• четврток, 16 април 2026

Гостивар: Семејното насилство и бездомните кучиња, тема на Локалниот совет за превенција

Гостивар: Семејното насилство и  бездомните кучиња, тема на Локалниот совет за превенција

Гостивар, 15 април 2026 (МИА) - Локалниот совет за превенција (ЛСП) во општина Гостивар, на 4-тата седница ги разгледа состојбите со семејното насилство и бездомните кучиња во општина Гостивар.

Со седницата раководеше градоначалникот Ваљбон Лимани кој во воведното обраќање напомена дека ова се појави за кои треба да се дискутира почесто и така да се делува во појавата на потешки последици.

Учесниците кои главно беа претставници на институции од правосудниот систем, безбедноста, социјални служби и невладини организации оценија дека главни фактори кои поттикнуваат семејно насилство се злоупотребата на дроги, алкохол и коцкањето. Годинава не бил регистриран фемицид, но пак имало случај син во насилство да го убие таткото.

Во дискусијата, инспектори од Одделение за внатрешни работи – Гостивар појавата на семејно насилство во овој дел од земјата останува ја оценија како загрижувачки и распространет феномен и како што рече командирот на полициската станица Гостивар, Адиљ Адеми, бара зголемен институционален и општествен ангажман за негова превенција и третман.

Тој пренесе дел од статистиката, според која во 2024 година евидентирани се 60 случаи, што претставува зголемување од 15% во споредба со претходната година. Додека во минатата 2025 година забележан е пад 8%, а 2026 година повторно се евидентира раст од 12%.

- Анализата покажува дека мнозинството од сторителите се мажи (околу 80%), додека најчести жртви се жени (околу 85%). Главните фактори ги вклучуваат злоупотребата на алкохол, психолошките проблеми и зголемената иритабилност, рече Адиљ Адеми командир на ПС Гостивар.

Процесирањето на случаите на семејно насилство пред правосудните органи е многу значајно, бидејќи како што кажаа дел од дискутантите, брзото и ефикасно казнување делува во насока на одвраќање на можните сторители. Претседателот на Основен суд Гостивар Елјеса Алији кажа дека минатата и оваа година работеле на десетина предмети, а за еден случај има и пресуда од девет години.

Во општина Гостивар веќе две години има лиценциран Центар за згрижување на жртви на семејно насилство, но неговото функционирање е отежнато. Себаете Зенку од НВО Етика која раководи со центарот посочи дека освен на жените потребно е и децата да добиваат третман. Од 2024 година, таму биле згрижени 20 жени и околу 40 деца.

- Ова е алармантна бројка и како проблем не можеме сами да го неутрализираме, ниту Центрите за социјална работа во Гостивар или полицијата со кои имаме одлична соработка. Потребна е поширока и покоординирана соработка, не само на локално ниво, туку и на централно ниво. Како Шелтер-центар имаме минимална финансиска поддршка од Министерството. Досега финансиски ни помогнала само Општина Гостивар и Тетово со многу минимален износ, рече Зенку.

Таа констатираше дека во Шелтер-центар, жртвите на доаѓаат само за поддршка туку да бидат згрижени и да најдат емоционална поддршка, да најдат сила. Претставнички од НВО ХЕРА од Скопје понудија помош во справувањето со проблемите низ кои поминуваат жртвите и посочија дека е неопходно да се соработува на повеќе нивоа.

Советот донесе заклучок за да се следат состојбите и локалната самоуправа да започне со иницијатива за кампања за подигање на свеста и почести средби за да се следи појавата со семејно насилство. згм/сст/

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан