Во Кавадарци изложба на дела од ликовната уметница Јулијана Гешоска
- Изложба на триесетина дела од ликовната уметница Јулијана Гешоска, беше отворена синоќа во Музеј галеријата во Кавадарци. Директорот Јаким Зимоски, изрази задоволство што љубителите на уметноста можат да видат дел од творештвото на реномираната авторка.
Кавадарци, 15 ноември 2025 (МИА) - Изложба на триесетина дела од ликовната уметница Јулијана Гешоска, беше отворена синоќа во Музеј галеријата во Кавадарци. Директорот Јаким Зимоски, изрази задоволство што љубителите на уметноста можат да видат дел од творештвото на реномираната авторка.
Трајче Цветков, виш кустос историчар на уметност во Музејот, рече дека оваа изложба претставува средба со бојата, движењето и играта помеѓу нив.
-Ова е влегување во внатрешниот свет на сликарката. Во нејзините апстрактни композиции бојата е чиста материја на чувствата. Во сите тие динамични пресекувања на тонови и насоки се раѓаат делата кои допираат до нас, уште пред да ги разбериме. Гешоска твори не да го победи хаосот, туку да го претвори во една совршена хармонија, а сите нејзини линии се мисли и форми. Овде нема граница помеѓу апстрактното и реалното, се што гледаме е одраз на нејзиниот внатрешен свет на нејзиниот духовен простор. Простор каде не се создава со рационалност туку со неопходност. Чин на искреност, предавање и ослободување, истакна Цветков.

Тоа е, нагласи тој, сликарство што не се плаши од несреденоста, туку ја прифаќа како вистински одраз на животот.
- Јулијана успева да ја спои духовноста со материјалното, успева да не повлечи во својот ритам, за да не потсети дека уметноста не е украс, туку вистина. Дозволете ми да и се заблагодарам на уметничката која со секое свое дело ни подари дел од својата внатрешна светлина, дел што не се гледа, но длабоко се чуствува, рече Цветков.
Гешоска се заблагодари и подвлече дека после оваа изложба ќе произлезат и многу нови дела, инспирирани од прекрасните импресии од убавиот момент, споделен со љубителите на уметноста во Кавадарци. свд/сст/
Фото : МИА