Во Охрид Регионална конференција за поголема инклузија на младите во општествените процеси
- Зајакнување на капацитетите на младите, подобрување на нивната благосостојба, нивно суштинско вклучување во креирањето на политиките и инклузија во општествените текови, се целите за кои се расправа на меѓународната конференција „Патишта до млади, мир и безбедност и жени, мир и безбедност: Регионални перспективи, искуства и знаења“ што во организација на Обединетите нации се одржува во Охрид.

Охрид, 8 април 2025 (МИА) – Зајакнување на капацитетите на младите, подобрување на нивната благосостојба, нивно суштинско вклучување во креирањето на политиките и инклузија во општествените текови, се целите за кои се расправа на меѓународната конференција „Патишта до млади, мир и безбедност и жени, мир и безбедност: Регионални перспективи, искуства и знаења“ што во организација на Обединетите нации се одржува во Охрид.
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, на отворањето на конференцијата истакна дека младите и жените се незаменливи столбови и носители на позитивните промени на секое современо општество, и оттаму активностите на Владата се насочени кон нивно активно вклучување во мировните и безбедносните процеси.
- Ние сме решени да ја продолжиме и интензивираме соработката со меѓународните партнери за реализација на глоаблните цели за мир, безбедност и еднаквост. Тоа не е само поддршка за младите и жените, туку обврска да бидеме активни учесници во решавањето на глобалните предизвици и во градењето побезбеден и пообединет свет, рече тој.
Како што беше истакнато на собирот, млади луѓе од регионот, претставници на централните и локалните власти, на младински совети, здруженија и мрежи во Охрид разговараат за нивните потребите во општеството, со цел проактивна вклученост во сите општествени па и политички процеси.
- Во регионот бројот млади опаѓа, а државите се соочуваат со предизвици на стареење на полулацијата, иселување, миграција на младината од село во град. Оттаму потребата предизвиците да се претворат во можности, да им се овозможи на младите да ги реализираат своите потенцијали на сите нивоа, од локално до национално ниво, рече Афродита Шаља, раководител на канцеларија на Фондот за население при ОН (УНФПА).
Предизвиците со кои се соочуваат младите се генерално идентични за сите држави од регионот па и пошироко, оттаму и регионалниот пристап во активностите за нивно идентификување и надминување.
- Политиките не се креираат за сега, туку за во иднина. без да знаеме кои ќе ни се потребите, не можеме да креираме политики. Секако дека мирот, стабилноста се клучни параметри за реализација на сечиј потенцијал, така и на младата популација, рече Шаља.
Во услови кога во светски рамки има повеќе од 50 конфликти со засегнати 90-тина држави членки на ОН. Од таа популација засегната во конфликтите проценета некаде на 1,8 милијарди луѓе, половината се млади луѓе.
- Оттаму важноста на нашите заложби како Обединетите нации и меѓународните агенции да работат на откривање на причините за конфликтите, утврдување на нивната етимологија. Овој собир е одлична можност за дискусија на таа тема. Како Агенција за развој и напредок на Обединетите нации остануваме посветени заедно со носителите на одлуки да ги откриваме причните за настанувањето на конфликтите, како секојдневните проблеми, економски причини, невработененоста, отсуство на социјална кохезија...Како УНДП остануваме посветени во работата со млади луѓе за што последните две години имаме инвестирано повеќе од два милиони долари во активности на млади луѓе, рече Ана Чернишова, заменичка на постојаниот претставник на УНДП во Северна Македонија.
Рита Колумбија, постојан координатор на ОН во земјава, од своја страна истакна дека социјалната кохезија е можеби најголемиот предизвик за сите држави во светот, вклучувајќи ги оние од Западен Балкан.
- Државите од регионот ги карактеризира изразена потреба од вклучување на младите во создавање услови на одржлив општествен развој, истакна таа.
Со собирот во Охрид стартува втората фаза од заедничкиот регионален проект на ОН „Младите за инклузија, еднаквост и доверба“, фокусиран на овластување на младите да водат позитивни промени и да ја зајакнат социјалната кохезија во општествата и заедниците во кои живеат низ регионот. На проектот преку активности на УНДП, УНФПА, УНЕСКО, UN Women и релевантни партнери од сферите на јавниот сектор, медиумите, граѓанското општество, академијата и културата заеднички со младите работат на подобрување на разбирањето и почитта кон различностите во регионот. аб/аа/
Фото: МИА