• петок, 05 декември 2025

Во Делчево промоција на книгата „Ехо на љубовта“ од Никола Митовски во организација на Локален младински совет

Во Делчево промоција на книгата „Ехо на љубовта“ од Никола Митовски во организација на Локален младински совет

Делчево, 5 мај 2025 (МИА) - Во Делчево вечерва се одржа промоција на книгата ,,Ехо на љубовта" од авторот Никола Митовски од Крива Паланка. Настанот се одржа по повод Денот на македонскиот јазик и македонската азбука, во организација на Локалниот младински совет.

-Заедно со членови на Младински совет и Младинското собрание и јас како одговорно лице за млади од нашата Општина, решивме да креираме настан промоција на книга на млад автор, инаку исто член на Совет на млади од Крива Паланка. Мило ми е што се случуваат вакви активности,навистина се трудиме со младите и со поддршка на градоначалникот да креираме настани во интерес на младите, истакна Милена Багевска од Општина Делчево.

Авторот Никола Митовски се заблагодари за можноста во Делчево да ја промовира својата книга за која иснпирација црпи пред се од љубовта.

-Книгата е составена од 28 песни во три циклуси, напишани за 10 месеци. Инспирација црпам од се околу мене, од љубовта, од луѓето што доаѓаат и заминуваат, од древнните романси, истакна младиот автор.

За рецензентот на книгата Оливера Станковска, книгата претставува дело кое секој треба да го има во својата домашна библиотека. 

-Кога ја добив книгата во електронска форма сметав дека тоа ќе бидат лирски изблици на еден млад тинејџер. Меѓутоа на мое задоволство и на задоволство на читателите во рацете добив вистинско откровение каде Никола Митовски авторот на книгата љубовта ја става секогаш на пиедестал. Топло ја препорачувам на читателите да ја имаат во својата библиотека, додаде Станковска.

Поддршка за настанот членовите на Младинскиот совет добија од Јавната локална библиотека Илинден од Делчево чија директорка изрази задоволство што вочиталната на библиотеката се промовира дело на млад македонски автор. вс/

Фото: МИА

Остани поврзан