• понеделник, 15 декември 2025

Во Делчево работилница на тема „Инвестирајте за да го спречите насилството врз жените и девојчињата“

Во Делчево работилница на тема „Инвестирајте за да го спречите насилството врз жените и девојчињата“

Делчево, 7 декември 2023 (МИА) - Во конгресната сала во гимназијата ,,Методи Митевски - Брицо" за насилството во сите форми денеска дебатираа учениците од Делчево со претставници од институциите во рамките на работилница на тема „Инвестирајте за да го спречите насилството врз жените и девојчињата“.

Работилницата беше организирана од Општина Делчево и заедничката програма на ЕУ и Советот на Европа РОМАКТЕД фаза 2 во соработка со Министерството за труд и социјална политика, а во неа активно учество имаа преставниците од ЦСР-Општина Делчево, ОВР-Делчево, КЕМ на Општина Делчево, како и ученици од двете основни училишта и Средното општинско училиште и стручните служби од училиштата.

Насилството, без разлика дали е врсничко или родово базирано, дали е физичко или психичко, или сајбер, е проблем за кој мора отворено да се разговара, да се инвестира во превенцијата, да се препознава и соодветно да се реагира кај стручните служби во училиштата или до институциите, порачаа учениците кои потенцираа дека сакаат живот без насилство.

Џулиета Мемедова од Општина Делчево нагласи дека во Република Северна Македонија, оваа година се постигнати значајни промени во доменот на Кривичниот законик со инкриминирање на различни форми на родово базирано насилство.

-Земајќи го предвид првиот извештај на ГРЕВИО кој се објави во септември оваа година, каде е повеќе пати нотирано дека во РСМ не се препознаваат различните форми на насилство врз жените и фокусот е речиси целосно на семејното насилство, овогодинешната кампања ја локализиравме на тој начин што ќе се фокусираме на подигнување на свеста за различните форми на насилство врз жените и заштитата од овие форми на насилство кои се препознаени со измените на КЗ, рече Мемедова.

Денешната активност е дел од глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“. вс/


Фото: МИА

Остани поврзан