот ќе се обезбедат обуки и менторство за жени кои сакаат да ги развијат своите вештини и да започнат или унапредат свој бизнис и да се зајакнат жените од ранливите групи (невработени жени, самохрани мајки, жени од рурални средини и други).

- Нашата цел е да им помогнеме на жените да ја постигнат својата финансиска независност и да го остварат својот потенцијал и да ги поттикнеме жените од целните групи да ги подобрат своите знаења и вештини во областа на пекарството. Оваа обука ќе им користи на околу 50 учесници. Проектните активности ќе бидат организирани во различни региони во Република Северна Македонија, со цел да се допрат до што поголем број жени. Проектот, кој е резултат на нашите долгогодишни истражувања и соработки, е дизајниран да ги охрабри жените од целните категории да ги зајакнат своите вештини и да започнат сопствен бизнис или да бидат вработени. Преку оваа иницијатива, се стремиме да ја зголемиме нивната независност во донесувањето на сопствени одлуки за нивните кариери и животи, изјави Јелена Спасова, извршен директор на ЗКРСМ

Договорот го потпишаа амбасадорот Грегор Прескер и претседателот на занаетчиската комора на Северна Македонија Агрон Фазлији.

Комората, појаснува Спасова идентификувала зголемена побарувачка за квалификувани пекари и кондитори на пазарот на трудот. Од друга страна, жените од целните групи сè уште се финансиски зависни од своите семејства или од државната поддршка.

- Затоа, овој проект е насочен кон намалување на овој јаз и израмнување на овие жени со вештини кои ќе ги направат попривлечни за пазарот на трудот. Веруваме дека преку овие активности, жените ќе станат финансиски независни, ќе добијат можности за кариера и ќе ја зголемат својата самодоверба. Ова ќе има директен позитивен влијание врз нивните животи, но исто така ќе придонесе за постигнување на целите поставени во неколку важни политички документи. Се радуваме на поддршката од нашите локални партнери и заедницата, и очекуваме овој проект да биде важен чекор кон поголема економска и социјална еднаквост во нашата земја, изјави Спасова.

Проектот е финансиски поддржан од Министерството за надворешни и европски работи на Република Словенија. ам/ир

Фото: Амбасада на Република Словенија

Остани поврзан