• четврток, 16 април 2026

Ќе се отстранува асфалтот на улицата „Моша Пијаде“ во Куманово

Ќе се отстранува асфалтот на улицата „Моша Пијаде“ во Куманово

Куманово, 15 април 2026 (МИА) - Општина Куманово, денеска ги информираше граѓаните дека во наредниот период ќе се отстранува постојаната асфалтната конструкција и ивичниците на улицата „Моша Пијаде“. Како што наведуваат од општината, отстранувањето ќе се врши по целата ширина на улицата и пристапот за возила на потегот од улицата „100“ до кружниот тек, ќе биде отежнат, сè до обезбедување на услови за повторно нормализирање на состојбата.

-Ова е неопходно заради намалување на ризици за безбедност при движење на граѓаните и возилата, како и заради безбедно и непречено извршување на градежните работи - наведуваат од општината.

Воедно, известуваат дека во согласност со сопствениците, за потребите и процесот на реализација на проектот, парцелите на потегот од објектот на ЈОУ Детска градинка „Ангел Шајче“ кон раскрсницата со кружен тек, кои се неизградени, ќе се користат за одложување на материјал, кој ќе биде вграден согласно проектот (цевки, ивичници и слично). Заради тоа, потребно е да се стабилизира и уреди земјената површина на парцелите, со употреба на локалниот материјал. По завршување на градежните работи, парцелите ќе се исчистат и ќе се вратат во претходна состојба, од страна на изведувачот.

Реконструкцијата се спроведува во неколку фази што придонесува за привремени застои, но обезбедува долгорочна функционалност на сообраќајницата. Претходно, беше поставена водоводната инсталација, следува атмосферската канализација и горниот слој.

Во рамки на проектот Општина Куманово располага со околу два милиона евра обезбедени од Светска банка. Досега, како што соопштија надлежните искористени се околу 1,3 милиони евра, остануваат околу 700.000 евра. Проектот како што претходно објаснија од општината вклучува реконструкција на фекална и водоводна мрежа на дел од улицата од почетокот сè до крстосницата со улицата „Пиринска Македонија“ околу 490 метри. Средствата за уредување на подземната инфраструктура се обезбедени од буџетот на општина Куманово, односно за атмосферска канализација која ќе се спроведува во два дела и реконструкција на постоечката долж целата улица, 1.400 метри. ам/вј/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан