• петок, 22 ноември 2024

Водата во Охридското Езеро со одличен квалитет и безбедна за спорт и рекреација

Водата во Охридското Езеро со одличен квалитет и безбедна за спорт и рекреација

Охрид, 11 јуни 2024 (МИА) – Водата во Охридското Езеро е микробиолошки и хемиски исправна и со највисок квалитет, односно од прва категорија и тоа на сите примероци земени на потегот од Свети Наум до Радожда. Тоа го покажуваат анализите што секоја година во овој период пред летната туристичка сезона ги спроведува Центарот за јавно здравје во Охрид.

Според она што беше кажано на денешната прес-конференција, она што постојано е јавува како проблем е квалитетот на водата од реките на езерскиот слив, каде се забележува деградација и загадување на реките Велгошка, Сатеска и Коселска, со незадоволителни микробиолошки параметри и хемиска категоризација од трета класа. Како такви тие се најголеми загадувачи на езерото.

- Критична точка има и кај мостот на Студенчишкиот канал, каде години наназад во водата се одливаат фекалии од цевка на канализицискиот систем. Квалитетот на водата од примерокот земен од цевката е од петта категорија, додека примерокот на водата кај во каналот на тоа место е хемиски е од трета категорија, незадоволителен микробиолошки, посочи Сашо Точков од Центарот за јавно здравје во Охрид.

Високата моќ на самопрочистување на езерото резултира со одличен квалитет на водата во Охридското Езеро, така што се исполнети сите предвидени стандарди за спорт и рекреација.

Што се однесува на струшкиот дел од крајбрежјето што се уште не е вклучено во колекторскот систем за собирање и третман на отпадните води, водата сега е одлична според квалитетот, но се очекува како и изминатите години во летниот период да дојде до деградација во квалитетот, пред се поради зголемениот број посетители во тој дел од езерото.

- Фекалната вода од канализациите од објектите, населбите што не се вклучени во колекторот понира и ги загадува подземните води и езерото, еко-системот што има ограничен капацитет за прием и самопрочистување... Тој капацитет одамна е надминат, така што мора надлежните да размислуваат за во иднина и да се менува нешто во тој дел , истакна Точков.

Како што беше посочено, Колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро проектиран за опслужување некаде 30 илјади жители сега истиот опслужува над 50 илјади лица и десетици илјади туристи во летниот период, што јасно покажува дека неговото оптеретување е многу поголемо од допуштеното. аб/са/

фото/МИА

Остани поврзан