• петок, 17 април 2026

Средното училиште „Методи Митевски-Брицо“ од Делчево одбележа 65 години постоење

Средното училиште „Методи Митевски-Брицо“ од Делчево одбележа 65 години постоење

Делчево, 15 април 2026 (МИА) – Со пригодна свеченост, Средното општинско училиште „Методи Митевски-Брицо“ во Делчево одбележа 65 години постоење, како и патрониот празник посветен на раѓањето на својот патрон.

Директорката на училиштето, Марина Синадиновски, во своето обраќање истакна дека изминатите шест и пол децении претставуваат период на посветена работа, создавање и едукација на генерации млади луѓе.

– Денес сме исполнети со чест и привилегија да одбележиме значаен јубилеј – 65 години постоење на нашата гимназија и 102 години од раѓањето на нашиот патрон. Ова се години на образование и создавање генерации кои со својата работа ја градат иднината на општеството, рече Синадиновски.

Таа додаде дека училиштето низ годините оставило значаен белег во развојот на градот и пошироко, благодарение на посветеноста на учениците, професорите и вработените.

Во рамки на свеченоста, свое обраќање имаше и градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, кој најави активности за подобрување на условите во училиштето, со акцент на санирање на игралиштето во училишниот двор.

Настанот беше збогатен со доделување награди од литературен конкурс посветен на ликот и делото на Методи Митевски-Брицо, театарска претстава подготвена од учениците, како и модна ревија.

Одбележувањето на патрониот празник продолжува и утре со спортски натпревари во кои ќе учествуваат учениците од училиштето. вс/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан